Пишува: Јанко ИЛКОВСКИ


Во време на гневна политика кога двете глави во државата мерат ташак, решив да пишувам за фестивалот Манаки. Оставам на полжавите да се занимаваат кој победил во овој неформален дуел-препукување во врвот на државата. Искрен да бидам и малку вулгарен - баш ме заболе. Но ме боли она што се случува со фестивалот Манаки. Дел од мојата кариера ја поминав како преведувач на овој фестивал во 90-тите, работев повеќе години и бев сведок на убави но и на грди работи. Сега дел од фестивалот се пресели во Скопје и неколку вистински љубители на филмот се бунат. Со право, премалку настани има уште и ова ако им го снема во Битола што ќе остане? Ова е некаква реномирана фестивалска програма со интернационални гости но дека има проблеми има и тие не датираат само од пред некоја година, туку пред повеќе од десет години.

Ние бевме куп скопјани кои се трудевме колку можеме да го направиме, секој во свој сегмент, овој настан да биде на нивото кое го заслужува. Сместени како стока во хотели и соби во кои нормален човек не би престојувал, принудени на спартански живот (можеби денес подобро, не знам) со секојдневни задачи до доцна навечер и со некаков обид да се социјализираме низ Битола за фестивалот да има некаква смисла. Фестивалот беше оставен сам на себе во таа сала која преку цела година кој знае дали некој воопшто влегува, во град без филмска програма, без публика, без пропратни настани. Депресивно беше, секоја година тргнувавме со ентузијазам и останувавме разочарани од тоа дека салата во Битола беше очајно празна. Ти доаѓа позната фаца и се чудиш каде да го однесеш на неформална дружба. Искрено, на моменти патевме фестивалот да е Скопје заради тој аспект, заради подобра техника, сала. Се прашувавме, а што па ние од Скопје се м'кнеме да го правиме ова што го правиме, зошто битолчани не го прават?

Нејсе, се може да е подобро и подобро се организира, но фестивалот во Битола беше само оправдување на потрошените пари, спонзориран од претседателот кој беше покровител. Денес не го ни следам, нема можност и луксуз да одам во Битола дури и на ден оти и немам кај да преспијам а во казина генерално не влегувам, Молика е редовно зафатена и така. Не ме сфаќајте погрешно, сум за фестивалот да остане во Битола и на битолчани, сакам само да ви дадам една крајно субјективна слика дека не е од вчера идејата фестивалот да се пресели во Скопје. Сега ќе речете скопјани и ги немало на проекциите. Има една курнаска работа кај скопската публика, ако има интересно за гледање (и минимална пропаганда) таа и ќе дојде, истото важи и за битолчани. Кога во мое време јас работев, го имавме Петтиот Елемент, салата беше претесна за публиката, но за мали и арт филмови немаше живо пиле. Сепак публиката знаеше дека Фон Триер не се пропушта и колку толку доаѓаше за вакви филмови, но тоа е публика која растеше без Цеца, денешнава е Бог да чува.

И скопјани и битолчани "дазнт гив а шит" за фестивалот и филмовите на него. Ни Скопје ни Битола не покажаа интерес како градови да се направи некоја фешта, пропратни манифестации, мала журка, коктел, дружби, градоначалник. Обично знае да донесат насила средношколци кои доаѓаа за да не добијат неоправдан и урлаа цело врме, дрпајќи се во париви или правејќи смешки. Искрено, тоа беа најинтересните проекции. Фестивалот е во криза, публика генерално не оди во кино, и ќе биде така додека филмската култура веќе е преселена од затворените видеотеки на картонските кутии на квази-социјалата која пиратира и си ја цица сопствената култура. Кога се појави Индијана Џонс 4 во кино кај нас, 10.000 пиратски копии влегле во Македонија. Срамно е да се гледа еднострано проблемот, ниту јас дадов целосна и точна слика за фестивалот, туку (рипит мајселф) едно тесно субјективно мислење. Има тука уште многу да се каже, но знајте, оние 5-6 битолчани кои протестираа за фестивалот да се врати во Битола, тоа беше целата фестивалска пубика воопшто. Тажно? Потребен е радикален "рез" и преконципирање на целиот фестивал комплетно почнувајќи од горе па надоле.