НАГОЛЕМО СЕ ПОДГОТВУВААТ ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО РУСИЈА

Реномирани македонски уметници на престижните руски сцени



Концерт на Ана и Игор Дурловски и Благој Нацоски во престижниот конзерваториум „Чајковски“ во Москва, изложба на дела од уметникот Владимир Георгиевски во Меморијалниот музеј на писателот Фјодор Михајлович Достоевски во Санкт Петербург и изведба на претставата „Опасни врски“ на Битолскиот театар на сцената на реномираната театарска институција „Вера Фјодоровна Комисаржевскаја“ е програмата за манифестацијата Денови на македонската култура во Руската Федерација. Ќе се одржи од 15 до 18 октомври во двата руски града Москва и Санкт Петербург.



Одбрана програма

Министерството за култура ја организира манифестацијата по повод потпишувањето на Програмата за соработка меѓу Македонија и Русија за периодот од 2011 до 2015 година. Новата програма ќе ја потпишат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и министерот за култура на Руската Федерација, Александер Авдејев.

- Потпишувањето на Програмата ќе овозможи материјализација на заложбите на Република Македонија и на Русија за интензивна комуникација, зголемување на соработката меѓу институциите од областа на културата, размена на искуства и афирмирање на културните вредности на двете земји - велат од ресорното министерство.

Брачниот оперски пар Дурловски и нашиот тенор Благој Нацоски, кој живее и работи во Италија, ќе настапат во престижниот конзерваториум „Чајковски“ каде што настапувале композитори како Клод Дебиси, диригентите Леонард Бернштајн и Херберт фон Карајан, виолинистот Фриц Крајслер и виолончелистот Пабло Казалс. Нашите оперски уметници ќе настапат заедно со Московската филхармонија. На концертот ќе бидат исполнети класични композиции, дела од руски автори и македонски композиции. Во Меморијалниот музеј на писателот Фјодор Михајлович Достоевски во Санкт Петербург ќе биде поставена изложбата на дела од Георгиевски. Во Санкт Петербург на сцената на реномираната театарска институција „Вера Фјодоровна Комисаржевскаја“ ќе настапи и Битолскиот театар. Таму ќе ја изведат претставата „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло во режија на Дејан Пројковски. Станува збор за претстава која зборува за вечниот обид да се спојат машкиот и женскиот принцип, обидот за нивна алхемија, за претворањето на љубовта во страст, страста во болка, животот во разочарување. Претставата се обидува да одговори на прашањето каде живее љубовта, ја открива ли некој вистински љубовта и на некој начин зборува за општествените и моралните норми кои секое општество, секоја нова генерација ги создава или продолжува да ги игра.



Културни центри во двете земји

Од Министерството за култура информираат дека годинава, во согласност со Годишната програма, планирано е отворање културни центри кај нас и во Руската Федерација како резултат на големиот број активности што се реализираат во двете земји.

Македонија и Руската Федерација и досега имаа соработка во областа на културата. Пред две години Владата на нашата земја и Владата на Руската Федерација потпишаа Програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот за периодот 2009-2011 година. Во изминатиов период беше претставено македонското издаваштво на меѓународниот саем на книгата во Москва. Во Руската Федерација ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш имаше промоција на книгата „Современа македонска драма“ и на посебното издание на неговата драма „Р“ во превод на Олга Панкина. Во нашата земја, пак, беа реализирани Деновите на руската духовна култура во Македонија во чии рамки се претставија Московскиот синодален хор, балетските солисти од театарот „Бољшој“ и триото „Реликт“. (М.Л.)