ОД МАСКА ДО СЛИЧНОСТ


Се воведе нова програма во училиштата во Македонија. Деветгодишно образование. Ако зборот образование сѐ уште се применува во својата изворна смисол.  Децата треба да учат, да знаат. Секаде во светот, па и кај нас. Тоа не е ништо ново. Но, програмите  во училиштата се нови. Зошто? 
 Со образованието децата треба да пораснат во зрели личности. Бидејќи зборот образ значи лик, така ние ги сликаме, изградуваме, исполнуваме, вообличуваме децата. Човекот е многу сложен. Постои разумска интелегенција и емоционална интелегенција, социјална интелегенција. Професионална интелегенција и интуиција. Како ние во училиштата го изведуваме овој процес?
Воспитание пак, од старословенски питание, значи хранење. Знаеме колку хранењето е префинет и софистициран процес. Светот не е монотон затоа што во него постои различие. Многу народи, раси, религии. Кога не би било така би било досадно. Од секој можеш да научиш нешто. Но, прво мораш да го знаеш своето. Поаѓајки од знаењето кое ти го дало твоето предание кое претставува основа, доаѓаш до нови созанија и напредуваш и го продлабочуваш знаењето. Или треба сè да негираме, по ред?! Воспитанието е премин од просто кон сложено, од ниско кон високо, од примитивно кон возвишено, од душевно кон духовно, на детето со родителот, согласно православното предание или психологија.
Светот се стреми кон постигнување на се поголеми знаења. Науката сака да го допре божественото. Тоа е во ред, така треба. Следствено, изумени се разни методи на постигнување на истото. Човекот сака да го допре Бога. А, нашите деца учат во секуларни училишта по педестгодишното социјалистичко управување, по истиот терк.  Етиката како философска дисциплина  е достапна на децата. Супер. Какво општество сакаме да создадеме, дали некој знае?!

    Во вакви услови во кои се наоѓаме и живееме и методите во образование треба да се прилагодени на реалноста, која е доста сложена, комплексна. Алудирам на правото на избор. Значи задолжително образование треба да има, но, воедно и право на избор на избор на методите и обликот.  Не може да се наметне ист аршин за сите. Можеби тоа е потешко но, на подолги патеки е посигурно и поделотворно. Во меѓувреме насилството и неморалот во училиштата цветаат, за причините не се разговара...  Никој не покажува накај решението, кое ни е пред нос. Браво за Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, можеби-и сигурно-сакаат да постигнат највисоки резултати но, тоа што го применуваат како начин и метод е секако подложно на дебата. Кои се аргументите? Одвоеност на Црквата од државата? Сексуално образование?! Па зарем верните не се гласачи, даночни обврзници! Колку има христијани во Македонија?! И со нивните пари, луѓето за кои гласале, или тие што работат посредно-за изгласаните- ги воспитуваат децата, како?!
