TViTer264

Времето покажа дека социјалните мрежи всушност предизвикуваат засилен стрес, вознемирување, нетрпеливост и поларизација во општеството. Многу истражувачи кои го истражуваат начинот на кој комуникацираме на социјалните мрежи тврдат дека токму тој континуиран проток на информации „нè преплавува, нè држи во стрес, ни создава вознемиреност“. Ние всушност добиваме премногу информации, а не се информираме квалитетно, не ги селектираме и не ги читаме критички содржините. На тој начин всушност се разорува политичкиот дискурс што се води на социјалните мрежи, бидејќи најголем број учесници во дебатата се недоволно информирани. Да заклучиме – дебатирањето (а најчесто тоа е „озборување“) на социјалните мрежи може да биде забавно одвреме-навреме, но тоа не може да даде корисен придонес во развојот на плуралистичка и инклузивна дебата, смета Д-р Снежана Трпевска, Институт РЕСИС.

Приказна Зошто е важна дебатата во јавната комуникација?

Трпевска Најнапред, да разјасниме дека овде не станува збор за која било комуникација, туку за јавната комуникација, оти ние дебатираме за јавни прашања и во секојдневната интерперсонална комуникација. И второ, не зборуваме за која било дебата, туку пред сè за јавни прашања, прашања кои сите не засегнуваат.

Генерално кажано, можноста што повеќе луѓе да го искажат јавно своето мислење, да дебатираат меѓусебно, односно да разменуваат ставови и аргументи е клучна за демократското општество. Една жива и динамична јавна сфера овозможува да струјат и да се разменуваат различни мислења и да се гради и филтрира низ таа дебата ставот на јавноста, заедничкиот или јавниот интерес. Уште нешто е тука мошне важно, тој јавен интерес се обликува само кога ќе се сопостават различни и спротивставени гледишта и ставови. Но, тоа е идеалот за јавната сфера, како што некогаш го замислувал германскиот филозоф и социолог Јирген Хабермас. Прашање е дали денес е остварлив идеалот за една таква рационална дебата?

Второ на што треба да се укаже е дека постои разлика во контекстот во кој се одвива таа јавна комуникација? Ако е на традиционалните медиуми – телевизија на пример, кога учествувате во некоја дебатна емисија, таа е осмислена и структурирана од страна на новинарот, но кога е на социјалните мрежи таа слободно тече, никој не ја уредува или структурира. До пред некоја деценија, тој простор за јавна дебата, го обезбедуваа традиционалните медиуми – печатените медиуми, радиото и телевизијата. Сега, јавната дебата не се води веќе само на традиционалните медиуми, туку пред сè на социјалните мрежи. За разлика од традиционалните медиуми, овде веќе нема привилегирани – секој може да учествува во јавно дебатирање за прашања што сите не засегаат. Некогаш дури и да не сте имале намера, нешто ќе ве испровоцира да искоментирате и наеднаш сте се нашле во некоја жестока дебата. И тоа, дебата која можеби не е најсериозна и непристрасна, но сепак е таму и сите ќе ја видат.

Конструктувна и деструктивна улога на јавната комуникација на социјалните мрежи

Навистина, не можеме да ја негираме таа демократска или партиципативна функција на интернетот од аспект на слободата на изразувањето. Можноста луѓето да се организираат во виртуелни групи или јавности заинтересирани за специфични теми или прашања е неизмерна и навистина може да има огромна мобилизирачка моќ за заедницата, особено кога станува збор за важни прашања како што е загадувањето, заштитата на околината, јавното здравје, корупцијата и други теми. Тоа е таа конструктивна улога на јавната комуникација на социјалните мрежи.

