(Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – Дваесет и трети дел)

Автентичноста на Гробот Христов и Голготската карпа II дел
Пресек на храмот на Голгота (гледано кон север) и точен приказ на внатрешноста на храмот каков што е денес. Десната страна на карпата (источниот дел) е висока 11, 20 метри. Малата, пак, димензија на предниот дел кој е 4, 30 X 2, 80 метри, се должи на одлуката на архитектот на Константин Велики да отсече големи делови од карпата околу местото на Распетието за да може непречено да ја изгради базиликата. На сликата десно кај точката А е храмот (пештерата) на Адам. Кај точката Б е двојната пештера – гробница (првиот христијански храм)

Гробот со две пештери на сликата десно, бил откриен на источната страна на Голгота за време на ископувањето во 1977 година. Оваа двојна пештера (поранешен гроб) е една од најважните откритија на христијанската археологија, бидејќи, како што покажуваат пронајдоците, била претворена во место за богослужби од следбениците Христови, можеби дури и Неговите ученици, уште во I век. Шпанскиот археолог Фернандез Диез кој го водеше ископувањето, го изјави следново:

Оваа пештера била гипсирана и декорирана уште во првиот век кога карпата веќе била расцепена на две од сеизмички удар. Некое време се користела, а била ѕидана и цртана барем на два пати. Била уништена не подоцна од првата половина на II век… Можеби за време на подигањето на храмот на Афродита. Пукнатината од распнувањето се продолжила сѐ до пештерата. Во таа пукнатина беше пронајден разнобоен украсен материјал од I век“.

Архитектот д-р Тео Митропулос, кој учествуваше во ископувањето, го кажа следново: „Малата пештера била првично гроб, што бил претворен во место за богослужба за време на првиот христијански период. Парчињата керамика што беа пронајдени во внатрешноста од археологот Диез, како и остатоците од мозаичката декорација, ја докажуваат намената на ова место за богослужба“.

Пресек на Голготската карпа на местото на Распетието

Малата пештера е најдревниот храм во историјата – место каде Христијаните од I век ги извршувале своите богослужби кон Воскреснатиот Христос. Освен тоа, зарем ова не е најсоодветното место за богослужби, само 3 метри од местото на Распетието. Но, што всушност знаеме ние за вистинското место на Распетието?

(Продолжува)

Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица

Извор: Бигорски манастир