Се користат искуствата од Америка и Европа. Во ред. Токму таму сега сексуалното воспитување, бидејќи даде спротивни/непосакувани резултати, се исфрла. Проверете. Се зголеми бројот на абортуси, полови болести, според најновите испитувања ниедно т.н. контрацептивно средство не гарантира безбедност, или здравје. Ниедно. Повеќето не се ниту 50% ефикасни. Имено, сега во Америка се вложуваат огромни финансиски средства за воведување на целомудрието како начин на постоење/живеење на младите. Но, за тоа во друг текст. Што друго за нашава тема?! Подолго време на училиште, задолжителна градинка од пет години, или?  Но, во сево ова дали се слуша гласот на родителот? Родителот е свесен дека се помалку се обрнува внимание на неговото дете а, се повеќе се оди кон исполнување на формата, која доаѓа наметната зошто условите не се исполнети. Децата се ставааат меѓу менгеме и наковална, сите грешки и неправилности на системот кој едвам функционира паѓаат на нивниот грб. Потоа се прашуваме, зошто имаме сколиоза-крив рбет-од рана возраст?! Родителите секако го сакаат најдоброто за своите деца. Дали новата програма, деветгодишното образование се воведе во вистинскиот момент и дали се исполнија условите истата да се применува? Што му фалеше на забавиштето од шест години, а прво одделение на седум?! Тоа било минато, велат, децата треба да поминуваат се повеќе време на училиште! Не требало бабите да ги чуваат децата? Зошто? Во Америка и Европа децата поаѓале од четири години на училиште и немало проблем. Да, но во Америка и Европа постојат и се применуваат и алтернативни начини на образование и секој може да избере, и таму условите се радикaлно поинакви, впрочем подобри. Системот сепак некако фунционира, ако едно школо не успее да го образува детето, можеш да го префрлиш во друго, и имаш услови да го издржиш тоа. Најпрво економски. Секако не е  прифатливо тоа децата да поаѓаат на четири години на незнам што (некакво образование во вид на градинка, забавиште или училиште), затоа што уште малку па мајките само ќе ги раѓаат децата а, потоа ќе ги даваат на образование. Таму завршува лудилото на современиот напредок во сѐ и сешто. Потоа, создаваме деца кои немаат ама ниту приближна слика за тоа што е животот. Разговарајте со некој искрен детски психолог, или педагог. Дали децата созреваат на осумнаесет?! Или на дваесет и една?! Или, можеби, не дај Боже таква можност, никогаш... ?!
Можеше да остане истата структура на образование како порано, со темелно менување на програмите и методите, зошто да не. Вака се чини (можеби не е така) дека единствената цел на долготрајното останување во школските институции има за цел детето да се одвои од куќата, домот.
Сведоци сме на неуспешноста на насоченото образование кое се укина. Се вративме на старото и испитано и потврдено гимназиско образование и старата и добра матура. Измени и промени колку сакаш, кој преживеал ќе раскажува. А, жртвите на образованието?! Никој не ги спомнува, системот кој ги произведе сега ги отфрла и не ги признава, нив не смее да ги има. Слушнавме и дека деветгодишното образование се укинува во некои земји во кои е поодамна воведено. Треба да разбереме дека ваквите промени во образованието се мошне сериозни и мора да се согледаат резултатите реално, а не да се даваат навредливи изјави од водечките луѓе во институциите кои се најодговорни за успешното спрoведување.
Ако се загледаме во искуството и делата на психијатрот Јунг, ќе забележиме дека  за здрава и зрела личност потребно е да се знае и почитува и практикува сопствената традиција и религија. На здрав начин, се разбира. Во начинот на спровeдувањето на овие програми јас не гледам дека ова се исполнува. Прво се негира традицијата, второ се избегнува верата и трето се одзема слободата на личноста и правото на избор. Е сега, според изјавите на водечките луѓе на одговорните институции за оваа НОВА програма немало проблем кај децата што оделе во градинка, туку кај оние што не оделе (ги чувале бабите ??), а особено кај оние во селата. За тие во селата, се употребија во изјавите страшно навредливи зборови. Кај нив било најдраматично. Драматично. Боже! Значи да се најде решение за децата што не одат во градинка и селските деца (кои исто така не одлеле во градинка, фала Богу!) и решен проблем.  Така сега ни доаѓа на ред задолжителна градинка. Што ќе се случува таму, дали некој ќе ни каже?!И таму ли ќе има предмет животни вештини?! Или, нешто полошо...