Но, мора да се нагласи и дека јавната комуникација на социјалните мрежи може да се одвива и во деструктивна насока, особено кога во неа ќе се вмешаат политичките интереси. Ова во голема мера произлегува од самиот карактер на мрежната комуникација. Така, на мрежите како Инстаграм, Фејсбук, Твитер итн. се случува нешто што се нарекува континуиран „ток“ или „проток“ на информациите. На читателот постојано му се фрлаат в лице куси (интересни) информации за тој да се задржи на платформата. Ова потенцијално го нарушува политичкиот дискурс или дебатата, бидејќи читателот не добива никогаш сеопфатна информација, на начин како што би ја добил кога би читал самиот некоја статија во весник или би следел некоја документарна или информативна програма во која новинарот сеопфатно ја обработил темата. Едноставно добива парченца од информацијата. Политичарите, така, низ куси и разбирливи пораки можат да допрат до многу гласачи и лесно да влијаат или да манипулираат со нивното мислење. Поточно, гласачите на тој начин ја губат способноста да расудуваат, бидејќи само делумно се информирани, немаат квалитетна и сеопфатна информација. Тоа му успеа на Трамп на Твитер, преку огромен број твитови со политички ветувања до гласачите. Кон ова придонесува образецот на информирање од мрежите – за најголем број поединци комуникацијата на социјалните мрежи се сведува главно на т.н. автоматско скролање, прелистување или лизгање по платформата, без многу да се вклучи мозокот, кога се читаат само насловчиња и куси постови.

„Озборувањето“ на социјалните мрежи не е рационална и аргументирана јавна дебата


Значи, сега доаѓаме до една теза која се чини е контроверзна или која сама по себе изгледа како еден парадокс – социјалните медиуми имаат демократски потенцијал, од една страна, но од друга страна всушност можат да ја уништат демократијата. Но, ова не е ништо ново во комуникациската наука. Во дебатите за интернетот и слободата на изразувањето на почетокот навистина се мислеше дека интернетот и социјалните медиуми се место каде ќе се реализира идејата на Хабермас за јавната сфера како простор во кој ќе преовлада рационална дебата и логичка аргументација што води кон вистински демократски реформи. Сепак, времето покажа дека социјалните мрежи всушност предизвикуваат засилен стрес, вознемирување, нетрпеливост и поларизација во општеството. Многу истражувачи кои го истражуваат начинот на кој комуникацираме на социјалните мрежи тврдат дека токму тој континуиран проток на информации „нè преплавува, нè држи во стрес, ни создава вознемиреност“. Ние всушност добиваме премногу информации, а не се информираме квалитетно, не ги селектираме и не ги читаме критички содржините. На тој начин всушност се разорува политичкиот дискурс што се води на социјалните мрежи, бидејќи најголем број учесници во дебатата се недоволно информирани. Да заклучиме – дебатирањето (а најчесто тоа е „озборување“) на социјалните мрежи може да биде забавно одвреме-навреме, но тоа не може да даде корисен придонес во развојот на плуралистичка и инклузивна дебата.

Документарен магазин Приказна на тема култура во комуникацијата

Приказна Како да разликуваме критичност од критизерство? Како да поттикнеме култура во комуникацијата?

Трпевска Тешко дека може да се даде едноставен одговор на овие прашања. За да бидеме компетентни учесници во јавната дебата, потребно ни е и многу знаење и способност логички и аргументирано да размислуваме и дебатираме. Но, исто така, потребна ни е и толеранција, желба да го сослушаме другиот и да му одговориме со аргументи, а не со нетрпеливост и омраза. Можеме да бидеме максимално критични во врска со некое прашање, а сепак да не го навредиме соговорникот кој размислува поинаку. Вие ќе сретнете безброј примери на „дебатирање“ на социјалните мрежи во кое луѓето се поделени во непријателски табори и си упатуваат сериозни лични навреди, етикети или закани, само зашто некој има поинакво мислење.  

Мене лично ми се случило да „упаднам“ во дебата за мерките на Владата во врска со Ковид-19 во која учесниците, кои беа главно помлади, го истураа целото свое незадоволство од тоа што не можат да си го живеат животот, да се забавуваат, да излегуваат и сл. Се обидов да им укажам дека ако нема мерки нечие право на живот ќе биде буквално загрозено, мислејќи на повозрасните и на луѓето кои се поранливи. Беше неверојатно со какви коментари и нетрпеливост бев нападната, така што си го избришав коментарот и изгубив секаква желба за дебатирање. Впрочем, истражувачите на психологијата на однесувањето на социјалните мрежи тврдат дека луѓето се групираат во т.н. балони од истомисленици кои само си ги зајакнуваат веќе претходно усвоените уверувања и ставови. Но, особено е разочарувачки што дури и во ваквите групи на истомисленици ретко се одвива рационална дебата за некоја тема, поткрепена со логика и аргументи.

