Истражувања на тврдината во Градиште


- На двата објавени меѓународни тендери за модификација на дрвото од коешто треба да се изгради музејот на вода - наколната населба од бронзено време кај Градиште, не се јави ниту една фирма. Сега треба да се направи директен договор со некоја фирма во странство и тоа мора да се случи до крајот на годинава, вели директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.

Тој објаснува дека преку модификацијата, дрвото треба да се направи отпорно на водата, да биде зацврстено преку посебна постапка. Најголеми изгледи за склучување директен договор за модификација на дрвото имала компанија во Хрватска, а се размислува и за Турција.
Кузман најавува дека до крајот на годината треба да се изведат археолошки ископувања на тврдината кај Градиште, а на почетокот на идната година таа треба да се конзервира и реставрира.

- Оваа тврдина е замислена како привлечна дестинација за туристите кои ќе го посетуваат музејот на вода. Во план е и да почне да се гради копнениот пристап до музејот на вода. Копнениот пристап ќе биде изграден од камен. Замислата е просторот да биде збогатен со објекти во коишто ќе се продаваат билети за музејот на вода, експонати, односно копии од пронајдените наоди, а ќе има и канцеларија за вработените во музејот на вода, додава Кузман.

Дрвото од кое ќе бидат изработени реконструирани наколни живеалишта од бронзеното време, веќе е набавено. Ќе се возобноват седум куќички, а Музејот на вода, финансиран од Владата, за јавноста ќе биде достапен кон крајот на 2008 година.

(А.Ј.)