
Вистинскиот авторитет се раѓа од љубовта
Порано многу сум се заморувал и ми било тешко но денес ми е многу интересно што некои луѓе сметаат дека самата позиција што моментално ја имаат им дава право да наметнуваат авторитет — и тоа на надмен, дрзок и бескрупулозен начин.
Но, вистинскиот авторитет не се добива со функција, титула или позиција. Тој се стекнува внатре во човекот, низ долгогодишно резбање на сопствената душа, карактер и духовност. Вистинскиот авторитет не мора да се наметнува. Тој едноставно се чувствува.
Затоа и послушноста кон таков човек не е изнудена. Таа не произлегува од страв, туку од доверба и љубов. Не чувствуваш дека мораш да го послушаш — туку сакаш да го послушаш, затоа што во неговите зборови, постапки и однос кон тебе препознаваш добронамерност, мудрост и љубов.
Спротивно на тој внатрешен, духовен авторитет, кој почива врз љубовта и довербата, постои и надворешниот авторитет — оној што се наметнува со зборови, тон, став, позиција и сила. Таквиот авторитет можеби може да предизвика страв или моментална послушност, но многу тешко создава доверба, почит и дава вистински плод.
Колку е убаво кога луѓето се разбираат преку љубовта, довербата, меѓусебното разбирање и помошта. Само од такви односи може да се роди вистински плод — во семејството, во пријателството, во работата, во духовниот живот, па и во секоја друга човечка заедница.
Благослов е да имаш луѓе на кои можеш да се потпреш. Луѓе со кои можеш да бидеш свој, пред кои не мораш да се криеш и да се претставуваш поинаков од она што си. Луѓе кои се стабилни, совесни и принципиелни; кои не пливаат во матни води, не менуваат став според интересот и со кои секогаш знаеш на што си.
А уште поголем благослов е кога тие луѓе не се само луѓе на кои им веруваш, туку и твои пријатели — и тоа не од вчера, туку со години.
Ете така... Симеон Стефковски