Приказна Веројатно во секој од нас има извесна доза и на агресија, но и на сочувство. Чија е одговорноста за говорот на омраза?


Трпевска Одговорноста на секој поединец за искажаниот став или збор е многу поголема во јавната комункација. Но, не секој став и не секој исказ. Важно е да разбереме дека постои разлика меѓу следниве три типа на говор: „критичкиот или грубиот говор“, потоа „клеветењето и навредливиот говор“ и „говорот на омраза“.  Од аспект на слободата на изразувањето и јавната дебата критичкиот или грубиот говор се од клучно значење. Секој може да критикува кога станува збор за прашања што сите не засегнуваат. Но, притоа, треба да се внимава некој да не биде наклеветен за нешто што не го сторил. Дури и кога станува збор за политичарите, кои треба да подлежат на поголем степен на толеранција. Во тој случај, постои одговорност и за новинарот и за кој било учесник во јавната дебата.

Но, говорот на омраза е нешто што никој не смее да го прави. Да, разбирливо е дека ние имаме негативни емоции, но треба да сме свесни дека ако ги искажеме јавно, особено кога станува збор за припадници на некоја група, и особено на социјалните мрежи, тоа добива засилувачки ефект и може да доведе до напади и насилство кон таа група. Говорот на омраза се казнува и прекршочно (за медиумите) и дури и кривично (за поединците). Според тоа, за говорот на омраза е секој одговорен, но не секој исказ е говор на омраза.  

Приказна Дали образованието, воспитувањето, општеството како целина може да влијаат за канализирање на комуникациските процеси?

Трпевска Овде доаѓаме до прашањето за свесноста на секој поединец како да ги селектира изворите од кои се информира и како критички да ги восприема содржините што ги чита. Не се работи само за прашањето на медиумската писменост, туку и за општата писменост, желбата за читање и за стекнување знаење, способноста за критичко размислување, но исто така и свесноста на поединецот за тоа како да го организира и користи своето слободно време. Во денешниот дигитален свет, важно е да станеме свесни за тоа дека социјалните медиуми можат да ги контролираат нашите животи, дека можат да влијаат врз нашиот начин на размислување.

За ова секако дека е клучна улогата на образованието, иако и семејството и другите актери во општеството може да влијаат. Образованието всушност целосно треба да се трансформира, од една страна за да ги искористи придобивките од дигиталните технологии во текот на образованиот процес, а од друга страна, да создаде свесност и навики за нивно внимателно користење. Ова паралелно треба да се одвива со остварувањето на другите клучни компетенции што се постигнуваат низ воспитно-образовниот процес: да се развива општата писменост и образование и желбата и навиките кај учениците за читање литература и за континуирано образование и личен развој. Затоа, ќе нагласам овде дека медиумската писменост не е магично стапче, тоа не е еден предмет во наставата што може сам по себе да им помогне на учениците свесно да ги користат медиумските содржини. Важно е да биде дел на еден интегрален пристап во учењето кој ја развива способноста за логичко критичко мислење кај индивидуите во кое било поле.

Значи, образованието треба да создаде и технички и умствени компетенции, што на секој поединец му се неопходни за да се вклучи на пазарот на работна сила, но и за да стане активен граѓанин. Традиционалната улога, содржина и методи на учење треба да се менуваат – образованието денес треба да ги подготви учениците за новото опкружување. Но, исто и возрасните, на кои им требаат нови вештини – оттаму и потребата за доживотно учење.

За Приказна,

Вики Ч.

 Извор:

https://prikazna.mk/%d1%81%d0%bd%d0%b5%d0%b6%d0%b0%d0%bd%d0%b0-%d1%82%d1%80%d0%bf%d0%b5%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d0%be%d0%b7%d0%b1%d0%be%d1%80%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5%d1%82%d0%be-%d0%bd%d0%b0/?fbclid=IwAR2B0FslN0VTstHkS7pnCyYRXKAR3wCkvFcJRHx9cif_8BnZbmwPnvliJys