На 08.04.2015 година, Собранието на академиците на Бугарската академија на науките го избра претседателот на МАНУ, акад. Владо Камбовски, за  странски член на Бугарската академија на науките.

Во образложението на Бугарската академија на науките, меѓу другото стои дека акад. Камбовски има објавено околу 340 публикации и научни трудови и дека е неприкосновен авторитет во својата земја од областа на кривичното право и филозофијата на правото. Исто така се наведени и неговите научни интереси, меѓу кои се: организираниот криминал; потребата од приближувањето на македонското право со правото на Европската унија; судските реформи како приоритет за Република Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија; кривично-правната репресија и новите форми на криминални активности; јазикот на омразата, на недискриминација и толеранцијата.

Во образложението за изборот на акад. Камбовски за странски член на БАН, исто така, стои дека тој придонел и за развивањето на заедничка соработка меѓу МАНУ и БАН, врз основа на која веќе втора година се работат 33 заеднички проекти од областа на медицинските, хуманистичките, општествените, природно-математичките и техничките науки.

МАНУ

22.4.2015 година