Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 16 декември 2011 година (петок) во 20 часот ќе се отвори изложба на Васко Ристовски со наслов „Пејзажи и  портрети.“
Особеноста на делата претставени на најновата изложба на Васко Ристовски е резултат на фактот дека пред нас е прикажан опусот на еден од ретките автори во Македонија што се занимаваат со уметноста детерминирана под поимот наива. Земајќи ги предвид различните елементи што се однесуваат на дефиницијата на овој правец во пошироки рамки на историјата на уметноста, за творештвото на Васко Ристовски од аспект на формалните ликовни елементи (техника, колорит, перспектива итн.), стилот и тематиката, може да заклучиме дека е инспирирано од спецификите на хрватската наива. 
Секако дека овој љубопитен уметник не се задржува строго во овие рамки; во неговите слики се чувствува особен афинитет кон класичното (рано) ренесансно, барокно и фламанското сликарство. Во дадениот случај реферирам на Караваџовскиот третман на психичката состојба на човекот и драматичната употреба на светло во ноќен внатрешен (со вештачки извор на светлина) и надворешен (со повеќе светлосни извори) амбиент; како и на Бројгеловите пејзажи, зимски амбиенти и особено детализирани масовни жанр-сцени... Почитувајќи ги правилата на наивната уметност, авторот внесува и свои елементи што се однесуваат пред сè на суптилни ненаметливи етнолошки специфики на нашето поднебје (конфигурација на пејзаж, екстериер, растителен свет, облека...), но делата го задржуваат универзалниот призвук.
Од тематски аспект, Васко Ристовски е воедно портретист, пејзажист и сликар на мртва природа. Во манир на споменатата хрватска наива, со изострено чувство за детали, сложени композиции и впечатливо богат колорит, тој слика комплексни сцени од секојдневниот селски живот, поставени во различни годишни времиња и период на денот, но и осамени драматични пејзажи, исклучително експресивни портрети и смирени мртви природи. Во поглед на техниката, без двоумење може да се каже дека во текот на својата 20 годишна работа, Васко Ристовски останува доследен на техниката масло на стакло, која за него претставува “предизвик што бара постојано усовршување“. Овој технички предизвик, од своја страна, значи и стремеж кон константно развивање на својата индивидуална креација.
Сликите претставени на оваа изложба се изработени доминантно во изминатите неколку години. Во нив секогаш се чувствува присуството на човекот, дури и кога тој не е претставен. Секоја од сликите на Васко Ристовски функционира како одвоен лирски меланхоличен микросвет со сопствена приказна чие комплетно исчитување бара сериозно задлабочување во слоевите на она што е претставено и видливо (личности, предмети, ситуации, природа...), но и навестено. Иако на прв поглед делата се одликуваат со питома изразност, авторот инсистира на моментот на навестување и исчекување, при што создава исклучителна емоционална тензија што не ретко преминува во драма. Спротиставените ликовни/стилски елементи, како што се контрастот на лирската наспроти драматичната експресија, емотивниот набој наспроти опсесивната посветеност на деталите и настојувањето да се постигне совршенство во техничкиот израз, се сублимирани моменти според кои го вреднуваме ова, во суштина, хуманистичко творештво.

Национална галерија на Македонија

 


Биографија

Васко Ристовски е сликар на наивата од Македонија. Тој е роден во 1967 година во Скопје, Република Македонија. Дипломира на Земјоделскиот факултер при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1991 година. Со сликарство се занимава од 1995 година. Работи масло на стакло.

Самостојни изложби:
2011 Скопје, Национална галерија на Македонија, објект Чифте амам
2008 Скопје, Галерија Оливер
2004 Скопје, Музеј на град Скопје
2002 Скопје, Галерија КО-РА
2001 Белград (Србија), (со Зузана Холубекова), Галерија Никола Пашиќ

Групни изложби:
2001 Скопје, Галерија КО-РА
 Јагодина (Србија), 10то Меѓународно биенале на наивната и  маргинализирана уметност, Музеј на наивната и маргинализирана  уметност
 
Ликовни колонии:
2003 Заечар (Србија), 15та Ликовна колонија на наивните уметници  “Зајечар 2003“, Галерија на Задужбина Николе Пашиќа
 Нови Сад (Србија), ....