Stefan.medal.S.jpg

Свеченост по повод 45 години од обновата на МПЦ – ОА
и доделувањето на одличјето ’Столен медал со Македонскиот крст’, на МПЦ        
4 јуни 2013

Ваше Блаженство, Г.Г. Стефан, Ваши високи преосвештенства, 
Уважени дами и господа,

Претставува голема чест да се биде добитник на одличјето ’Столен медал со Македонскиот крст’, на Македонската православна црква, токму по повод 45 годишнината од Обновата на Охридската архиепископија, македонски наследник на Јустинијана Прима, во лицето на Македонската православна црква.
Зошто, дури и за нас, академици, стопанственици, универзитетски професори, сите претставници на секуларната матрица, е толку битна Македонската православна црква?
Дали затоа што во ликот на Охридската архиепископија, како легитимна, еминентна и компетентна институција на христијанството и на православното христијанство, е супституирана државноста на Македонците, во продолжение, од десеттиот до крајот на 18-от век; 
Дали затоа што, тој неспорен и признат континуитет на Охридската архиепископија, може да се смета за коректив на половичната теза за дисконтинуитетот на македонската држава и за отсуството на капацитет за државотворност кај Македонците?
Дали затоа што внатрешниот простор на секоја македонска православна црква, освен што е духовен и сакрален во изворна религиска смисла, всушност е постојан галериски простор на визуелните уметности, простор на којшто се создавале врвни и оригинални уметнички дела од ликовните уметности, олицетворени во фреско сликарство и иконо-писание, во резбарство и копаничарство?
Дали затоа што градењето цркви прераснало во посебна уметност на неимарството?
Дали затоа што црквите низ Македонија се, не ретко, скровиште на најречита созвучност, на духовна и хорска музика и полифонија, место каде што со збиднувала и сè уште се збиднува - магијата на акустичноста?
Дали затоа што црквите и манастирите ширум Македонија биле средишта на книжевниот живот, промотори и заштитници на македонската писменост?
Дали затоа што токму со постоењето на Охридската архиепископија се поврзува најраниот опстанок на глаголицата, на глаголското писмо кое е спрега на сакралната, јазичната, графичката и нумеричката симболичност?
Дали затоа што историјата на македонската православна црква видена низ призма на историјата на Охридската архиепископија е -воедно - историја на македонскиот јазик, чијашто прва кодификација е востановена со кодификацијата на црковнословенскиот јазик, за подоцна да ги следи спецификите на македонските говори, да ги меморира, и да го изгради препознатливиот код на македонскиот црковнословенски израз?
Дали затоа што бројни реторички и музичко-книжеви жанрови, меѓу коишто беседништвото и химнографијата, опстанале под закрила на Македонската Црква?
Дали затоа што свеста за посебноста на македонскиот етнос се негувала заедно со свеста за посебноста на Охридската архиепископија, заедно со развојот на нашата црковна институција и традиција, денес проектирани во Македонската православна црква?
Дали затоа што македонскиот морален кодекс се создавал како проекција на христијанскиот православен кодекс, како што, впрочем секаде и секогаш етиката, во практиката, ги проектира религиските норми, а низ нив и доминантниот поглед на свет?
Одговорот е – се разбира – реторички потврден: Да, чест е да се биде добитник на столниот медал на МПЦ, поради сите наведени значења и функции на македонската православна црква, и одделно и заедно.
И уште повеќе, честа е радост која произлегува од свеста за потребата, и во рамки на една секуларна држава, каква што е денес Република Македонија, да се сочува и да се развива уште повеќе, историски стекнатата културна, образовна и општествена улога на Македонската православна црква, да се сочува единството на македонскиот православен свет, да се покаже разбирање за иноверните и конвертираните, да се врати моќта на духовниот Ум и Реч, да се затвори и да се реши прашањето на автокефалноста на Македонската православна црква, да се биде чинител на современиот опстанок на македонскиот народ, кој е исправен, сега и тука, пред нови предизвици и нови искушенија!
Ви благодарам во име на сите добитници на ова благородно и уметнички изведено признание, ви благодарам на напорите што ги правите да воспоставите дијалог со новата духовност, со современата интелигенција, со сите оние кои ја афирмираат македонската култура, уметност и наука ширум светот, оние кои создаваат нови дела, но не ја забораваат традицијата.

Академик Катица Ќулавкова

 Stefan.medal.S.jpg

Друго: