Во Скопје, на 3 октомври (петок), со почеток во 19 часот, во кафулето „Бифе Тафталиџе“, ќе се одржи промоција на книгата „Светило на врв планина“ – првото илустрирано и адаптирано житие за деца за македонски светител.

Делото е посветено на Света Спаса Вишенска и има цел да ја доближи нејзината животна приказна до најмладата читателска публика преку едноставен и достапен јазик, збогатен со илустрации.

Автор на книгата е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите ги изработи уметницата Викторија Попоска.

Промотори на книгата ќе бидат отец Александар Димоски, отец Александар Крстаноски и новинарот Горан Величковски.

Според уредникот на книгата, отец Александар Димоски, мотивацијата за создавање на ова дело произлегла од потребата содржините од духовното и културното наследство да станат разбирливи, блиски и инспиративни за децата.

– Можеби не многу голема по обем, но непрегледна по содржина, неоценлива според значењето и благословена во намерата, сликовницата „Светило на врв планина“ сигурно ќе стане нечие детско Евангелие – истакнува отец Димоски.

Во предговорот на книгата тој дополнува: „Страниците на книгата што ја држите во рацете не раскажуваат нешто измислено, ниту пренесуваат сказна или бајка, туку сè што ќе прочитате и видите тука е вистина, вистина за која и децата се повикани да сведочат и да ја пренесат на своите родители и пријатели.“

Книгата е реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам. Промоцијата на книгата е отворена за јавноста.