     Никој овде не сака да го негира позитивниот напредок. Но, ова се некои критики на новата програма-деветгодишното образование. Во  писаниево нема да се најдат многу наши пријатели и познаници чии деца без никаков проблем одат во градинка и потоа спокојно си преминуваат на новото деветгодишно образование. Но,  овде ќе се вплете разновидноста. Од икс причини децата може да не посетуваат градинка. Прво, знаеме која е улогата на мајката во семејство кое е суштински а, не номинално верно во раснењето на детето. Тоа е света должност на мајката. Или ги заборавивме светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, Кирил Пејчиновиќ, Горѓи Пулевски, браќата Миладиновци и ред други, христијани, Македонци?! Како македонската мајка да ги воспитува децата?! Ќе дојде некој од таму некаде, и ќе ни каже?! Истатата или некоја друга мајка (верна или не, ама моралот е секому познат, како категорија) може да е невработена. Од безброј причини или според свое убедување. Има и многу невработени татковци. Има прекрасни баби и дедовци кои ја даваат поддршката на некое младо семејство со тоа што ги чуваат внуците.  Зошто се нападна оваа пракса од водечките луѓе во одговорните институции? Знаеме какви се условите во градинките. Се излегува со агрументот дека децата треба да се социјализираат. Па, зарем само во градинка се социјализираат децата? Тоа е нонсенс, ноторна глупост. Но, градинката како установа, гледајќи ја историјата на човештвото, е релативно млада, нели?! Детето си ја гради својата социјализација, сигурност и емоционална интелегенција на разни начини. Прво во домот-а тоа е семејството, потоа во поблиската околина па, дури потоа во градинка ии училиште.
 Знаеме дека во Америка и Европа се овозможени и алтернативни начини на образование, помеѓу кои е и домашното образование. Се чини дека жагорот на децата, во работните денови особено, ќе стане реткост-следејќи ги новините во светот во доменот на образованието. Она што ни пречи најмногу е тоа што недостасува оригиналноста и самопочитта на оние што ги предлагаат новитетите. Зарем ние треба покорно и послушно да применуваме некакви експерименти врз нашите деца, диктирани однадвор?! Па ако не успеат, друг е крив, а во меѓувреме останавме без народ, нели?! Мора да има нешто што ние можеме во оваа област можеме да му го понудиме на светот. Македонецот е познат по својата кротка нарав, душевна широчина, поетичнот и одмереност во многу случаи. Македонецот е познат по својата стаменост и одразување на некаква примамлива универзалност. По својата вера и традиција. Ама, дали смееме да дозволиме епидемија во образованието, интелектуална, емотивна, професионална... распад?! Гнилеж?!
Итајќи кон новото, не мора во потполност да се изгуби квалитетното и потврденото (старото?). Во реалноста се сретнуваме со неможноста да ја живееме демократијата бидејќи не ни е овозможено правото на избор на начин и метод на образование. Сите мора да се покорат на единственото што се нуди. Децата мора да едуцираат уште од јасли, се воведува држава базирана на знаење и доживотно учење. Сето тоа е прекрасно-само да не беше предимензионирано и погрешно поставено. Какво е тоа е тоа знаење од колевка до гроб? Знаење за меѓусебно истребување? Знаење без љубов?
Знаење за натпреварување и споредување.....за обликување на детето по некој нереален модел. Знаење како да се исече гранката на која се седи?! Кому ли му одговара тоа?!
Во образованието треба да се вложува, интелектуално, емотивно, социјално-ефикасно и практично, со разбирање за децата и за нивните вистински потреби, па дури потоа да се воведуваат нови програми и да се бараат резултати. Новата програма дури и е позитивна но, чинам не се применува правилно. Најтешко ќе си поминат првите генерации на кои се применува, да не речам, испробува. Имено, наставничките се однесуваат како во претходните програми и ја создаваат истата тензија кај децата. Особено кај оние кои не оделе во градинка, па и кај другите. Исплашени, наставничките ги притискаат децата да примаат и да ги восприемаат информациите кои се навистина многу повеќе од претходната програма. Позитивноста на новата прогрaма ја гледам  во тоа што на децата треба да им е олеснето да учат низ игра, со помош на квалитетни нагледни средства и со помош на компјутерите. 
