Новиот свет со старото срце

 

Кога човек живее без Бога, мисли дека сè може да промени, сè да усоврши и светот да го направи поубаво место за живеење. Но, не е така едноставно. Непреобразените човечки страсти не исчезнуваат со промената на околностите, туку само ја менуваат својата форма, барајќи нов начин да се истакнат, да завладеат и да бидат задоволени.Сè додека човекот не се промени однатре, сè додека не го преобрази својот ум и не сфати дека светот што го осудува во голема мера е огледало на она што самиот го носи во себе, секоја надворешна промена ќе остане недовршена.

Сè додека не научи да го љуби својот непријател и да му простува за неправдата што верува дека му ја сторил, тешко дека ќе може да изгради вистински поинаков свет. Зашто, како може да создаде мир оној што во себе носи немир? Како може да воспостави правда оној што не се соочил со неправдата во сопственото срце?

Ниту една видлива општествена промена, колку и да е голема, нема да го донесе плодот на кој се надеваме ако човекот остане ист во својата суштина. Може да се сменат поредоците, законите, идеологиите и зборовите, но ако срцето остане непреобразено, старите страсти повторно ќе најдат начин да се пројават. Она што вчера го осудувавме, утре можеби самите ќе го правиме, само под друго име и со поубаво оправдување.

Без Бога и без внатрешно преобразување, човекот лесно ја заменува суштината со привидот, а вистинската промена со миговна еуфорија. Се возбудуваме од ветувањата, се занесуваме од големите зборови и веруваме дека сме на прагот на нов свет, а притоа забораваме дека стариот човек во нас сè уште живее, со истата гордост, истата суета и истата потреба да биде над другиот. Така, колку и да блеска однадвор, човекот останува празна љуштура ако во него нема љубов, смирение и вистина.

Мојот дедо Наум најмудро го срочува тоа кога вели дека, кога сакаме да ги менуваме нештата, единствениот вистински начин е кон нив да пристапиме пастирски, а не преку поистоветување со нив. А ние речиси секогаш го правиме токму спротивното: се поистоветуваме со нив, стануваме дел од нивната логика и, наместо да ги преобразиме, само ја продолжуваме нивната состојба под друга форма.

Токму затоа промените толку често не го даваат плодот на кој се надеваме. Зашто, ако сакаме да го исцелиме она што е болно, не смееме и самите да се разболиме од него. Пастирскиот пристап бара љубов, расудување, трпение и духовна будност — да му се приближиш на она што треба да се промени, без да му робуваш; да го разбереш, без да го оправдуваш; да го љубиш, без да се поистоветиш со неговата заблуда.

 TVITer343Simeon

Симеон Стефковски