ПОДНЕСЕНИ СЕ АПЛИКАЦИИТЕ ЗА ЗАШТИТА И ДО УНЕСКО


Ќе си ги брендираме ората и песните од предците


"Заштитувањето на духовното добро ја промовира државата, ја прави препознатлива, а со самото тоа носи и економски бенефит. Во светот пак, велат, да, тоа е стар народ има обичаи и песни кои се негуваат со векови", посочуваат од Националниот комитет на Меѓународниот совет за традиционалната музика


Десетици македонски ора, песни, дијалекти, приказни, обреди..., па и анегдоти во кои главниот лик е Мариовецот Итар Пејо, се под заштита на државата. Оваа листа постојано се надополнува, а во тек е и процес со кој се бара дел од ова духовно богатство кое е пренесувано од генерација на генерација, и е сочувано од нашите предци до денес, да биде заштитено и од УНЕСКО. Од Националниот комитет на Меѓународниот совет за традиционалната музика ИЦТМ посочуваат дека според строгите критериуми на светската организација услов за да бидат запишани на листата на УНЕСКО засега исполнуваат само неколкуте духовни добра од Македонија и за нив е веќе поднесена и апликација која се уште се разгледува.

"Во 2011 година Македонија аплицираше со долнополошко двогласно машко пеење Гласоечко" и тоа за ургентна листа поради опасност од исчезнување, но и со машкото оро Копачка" и ритуалот Четрсе" - празнување на 40 великомаченици (Младенци) во Штип за репрезентативната листа. Покрај самостојно, Македонија се вклучи и во заедничка апликација - за празнувањето на Ѓурѓовден заедно со уште шест земји иако овој празник се прославува во вкупно 12 држави во светот. Македонија ќе учествува уште во две мултинационални апликации - Мартинки" и Анегдотите на Настрадин оџа". За да може да аплицира едно добро, тоа треба да биде заштитено и од државата, велат од Националниот комитет на Меѓународниот совет за традиционалната музика ИЦТМ.

Сепак, иако Македонија уште пред 10 години ја потпиша конвенција за заштита на нематеријално културното наследство донесена од УНЕСКО, процесот од аплицирање до ставање на листа е долга процедура. Од Националниот комитет на ИЦТМ велат дека често во одлуката кое добро да се впише на листата има и политички влијанија. Годишно до УНЕСКО според претседателката на Националниот комитет на ИЦТМ Велика Стојкова-Серафимовска се поднесуваат илјадници апликации од цел свет. Од регионот на Југоисточна Европа најмногу добра на Унесковата листа има од Хрватска, дури 13. Пеењето Клапа е веќе бренд во Хрватска, туристичка атракција од која државата има е економски бенефит во туризмот. Бугарија има 2, Албанија и Грција 1, а Романија 3. Повеќето од државите на Балканот немаат ниту аплицирано.

"Придобивката од впишувањето на Унесковата листа е всушност и признавање на посебноста на една заедница на светско ниво. Заштитените добра можат да бидат и брендирани. Во светот,пак, велат, да, тоа е стар народ има обичаи и песни кои се негуваат со векови. Нашата цел е да се мобилизира целата заедница која е носител на тие добра. Таа да сака да биде заштитена. Заштитувањето на доброто, пак, ја промовира државата, ја прави препознатлива, а со самото тоа носи економски бенефит", велат од Националниот комитет на ИЦТМ. (Д.Т.)

Од 2006 впишување на национална листа
"Во Македонија од 2006 стартува впишувањето во национален регистер на духовни добра, а целиот процес е координиран од Управата за заштита на културното наследство. Ова е долготраен процес бидејќи е потребно да се изработи елаборате во кој треба да се образложи зошто едно добро е важно да биде впишано на национална листа, а независна комисија формирана од експерти го оценува елаборатот и некогаш и го одбива или го враќа на дополнување. За нешто да биде впишано на националната или на интернационалната листа, пред се е потребно локалната заедница да се идентификува со тоа добро, да го смета за свое наследство, да е уникатно. Независно дали се работи за обичај, пеење, оро...тоа треба да се практикува се уште во локалната заедница, но не како изведба на сцена да не е институционализирано, или направено за потребите на манифестацијата, како што е случај со Тешкото или Галичката свадба ", велат од ИЦТМ.

И коледарското пеење под заштита на државата
Дел од нематеријалните (духовни) добра кои се впишани во националниот регистер или се во процедура на впишување се и Водици како процесија, празникот Ѓурѓовден, жетварското пеење, обичаите Велигденски кули од Македонски Брод и Иванка од Ресен, коледарското пеење, тажачки, додолските песни, обредните игри русалии, Вевчанскиот карневал... В година на оваа листа ќе се најдат и тамбурата и кавалот.

Извор: Вечер