Инаку, како во денешно време ќе поттикнеме критичко мислење кај децата, самостално одлучување и тимска работа, ако не ги мотивираме со помош на овие начини. Зарем сѐ уште наставата треба да е здодевна и наставниците да се потпираат на најнапредните и најактвни ученици, нејмаќи капацитет и сила да ги вклучат сите деца на за нив адекватниот начин? Сите сме различни, зар не? Зошто се жигосуваат децата што не оделе во градинка, ги чувале бабите или се од селата? Во училишните книги се дадени два пристапи-за деца од градинка кои веќе научиле да читаат и сметаат и за деца кои за прв пат се сретнуваат со  тоа. Не гледам никаков проблем, освен што наставничките  мораат малку да се помачат. Исто така, бројот на децата во  паралелките мора да се намали. Следствено,  да им се даде можност на оние родители кои би избрале да си ги школуваат децата дома. Мора да се изнајде начин и за тој вид на алтернативно образование кое во Америка, и други земји  е со декади наназад присутен и се чини бројот на вакви родители  кои се одлучиле на овој чекор се повеќе се зголемува. Причините и оправданоста на залагачите на овој алтернативен вид на образование се издржани и навистина инспиративни за многумина кои веќе не можат да ја поднесат вкалупеноста на државното образование и неможноста на учителите и наставниците да го изнајдат вистинскиот пристап кон секој поединечен ученик и недоволното внимание на учителите поради големиот број на ученици. А моралот?! Етиката во пракса?! Децата на училиште се изложени на премногу лоши влијанија: од деца кои се препуштени сами на себе, деца кои се однесуваат насилно а, училиштето мора да ги толерира, и од деца со многу низок степен на воспитание кои сакаат да ги придобијат и останатите во својата нискост, а и од крајно ограничени и некапацитетни наставници, кои можеби и не сакаат тоа да бидат. Дали нашите деца навистина имаат избор?! Каде ги водиме?! Заради доброто на децата во државата, треба да се направи сеопфатна анализа за аргументите за или против овозможување на домашно школување. Нека не се изјавува дека во Македонија нема услови, тие што го велат тоа не можат да знаат во кое семејство има, а во кое нема услови. Ние и онака учиме со децата се што ќе им биде предадено на училиште. Ако не работиме темелно со нив, оценките им се никакви. Кога работиме со нив, покажуваат успех, без оглед дали дента биле во училиште, или биле настинати. Зарем тоа не е домашно образование?! Или за некого има, а за некој друг нема демократија? За оној кој ќе се согласи дека нема услови-во неговото семејство-сѐ уште ќе работат веќе постоечките училипшта. Не бараме да се укинат. Зошто тогаш толкав отпор, од страна на истите тие луѓе кои од нашиот редовно плаќан данок примаат плата?! Кој сака во училиште, нека оди!
Во однос на предлогот на БРО, односно проблемот со новата програма која не се применува правилно, и не се воведе во време на исполнети услови за истата да профункционира, и конкретно на обврската да се воведе задолжителна градинка од пет години, мислам дека се работи за чекор со кој премногу брзо и без аргументи и подготовеност се оди кон начин на едукација кој не знаеме каде не води. Токму затоа мора да се запре ваквото агресивно воведување на програми од Европа и Америка кои не се соодветни и за Македонија или пак треба да имаат сопствен лик и достоинство. Ние родителите треба да сме сигурни  во кој правец оди образованието во земјава. Или не треба?! Дали само ние вака размислуваме, додека не водат од политичка во политичка криза, а кризата во образованието никој не ја забележува?!
Едно е сигурно, се воведуваат се посовршени и усовршени програми додека нивото на образованост и соодветна примена на ученоста и образованието е мала, да не речам се помала. Децата се се поневоспитани, непослушни, дрски и наклонети кон дезитнеграција на личноста. Дали некој ги спомна нивните емоции?! На човекот, па и на детето му се потребни услови за да се развива и да успее да ја постигне својата цел, даденост и зададеност. Поставувајќи превисоки критериуми со неисполнети услови за нив, без зрелост во општеството и кај децата, а и кај родителите, не се постигнува многу. Се развиваат само професиите преку кои се останува во градот, а земјоделието и животот на село се сатанизира. Згора на се, за да се постигне сето она што е наведено во Националната програма за образование потребни се многу (светлосни) години. Дали со избегнување на веронауката, а со воведување на сексуалното образование и животни вештини ќе овозможиме човекот од маска да стане личност или ќе остане само сличност со некои слични програми  таму некаде....далеку. Никаде?! Од ништо во ништо, наместо од маска (форма, табула раса, необразован човек) до личност?!




Дарко и Маја Белеви