ИДЕОЛОШКИ МАТРИЦИ

Конзервативизмот и сиромаштијата

Дизраели, можеби најголемото име во историјата на британскиот конзервативизам, во четириесеттите години од 19 век зборува за маката на сиромашните која не може да се толерира. Тој пишува за условите во кои работат работниците во фабриките. И се залага за политички права на работничката класа во индустријата како „стратегиски императив“ за да се спроведе социјалната реформа (нас не' учеа дека само Маркс и никој друг бил на страната на работничката класа)


Во еден текст во „Утрински весник“ читам дека „крајната десница“ не се занимавала со сиромаштијата. Се мисли, притоа, на Владата на Никола Груевски, која, ете, спроведувала левичарски политики.Две работи треба да се коригираат. Прво, политиките на Никола Груевски не можат да се оценуваат како „крајна“ или „тврда“ десница. И, второ, ако зборуваме за владејачката партија денес во Македонија, подобро е да зборуваме не за „десна партија“, туку за една конзервативна партија (која, јасно, е десно во спектарот на политичките идеологии, но никако не е на крајот).Прашањето на кое треба да се одговори е: дали конзервативизмот се справува со сиромаштијата? Зашто - така се тврди во текстот - справувањето со сиромаштијата било карактеристично за левицата.

Дека конзервативизмот е за богатите и не се потресува многу со сиромаштијата - тоа е сликата што ја имаат многу луѓе во Македонија. И тоа не е само плод на комунистичката идеологија пропаганда. И во Велика Британија луѓето имаат слични претстави за ториевците. Многумина за сиромаштијата во Британија ги обвинуваат либерализмот од 60-те години или пазарните реформи од времето на Маргарет Тачер.

Меѓутоа, сосема е погрешно да се тврди дека конзервативизмот воопшто не го интересира прашањето на сиромаштијата. Оттаму, погрешно е на Владата на Груевски и нејзините политики да им се припишуваат левичарски или социјалистички придавки, само затоа што сакаат да ја искоренат сиромаштијата. И дека таквите („социјалистички“ или „популистички“) политики се несовесни со конзервативизмот. Историјата на британскиот конзервативизмот познава социјални реформи и борба против сиромаштијата.Од 19 век, со Бенџамин Дизраели, до ден денешен, конзервативците зборуваат за „конзервативизмот на Една нација“, а не на две (едната богата и другата сиромашна). И денес оваа фраза е врежана во главата на секој конзервативен политичар кој го гледа јазот меѓу богатите и сиромасите.Ториевците се тие што ќе станат против принципите на laissez faire капитализмот. За нив е безбожен капитализмот во кој богатите стануваат побогати и сиромашните посиромашни.

Дизраели, можеби најголемото име во историјата на британскиот конзервативизам, во четириесеттите години од 19 век зборува за маката на сиромашните која не може да се толерира. Тој пишува за условите во кои работат работниците во фабриките. И се залага за политички права на работничката класа во индустријата како „стратегиски императив“ за да се спроведе социјалната реформа (нас не учеа дека само Маркс и никој друг бил на страната на работничката класа). Владата на Мекмилан во Британија со „Средниот пат“ (Middle way) го предварува четириесет години „Третиот пат“ на Тони Блер.

Главната идеолошка цел што ги водеше реформските зафати на тачеризмот не беше приватизација заради приватизација. Големите државни фирми, како Бритиш Телеком или Бритиш Петрол, се приватизираа со цел МИЛИОНИ Британци да станат сопственици. Од времето на Тачер до лабуристите Блер и Гордон, секоја влада се фали со бројките на новите сопственици на куќи и станови во Велика Британија.Данкан Смит, во зборникот There Is Such Thing as Society од 2002 година укажува дека постои јасна потреба - и тоа од конзервативна перспектива - ториевците да се зафатат со проблемите на сиромаштијата.

Кирон О’Хара, од универзитетот во Саутхемптон во својата книга за „Конзервативизмот од онаа страна на Тачер“, објавена 2005 година вели дека постои традиција на владите да се справуваат со сиромаштијата и ниеден конзервативец не може да се дозволи да се пренебрегне таа традиција. И дека е „суштествено за конзервативците да го отвораат проблемот на сиромаштијата“.

Погрешно е како што вели Данкан дека конзервативната партија е партија на индивидуализам и материјализам.

Во манифестот на британските конзервативци од 2005 година целта е уште појасно дефинирана: да им се овозможи финансиска независност на семејствата. Тоа значи гарантирани пензии и дека ќе ги зголемат пензиите (ако победат). „Суштествена е борбата против сиромаштијата, особено против детската сиромаштија“, се вели во Манифестот.Дејвид Камерон, сегашниот лидер на британските конзервативци, нагласува дека „елиминирањето на сиромаштијата е централна компонента на мисијата“ на конзервативците.

Истите заложби може да се најдат во американскиот конзервативизам, особено кај неоконзервативците, предводени од Ирвинг Кристол, најзначајниот конзервативен мислител од САД. Неколку пати сум го спомнал списанието Public Interest, кое го уредуваат Кристол и Глејзер и кое големо внимание му посветува на прашањето на сиромаштијата и критиката на „Војната против сиромаштијата“ и други државни програми на САД кои не ги давале саканите резултати.

Ирвинг Кристол, вели дека луѓето од Public Interest ја познаваат сиромаштијата од прва рака - за разлика од авторите на „Војната против сиромаштијата“ кои се од горната средна класа. Ним им се блиски луѓето кои успеале да се извлечат од сиромаштијата, за нив е важен економскиот раст и зголемувањето на економските можности за сите, а не социјални програми кои, на крајот, не ги спасуваат луѓето од сиромаштијата. И доволно е кажано.

Не постои социолошко истражување во Македонија да го потврди, но може да се очекува дека голем дел од приврзаниците на ВМРО се луѓе кои ја виделе сиромаштијата од прва рака и на кои големите програми и реформи на комунистичката партија не им помогнала да се извлечат од сиромаштијата. Знам такви, и бизнисмени и политичари, да не зборуваме за обичните луѓе.

Конзервативизмот во Македонија ја следи традицијата на патерналистичкиот конзервативизам, карактеристичен за германскиот, францускиот и британскиот конзервативизам во 20 век. Државата останува со својата социјална функција. Работата е во тоа таа функција постојано да се преиспитува и надополнува со други форми на помош и поддршка. Економскиот раст е важен и создавањето богатство е важно. Но, и создавањето амбиент и можности секој да стане свој човек.


Бранислав Саркањац (Авторот е универзитетски професор)