Фоторепортерот Марко Георгиев смета дека моќните приказни ги менуваат нештата

 

Марко Георгиев, кој со статус на слободен фоторепортер години наназад работи за „Њујорк тајмс“ и за други агенции и публикации, минатата недела во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, на самостојна изложба презентираше дел од својата богата досегашна продукција. Тој го дефинира фоторепортерството како работна задача од која произлегуваат моќни приказни што може да променат нешто. „Во 2006 година во декември правевме приказна за еден психоделичен бездомник кој што буквално живееше во напуштено депо на метрото во Бронкс, под земја. Приказната излезе на насловната страница на „Њујорк тајмс“ за Божиќ, а по еден месец, поради нашата приказна се најде организација која обезбеди стан за човекот. Можеби идејата да се промени едно општество на подобро е премногу идилична и премногу амбициозна, но сигурен сум дека ние новинарите постоиме тука за да прераскажеме што навистина се случува и доколку го прекинеме тој тек на немили случувања на кои сме сведоци, сме ја постигнале целта“.

Иако е роден во Скопје каде и дипломираше на Факултетот за ликовни уметности, а во Македонија и досега изложувал на самостојни и групни изложби, сепак беше пријатно изненаден од неверојатната посетеност на отворањето на изложбата, каде презентира фотографии снимени во Ирак, во Њу Орлеанс по ураганот Катрина, на Катманду во Непал и за време на Модната недела во Њујорк. Секојдневно се трка со времето, а на прашањето дали свесно го погодил вистинското време за презентација на творештвото или пак само успешно го водел внатрешниот часовник, одговори: „Пет години за мене беа долг период кој ми помина неверојатно интензивно. Претпоставувам дека подготовката за изложбава ми беше земање здив.

Сакав да биде зиме, бидејќи со пролетта и летото доаѓаат многу задачи и проекти кои сакам да ги почнам и завршам“.

Неговата сегашна адреса на живеење е Њујорк, иако како што вели, се помалку време поминува во малото станче што го има на Менхетен. Во САД завршил и студии на Рутџерс Универзитетот во Њу Џерси. „Последниве две години буквално живеев од торба, и тоа од две, кои секогаш одеа со мене. Едната со параглајдерот, а другата со алишта, кабли, хард дискови, објективи, компјутери и апарати. Малку сум изморен од тој начин на живот, бидејќи минатото лето ми најдоа искривување на рбетниот столб од носење ранци и торби. Годината ми почнуваше со одење во Бразил во потрага или по приказни за гламурот и мизеријата околу Карневалот, или пак во барање на илегална малолетничка работна сила. Летото ми беше резервирано за Средниот Исток, претежно за Ирак, но воедно ме испраќаа на големи протести во Будимпешта. Есента ме испраќаа каде што врне и дува ветер со рекордна брзина и каде што секој сообраќаен знак под таков притисок станува убиствено копје. Од пет години, само еден роденден сум поминал дома. Останатото беа урагани и војни“.


Багдад, јули 2007 година. Ирачки притвореници во кампот Правдина

Фоторепортерските почетоци на Георгиев се врзани за македонскиот весник „Форум“, а денеска дел од уредниците од „Њујорк Тајмс“ и „Њујорк Дејли њуз“, го опишуваат како вреден и храбар фотограф и пријател. Тој самиот со малку зборови говори за соочувањето со сопствените, и со маните и доблестите на луѓето на опасните терени за фотографирање, со малку реченици го опишува стекнатото искуство.

“Бидејќи ја имав таа привилегија да ме пратат да известувам за вистината, не можев многу да се посветам на себеси. Една од десетте заповеди на богот на новинарството е дека добра насловна страница, е подобра од добар секс. Претпоставувам дека излезот од очајот што секојдневно го гледав во Ирак и Катрина, го лечев со работа и со летање со параглајдер, веднаш по завршувањето на задачата.

А да се има добар уредник е поважно од се', кога си оставен сам на себе во сред бура или во некоја база каде што врнат гранати. Уредникот е тој кој што е со тебе во секој момент, во контакт по електронска пошта или преку сателитски телефон. Знам дека поранешниот директор на фотографија во „Њујорк дејли Њуз“, Јон Насо не спиеше со ноќи кога ќе ме пратеше на тешка задача. На него му се јавував и во два часот по полноќ кога ми требаше совет“.

За досегашна придобивка од својот занает, кој на многумина им изгледа привлечен и неверојатно возбудлив, освен искривениот рбет, го смета и рамото што деноноќно го боли, растурениот брак, непостојаното место на живеење, електронските пријатели, скајпот, двете скршени ребра, ниту еден ден социјално осигурување, празното конто во банка и кредитните картички кои вели дека никогаш нема да ги отплати.

„Беше време да се напушти тоа место “ е една од неговите често употребувани реченици, кога ги опишува ситуациите на опасните терени. На поставеното прашање, колку успева да ги препознае и следи знаците што го предупредуваат, Марко Георгиев, имаше како и претходно, не многу долг одговор: „Во сред урагани се слуша локалното радио. Во момент кога полицијата и спасителите ќе се повлечат на сигурно, ние си даваме уште половина час на терен и потоа се повлекуваме на безбедно, ако има такво место. Во Ирак е најважно искуството и најмногу среќата. Дали си го забележал истото лице на две улици, дали некое возило се појавува неколку пати во твоја близина, дали ти се крева косата на вратот, или едноставно дали накај тебе јуришаат банди на Арапи со исукани мечеви!

Наспроти директно доживеаната суровост, трагичност на животот, фоторепортерот на актуелната изложба презентира и фотографии од позната Модна недела во Њујорк, настан кој го опишува како неверојатно тежок и комплициран за фотографско покривање. „Во таа недела јас ослабев неколку кила. Константно трчање од настан до настан, расправање со едно чудо луѓе, расправии со папараци и препотентни италијански фотографи на кои им е императив да се на најдобра позиција, а немаат платено место на подиумот за фотографирање, бројни неважни личности со превисоко мислење за себе како вратари, редари, луѓе што делат пенкала и промотивен материјал, списокот е долг“. Тоа беше неговиот одговор на нашето поставено прашање дали фотографирањето на таков престижен настан го смета за неопходен баланс во документирањето на паралелните цивилизациски светови, и кој од нив (фотографирањето во опасните подрачја или на модните писти), го смета за поатрактивен за работа и за заработка.

Катерина Богоева  - Утрински весник