По повод 25 години од објавувањето на првиот наслов, Издавачката куќа „Ѓурѓа“, на Меѓународниот саем на книгата во Скопје, на читателите ќе им се претстави со 100 нови наслови распределени во повеќе едиции од областа на книжевноста и филозофијата. Така, во едицијата Magna idea na читателите ќе им ги претставиме најзначајните дела на низа великани чии визии го промениле светот. Големи мислители, мисионери и визионери кои ја шокирале и ја менувале цивилизацијата и помогнале да станеме тоа што сме. Дела кои со своите вонвременски вредности го трасираат патот кон сознанието. Автори кои поучуваат, провоцираат, интригираат и отвораат полемики, како што се Сун Цу, Аристотел, Демостен, Марк Аврелиј, Николо Макијавели, Томазо Кампанела, Рене Декарт, Фридрих Ниче, Спиноза, Пруст, Раскин и други.
 
Едицијата Amor magnus ги претставува безвремените книжевни и научни ремек-дела во кои на импресивен начин се насликани сите лица на љубовта: нежна и опасна, реална и волшебна, таа е и болест и лек. Љубовта останува магија која нѐ прави она што сме – луѓе! Читателите прв пат на македонски ќе можат да се сретнат со наслови од Томас Харди, Абелоар и Елоиза, Хенри Милер, Сорен Кјеркегор, Казанова, Кетрин Менсфилд и многу други, кои ги напишале најубавите страници за љубовта во светската книжевност.
 
Во најновата едиција „Белата гулабица“ ќе бидат издадени 500 најзначајни дела од белетристиката на источната и  западната култура. За овогодишниот саем од печат веќе излегоа „Гитанџали“ од Рабиндранат Тагоре, „Мојата вера“ од Херман Хесе, „Дамата со камелии“ од Александар Дима Синот, „Синови“ од Франц Кафка, „Синови и љубовници“ од Дејвид Х. Лоренс, „Марио и магионичарот“ од Томас Ман и „Луѓето од Селдвил“ од Готфрид Келер.
 
По повод јубилејот и за време на одржувањето на Саемот на книгата, сите изданија на „Ѓурѓа“ ќе се продаваат по 100 денари.