Во 2011 година имаше дополнување на законот, но со најновите измени што ги подготви работната група и евентуално со измените што ќе ги понудиме на второто читање се надевам дека ќе добиеме идеален закон што ќе профункционира, а со кој донаторството ќе се издигне на повисоко ниво, вели Бехиџудин Шехапи, член на собраниската комисија за култура 

 

 

 Во последниве години државата доста вложува во заштитата на културното наследство, но тоа не е доволно за ваква обемна област. Добредојдени се донациите и спонзорствата, вели историчарот на уметност Бехиџудин Шехапи, кој е и член на собраниската комисија за култура, која минатата недела го разгледуваше предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

Обид да заживее законот

Законот е донесен уште во 2006 година, а од 2007-та почна да се применува, но никогаш вистински не заживеа.

- Во 2011 година имаше негово дополнување, но со најновите измени што ги подготви работната група и евентуално со нашите измени што ќе ги понудиме на второто читање се надевам дека ќе добиеме идеален закон што ќе профункционира, а со кој донаторството ќе се издигне на повисоко ниво - вели Шехапи.

Според него, доколку се внесат некои измени во Законот за донации и спонзорства и доколку се усогласи со европската и со светската практика, тој позитивно ќе влијае во развојот на културата.

- Целта е повеќе да се сензибилизираат донаторите и спонзорите за потребите во културата, но и да се избегнат можни злоупотреби и ограничувања. Со рамномерно распределување на донациите ќе се постигне двојна бенефиција - донаторите ќе добијат даночни олеснувања, што е и главниот мотив, а од друга страна, донациите позитивно ќе влијаат во развојот на културата - вели Шехапи.

Да се знае кој сѐ може да добие донација

Со измените се допрецизираат одредбите што се донесуваат на даночните поттикнувања. Деновиве предлог-законот оди на второ читање, кога ќе бидат разгледани и предлог-амандманите од здружението „Конект“, претставник на невладиниот сектор, кој директно е засегнат од оваа проблематика.

- Од „Конект“ добивме неколку квалитетни и корисни предлози, кои треба да се земат предвид, бидејќи образложенијата се многу логични, содржински и компатибилни со општествените услови, но и слични се со оние на работната група. Направен е обид за разграничување на донациите и спонзорствата. Доколку има подготвеност кај мнозинството, треба сериозно да се разгледаат нивните предлози - вели Шехапи.
Според него, битно да се измени членот 7 од овој закон, да се дефинира кој точно може да добие донација за јавен интерес.

- Во членот 7 набројуваме кој сѐ може да прима и да дава донации. Тука верувам дека во голема мера ќе избегнеме некои несакани злоупотреби или недоследности што не би биле компатибилни со европскиот стандард. Невладиниот сектор предлага, а и јас како пратеник што стои зад овој амандман се согласувам да се измени овој член. Во предлог-законот што доаѓа од Владата не се наведуваат примателите на донациите. За да се избегнат евентуалните злоупотреби, важно е да се нагласи кој сѐ може да биде донатор и да прима донации, за да не се случи во иднина донација да прими некое претпријатие или, пак, претпријатијата да бидат даватели и приматели на донации. Тоа е многу важно - објаснува Шехапи.
Според него, покрај културата, донации треба да има и за социјално загрозените лица.

- Законот директно ќе се залага за подобрувањето на состојбата во најзагрозените слоеви на општеството и ќе ја поттикне донаторската свест на повисоко ниво, со цел економска благосостојба и остварување на социјалната практика - вели Шехапи.

Музиката е поатрактивна за донаторите

Досега најмногу донации и спонзорства се давале во музичката дејност, или 75 отсто, додека 23 отсто за културно-уметнички манифестации. Најмалку донации има во заштитата на културното наследство. Според Шехапи, музичките манифестации се поатрактивни, почести и полесно достапни за јавноста, а со тоа луѓето директно се запознаваат со донаторот и спонзорот на настаните од ваков вид.
- Со културното наследство тоа не е толку директно. На пример, во Кратово и во Дебар има голем број споменици на културата, кои, за жал, секојдневно пропаѓаат. Со донации, тоа би се надминало. Во светот има многу примери на индивидуални донатори и вистински филантропи за кои е привилегија да донираат токму во заштитата на културното наследство - вели Шехапи. 

Извор: Нова Македонија