И годинава ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од Србија и Албанија, како и од Шведска

28. „Саем на книгата“, кој официјално ќе биде отворен в понеделник во 19 часот, а за посетителите веќе од наредниот ден, ќе се одржува во „Метрополис арена“ од 12 до 18 април, со учество на над 70 издавачки куќи. Ќе биде понудена литература од домашни и од странски автори, белетристика, научни изданија, книги за деца, учебници, а издавачите ќе организираат и средби со автори на своите штандови, но и во Промотивниот центар во „Метрополис арена“ за каде што се најавени над 30 промоции.

„’Саемот на книга’ е една од најатрактивните саемски манифестации кој традиционално привлекува голем број публика. Изложувачите индивидуално ќе одредат попусти на книгите, кои се движат од 10 до 70 отсто, така што по достапни цени ќе може да се збогати домашната библиотека. Ќе има штандовско претставување на изданијата, многу литературни читања, дружења со автори и промоции“, рече на вчерашната прес-конференција Сања Кондарко, проект-менаџер во „Скопски саем“.

Kако и минатите години, и оваа година ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот како Србија и Албанија, како и Шведска со презентација на „Шведската литература за деца денес - трендови и примери“, со осврт кон „Астрид Линдгрен, Меморијалната награда“. Ќе гостува и Лена Карланд, професор на Универзитетот во Упсала. На 14 април како дополнителен настан ќе се одржи и предавање на хрватскиот писател, социолог и мотивациски говорник Бруно Шимлеша на тема „Како да се биде среќен во љубовта?“. Шимлеша е меѓу десетте најчитани хрватски автори на книги од областа на популарната психологија. (К.Р.)

Извор. Утринскивесник