Меѓународната соработка и во оваа 2014 година, ќе биде еден од приоритетите на Министерството за култура.

500logo MK1 tekst

-Во тој контекст ќе се реализираат многубројни комплексни претставувања во земјите кои се во фокусот на надворешната политика на Република Македонија: земјите – претседавачи со ЕУ, земјите со кои одбележуваме годишнина од воспоставување на дипломатски односи, земјите каде што има најголем број македонско иселеништво и земјите со кои за прв пат сме потпишале или сме обновиле билатерални договори, информираат од министерството.

Во годишната програма на Министерството за култура за меѓународна соработка за 2014 година, се поддржани вкупно 211 проекти од кои 39 на националните установи, 111 проекти на локалните установи и здруженијата на граѓани  и 61 проект на  самостојните уметници.

Во контекст на меѓународните претставувања, а по повод одбележување на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, оваа година ќе се организираат комплексни манифестации со богати културни содржини во Чешката Република, Република Австрија и Унгарија.

Република Македонија ќе биде присутна и во Женева, каде со повеќе културни активности ќе го одбележи членството на нашата држава во Советот  за човекови права на Обединетите нации . Имено ова членство е од исклучително значење за нас, со оглед на тоа што е прво членување на Република Македонија во овој Совет кој е едно од најпрестижните тела во  рамките на Обединетите нации и истото претставува  признание за постигнувањата во сферата на промоцијата и заштитата на човековите права.

Продолжувајќи ја традицијата, по успешното претставување во Истанбул, Талин, Марибор и Марсеј, Република Македонија ќе се претстави и во Рига, која оваа година е носител на титулата - Европска престолнина на културата.

Исто така оваа година, по 46 пат, Република Македонија ќе ја организира традиционалната културна манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ што се одржува  во Рим. Преку оваа манифестација нашата држава активно ќе се  вклучи во иницијативите што ги афирмираат словенските култури и словенската писменост, а воедно со оваа манифестација ќе се одбележи и 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи со Ватикан.

Република Македонија континуирано е присутна и на Венециското биенале на архитектурата, една од најстарите и најпрестижни европски манифестации. Венециското биенале на архитектурата е врвен архитектонски настан кој ја антиципира и ја моделира современата архитектонска мисла. Во 2014 година, Република Македонија со проектот „Наоди“ во организација на ЈУ „Младински културен центар“ ќе се претстави по 6 пат на оваа манифестација која претставува одлична можност за афирмација на македонската култура и нејзините дострели во областа на архитектурата.

Што се однесува на македонското книжевно творештво, Република Македонија  секоја година е присутна на меѓународните саеми во странство, каде што ги презентира богатиот македонски книжевен фонд и издавачката продукција. Согласно тоа во Годишната програма за 2014 година, се подржаа проекти преку кои Република Македонија ќе се претстави на меѓународните саеми во Франкфурт (Здружение на издавачите и книжарите на Македонија) , Гетеборг (Друштво за издавачка дејност „Македоника литера“)  и Истанбул (Сојуз на албански издавачи во Македонија – Тетово).  Во оваа дејност важно е да се споменат и проектите кои се поддржани во Програмата на Министерството за култура за 2014, а се однесуваат на учество на некои од позначајните поетски фестивал во светот. Имено на фестивалот „Littfest Umea“  кој се одржува во Умеа, Шведска ќе уествува истакнатиот македонски поет Никола Маџиров, а на поетскиот фестивал „ Grenada International poetry festival“ кој се одржува во Гранада, Никарагва, Република Македонија ќе ја претставува Игор Исаковски.

Македонското драмско творештво оваа година ќе биде презентирано во неколку значајни културни центри: Македонскиот народен театар ќе се претстави со дела од својата најнова театарска продукција во Загреб, Драмскиот театар ќе гостува во Виена, Народниот Театар од Битола после успешното преставување во Лондон во 2012 година и во САД во 2013 година, ќе ја изведе претставата „Хенри  VI“ во Пекинг, театарот „Комедија“ со преставата „Женидба“ ќе гостува во Руска Федерација, Театарот за деца и младинци ќе гостува во Рига, Турскиот театар со претставата „Шекспир во приказни“ ќе учествува на меѓународните театарски фестивали „Сабанџи“ и „Нулифер“ во Адана и Бурса, Турција, Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со претставите „Крпен живот“, „На два стола“ и „Волшебникот од Оз“ ќе гостува во повеќе градови во Австралија, а Албанскиот  театар со претставата „Генерал на мртвата војска“ ќе гостува во повеќе градови во Турција.

Музичката уметност претставува исклучително значаен дел од нашата култура. Како што е веќе познато Министертвото за култура во последните години особено ангажирано се труди да го унапреди македонското музичко творештво и да ја зголеми промоцијата на македонската музичка уметност и уметници во светот. Во музичко-сценската дејност во 2014 година се поддржани  многубројни претставувања на нашите институции и поединци на фестивали, манифестации, гостувања и  натпревари во странство. Во оваа дејност важно е да се истакне дека Оркестарот на Македонската филхармонија ќе реализира концерт во престижната концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Македонска Опера и Балет со оперската претстава „Дон Џовани“  ќе учествува на Меѓународниот фестивал на музика и игра во Банкок, Тајланд, а Балетот со балетската претстава „14 часа“ ќе гостува во Виена.

Со оглед на тоа што еден од приоритетите на Министерството за култура е стимулирање и промоција на млади уметници со поддршка на Министерството за култура оваа година,  Мартин Џорлев ќе учествува на меѓународниот натпревар по хармоника „Accordion art festival“ во Пинето, Италија,  Ивана Мазнејкова ќе учествува на меѓународниот натпревар за млади пијанисти  „Амадеус 2014“ во Брно, Чешка, Нита Груби ќе учествува на меѓународен фестивал и мастерклас за пијано во Сан Даниеле, Италија, Александар Коловски ќе реализира концерти во НР Кина, итн.

Воедно со свои концерти во европските и светските центри ќе се претстават истакнати македонски уметници како Симон Трпчески кој ќе реализира концерти во Холандија и Франција, Гордана Јосифова Неделковска која ќе реализира концерт во рамки на меѓународниот фестивал на уметности „Art - November“ во Москва и групата „Леб и сол“ која ќе реализира концерт во рамки на „Дубровачки летни игри“. Исто така во организација на Сојузот на композиторите на Македонија ќе се реализира концерт на современа македонска музика со австралиски исполнители во Мелбурн, Австралија и концерт на современа македонска музика со холандски исполнители во Холандија. Здружението на камерни хорски состави „Св. Злата Мегленска“ ќе учествува на светската хорска олимпијада „Рига 2014“  што е од исклучително значење за Република Македонија со оглед на тоа што, како што веќе напоменавме токму градот Рига е назначен за европска престолнина на културата оваа година.

 

Извор:  http://kurir.mk/makedonija/kultura/146548-Megunarodnata-sorabotka-ostanuva-prioritet-na-Ministerstvoto-za-kultura