TVITer23a

Вистинската власт е жртва


Го забележувам и внимателно го следам манирот на сите оние што се на власт или сакаат да дојдат на власт, во кој било облик на световно живеење — политичка, институционална или, едноставно кажано, позиција и функција што има значајно, ако не и пресудно влијание врз животот на луѓето. Тука мислам и на наставникот како профил, кој исто така мора да служи и да се приспособува на учениците.


Првото прашање е: дали некој што ја посакува власта, или моментално ја има, го познава првото начело на истата — не да владееш и да ги користиш бенефитите од неа, туку да им служиш на сите што се „под“ тебе по функција и одговорност?
А за да служиш, пред сè, треба да бидеш мудар, емпатичен и да поседуваш исклучителна емоционална интелигенција. Според мене, треба да бидеш и верник — но тоа е мое лично мислење — и да поседуваш вистински лидерски способности, односно одреден вид харизма.
Толку.
Немаш ли нешто од горенаведеното, не се ни обидувај, макар и да имаш желба.
Вистинската власт никогаш не е право да владееш со луѓето — туку обврска да им служиш. Колку е повисока функцијата, толку поголема треба да биде жртвата, одговорноста и човечноста.
Барањето да се биде на власт, на која било световна позиција со раководна функција, не значи да бидеш привилегиран, туку да бидеш слуга на другите. Да им бидеш столб преку кој луѓето полесно ќе ги остваруваат своите права, ќе живеат подостоинствено и ќе имаат можност за личен и колективен просперитет.
Да се биде на функција значи да служиш — а не да ти служат!
Кај нас, за жал, сè уште премногу често е обратното: власт заради превласт, заради докажување, привилегии, суета и личен интерес. Се заборава дека функцијата е минлива, а трагата што човек ја остава зад себе — останува.
Ех, луѓенца… Вртоглаво се менуваат позициите, титулите и околностите. Денес си горе, утре некој друг е на твоето место. А тоа и не е најважното.
Најважно е на оние што се „под“ тебе по функција и положба да им ги олесниш животните околности; да им го направиш животот барем малку полесен, поднослив и поубав. Нема поголема среќа од тоа. Нема поголемо достоинство од човек да почувствува дека преку тебе не бил понижен — туку исправен.
Инаку, сè останува само функција за на социјални мрежи, а одвнатре — труло до коска. На крајот луѓето и го препознаваат искрениот и љубовен пристап.

И пак, како што би рекол мојот дедо Наум:
„Да бидеш ПРВ — значи да бидеш ПОСЛЕДЕН.“

 

С.Стефковски

 

26.55.2026