На јубилејното 30-то издание на Скопско лето, во десетина културни простори и под отворено небо, во Скопје ќе настапат околу 2.000 уметници од кај нас и од петнаесетина земји од светот

Повеќе од 2.000 ликовни, музички, театарски уметници, популарни музичари и етно изведувачи ќе настапат на јубилејното 30-то издание на Скопско лето, кое ќе почне в недела, а ќе трае до 31 јули. Манифестацијата свечено ќе биде отворена со настап на Македонската опера и балет, чиј ансамбл ќе ја изведе операта „Плаштот“ од Џакомо Пучини на кејот, покрај Камени мост. Симон Трпчески и пријателите, венецуелскиот диригент Илич Ривас, Драмски театар, Македонската опера и балет ќе бидат дел од ансамблите и уметниците што ќе се претстават пред публиката во нашиот главен град. Од Дирекцијата за култура и уметност, организатори на манифестацијата, најавуваат повеќе од 60 претстави, концерти, изложби, промоции, перформанси. Ќе преовладуваат домашни изведби, а ќе има и дваесетина гостувања на оркестри, солисти, уметници и од Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Унгарија.

Мултимедиjални изведби на отворено

Организаторите најавуваат мултимедијални изведби на отворено, ретроспективни навраќања кон триесетгодишната традиција на манифестацијата и бесплатни влезници. Според Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност, со Скопско лето се продолжува културната сезона во градот. Една од придобивките од изминатите три децении е што Скопско лето, иако почна ненаметливо, стана незаобиколив дел од културното живеење во главниот град. Манифестацијата е еден од главните културни маркери за публиката. Уметниците, поединечно, како и самите институции прифатија и сфатија дека оваа манифестација му е потребна на Скопје и ја заслужува. Ако почна како своевидно освежување, забава за граѓаните, со фолклорни концерти и перформанси, Скопско лето денес прерасна во сезона надвор од редовната културна сезона. Во годините што следат се' повеќе ќе му се посветиме на современиот уметнички израз со кој ќе се отсликува духот на времето што го живееме - вели Глигоров.

Традиционално и годинава поголемиот дел од изведбите ќе бидат на отворени локации како скопската Стара чаршија, Куршумли ан, Сули ан, плоштадот и улицата „Македонија“, летното кино во Градскиот парк, платото пред Домот на АРМ. Тие локации се резервирани за концерти со класична и современа музика, театарски претстави, филмски проекции, перформанси, фолклорни изведби. Повеќето од изложбите, рециталите и дел од претставите ќе се одржат во Музејот на град Скопје, Даут-пашиниот амам, Чифте амам, Драмскиот театар, салонот на Македонската опера и балет, Културниот центар „Мала станица“ и во хотелите „Арка“ и „Континентал“.

Без „Блуз и соул“ фестивалот

Популарниот фестивал „Блуз и соул“ годинава ќе го нема во рамките на Скопското лето. Причина е намалениот буџет на Дирекцијата. Организаторите сепак најавуваат дека фестивалот ќе се одржи, но наесен. Глигоров вели дека во тој период ќе се отворат можности за соработка и со други слични музички манифестации.

- Заради концентрацијата во програмата на Скопско лето и ограничените финансиски можности, блуз-фестивалот годинава ќе го изземеме од периодот кога ќе се случува Скопско лето. Сепак планираме да го реализираме наесен. Не се откажува. „Блуз и соул“ фестивалот е еден од заштитените брендови на Дирекцијата за култура и уметност, единствена манифестација од таков тип во нашата земја и сигурно дека ќе ја продолжиме - рече Глигоров.

Тој истакна дека фестивалот ќе остане на две вечери, а неговото проширување ќе зависи од тоа со колку пари ќе располага Дирекцијата.Буџетот на Скопско лето годинава е околу 3.5 милиони денари. Градот Скопје ја поддржува манифестацијата со 1.5 милиони денари, а од Министерството за култура директната парична поддршка е 500.000 денари. Поради актуелната економска криза, спонзорите ја намалиле паричната поддршка за манифестација.

Тоше Огњанов