На 20 декември 2011 (вторник), во 20:00 часот во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе ја отвориме ретроспективната изложба на академскиот уметник Доне Милјановски.
Со оваа изложба ќе се апострофира значење, улогата и позицијата на овој значаен уметник во формирањето на ликот на македонската современа сцена, особено во 70-те и 80-те години.
Доне Милјановски е автор кој веќе скоро 45 години твори плодотворно, создавајќи богат опус на дела во различни ликовни дисциплини и техники и тоа таписерии, цртежи, графики, слики, илустрации, сценографии, костимографии, дизајн. Еден од најзначајните домени во кои тој твори, а кои се сметаат кај нас за едни од изумрените медиуми на уметничка експлорација е таписеријата. По делата создадени во овој  медиум Милјановски е препознатлив и во него има постигнато значајни резултати не само на тлото на Македонија, туку и пошироко, како во екс  југословенскиот простор, Европа, светот. Оваа ретроспектива се обидува да дае еден поопширен пресек на достигнувањата на Милјановски во сите ликовни сегменти во кои се опробал, а монографскиот каталог ги одредува сите значајни пунктови во кои можеме да следиме континуиран раст на авторот со пунктуација на најзабележителните сегменти во уметничкиот развој на Доне Милјановски.
Со оваа изложба Националната галерија на Македонија ќе издаде и луксузна монографија посветена на животот и делото на овој еминентен уметник која ќе биде разубавена со богат илустративен материјал.


Со почит

Национална галерија
на Македонија