asterfest.repriza2.jpg

 Филмскиот фестивал Астерфест од Струмица веќе петта година продолжува со традицијата на репризно прикажување на наградените филмови во рамките на Скопското лето. В сабота, во Кинотеката на Македонија со почеток во 21 часот ќе се одржи проекција на документарниот филм НАГОРЕ и на краткиот игран филм ПТИЧКИ.
 Францускиот филм НАГОРЕ раскажува приказна за ѕидот – одвојувања кои треба да се зајакнуваат, но раѓаат и други непланирани нешта. Заштитиниот ѕид, изграден околу Израел на Западниот брег ги подели палестинските фамилии и заедници. Исто така го изолира и католичкиот старски дом Богородица нажалена, кој се наоѓа надвор од Ерусалим, и ги остава неговите енергични жители да се соочат со староста во болката на еден од светските најгорчливи конфликти. Со прекрасната сликовитост, со моментите на смеа и со помош на тивкиот ексцентричен стар водич, овој филм ги истражува социјалните и религиозните бариери кои произлегуваат од психичките. Сценариото, режијата и камерата се на Георги Лазаревски, филмски документарист кој има македонско потекло. Монтажата е на Фабрис Салини, а продуцент е Артуро Мио. Филмот доби Гран При (Златна Потковица) на Астерфест 2009, а наградуван е и на фестивалите во Осло, Лондон, Њујорк, Краков.
 Исландскиот филм ПТИЧКИ се случува за време на една светла летна ноќ и ги следи случувањата на група тинејџери на патот од невиноста, кон светот на возрасните. Главниот лик е срамежливо момче кое типично школски се вљубува во девојка на негова возраст, која пак е пријателка на негов другар. Сценариото и режијата се на Рунар Рунарсон. Директор на фотографија е Софија Олсон, а играат Атли Оскар и Хера Хилмарсдотир. Филмот доби награда за најдобар краток филм на петтиот Астерфест, прогласен е за најдобар филм и во Мелбурн, Варшава, Санкт Петербург, а прикажан е и на Канскиот фестивал.
 На 16 август Астерфест има проекција во Дојран, а кон крајот на летото Астерфест и Тивериополската филмска алијанса го заокружуваат овогодинешниот циклус проекции во амбиентални кинематички простори.