Слики и цртежи на ликовната уметница Билјана Каевиќ ќе бидат презентирани вечерва на изложба која во 20,30 часот ќе биде отворена во Националната галерија на Македонија, објект „Чифте-амам“

Уметницата, следејќи го, пред се', личниот сензибилитет, низ призмата на духовното и емотивното, со посветеност и сконцентрираност наметнува и разработува комплексни ликовни проблеми, со чија помош ги гради своите дела (слики, цртежи и објекти) длабоко втемелени во еден непрекинат процес на лична интроспекција.

При оваа презентација е посочено дека нејзиното творештво кое е метафорично во своето емотивно спознание, следејќи ја играта на евокативното, таинственото и магичното, во својата суштина се доближува и истовремено доминантно се определува како своевидно поетско искуство. (К.Р.)