Четиринаесеттиот по ред саем на книгата „Книга во секој дом“ на „Клубот Матица“ почнува денеска во книжарницата на булеварот Климент Охридски


Под логото „300.000 книги во Матица“, во соработка со повеќе македонски издавачки куќи и реномирани светски и регионални издавачки куќи, ќе бидат понудени најновите остварувања од домашната и од светската прозаистика, архитектура и уметност, најбараните наслови и автори од областа на економијата, филозофијата, гастрономијата, лексикографијата, енциклопедии, книги за најмалите и др.

Како големо освежување се најавуваат и официјализирањето на партнерството со најголемиот балкански издавач „Лагуна“ од Белград и отворањето на „Лагуна клубот“ во Скопје со 2.000 нови наслови од најновата светската книжевност.

Статистичките податоци за периодот од 14 години од создавањето на саемот „Книга во секој дом“, заклучно со минатата година, покажуваат континуиран пораст на бројот на читатели, а македонската продукција бележи огромен пораст во процентуалниот дел од продажбата на книги на македонски јазик.

- Ако во 2000 година книгите на македонски јазик биле застапени со само 7 отсто од вкупната продажба, во 2013 година македонската продукција е застапена со огромни 83 отсто. За осум пати е зголемена квантитативната продажба на книги, за 50 пати е зголемена продажбата на книги на македонски јазик, а се продадени приближно 800.000 книги - посочуваат од „Клуб Матица“.

Саемот на книгата „Книга во секој дом“ секоја година паралелно се одржува во сите поголеми градови во државата, како Охрид, Струмица, Прилеп, Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Струга, Неготино, Гостивар.

Извор. Нова Македонија