Врвните дела на главниот зограф, кој го сликал живописот на црквата “Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези, се композициите Оплакување Христово и Симнување од крст. Токму композицијата „Оплакување Христово“ се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и Џотовата Св. Богородица (14. в.), која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. Ова значи дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно…

 

Манастирскиот бисер во близина на Скопје, црквата „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези е вториот храм во Македонија, по црквата во Курбиново, за кој се најавува процедура за впишување на листата на УНЕСКО. Според Министерката за култура Ирена Стефоска, создадени се сите предуслови и овој храм од 12 век да добие заслужена заштита во светски рамки.

„Оваа прекрасна црква и по многу нешта особена. Ја преземам одговорноста заедно со Националниот совет за културно наследство, како и за црквата во Курбиново, да ја почнеме подготовката за впишување на листата на УНЕСКО“, изјави Стефоска, откако завчера беше извршен увидот во реконструкцијата на конакот на црквата. Таа, додаде дека во доцните 70-ти години од минатиот век, бил направен обид за впишување на црквата на листата за културно наследство на УНЕСКО, но, тоа не се случило. Инаку, црквата Свети Пантелејмон во Горно Нерези, која е дел од манастирскиот комплекс е изградена во 1164 година, и е културно добро заштитено со Закон. За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата, на кој пишува: „Се разубави овој храм на светиот и славен Великомаченик Пантелејмон со средства на господинот Алексеј Комнин, син на перфирородна госпоѓа Теодора во месец септември индикт 13 година 6673 (1164), при игуменството на Јоаникиј монах“. Алексеј Ангел, бил византиски принц син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј Први Комнин.

Извонредно фрескосликарство од времето на династијата Комнини

На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.

Црквата која е изградена во македонски стил, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. Живописот, пак, според упатените, е дело на повеќе раце, пред сè на рацете на двајцата главни мајстори. В. Лазарев смета дека живописот го работеле неколкумина мајстори и дека главниот мајстор е повиканиот мајстор кој дошол од Цариград. Неговата рака го извела живописот на најодговорните и најосветлените делови во црквата, а на тој дел му припаѓаат и најзначајните досега сочувани композиции: Сретение, Преображение, Лазарево воскресение, Раѓање на Св. Богородица, Воведение на Св. Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, Симнување од крстот и Оплакување Христово. Вториот зограф, според Лазарев, кој ја работел композицијата Причестувањето на апостолите и некои од ликовите на светите воини, слика со нешто поразводнети бои. Врвно дело сепак, на главниот зограф се композициите Оплакување Христово и Симнување од крст.

3.angeli.so.truba

Композицијата „Оплакување Христово“ предвесник на ренесансата

Токму композицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Но Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези. Во прв ред тоа е нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и Џотовата Св. Богородица (14 век), која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. Ова значи дека преобразбата во ликовниот израз својствена за него и раноренесансните дејци во Италија е всушност започната во Македонија, 150 години претходно…

3.angeli.so.truba

Министерката Стефоска, како и Јасмина Шопова, советничка на министерката за култура, со долгогодишно искуство во УНЕСКО, најавија дека ќе се аплицира и со други споменици на култура.

„Во нашата земја има многу споменици кои заслужуваат да бидат впишани на листата на УНЕСКО, но со оглед дека процедурите се тешки и спори мораме да одиме постепено. Се одлучивме прво тоа да биде Курбиново бидејќи треба да се заштити и од наша страна, но сметаме дека треба да добие и меѓународна заштита. Потоа ќе започнеме со процедурите и за други културни добра во зависност од нивната состојба“, истакна неодамна за весникот ВЕЧЕР, Шопова. (Д.Т.)

 

 

Друго:

https://www.vecer.press/%D0%BF%D0%BE-%D0%B0%D0%BD%D0%B3%D0%B5%D0%BB%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BE%D0%B4-%D0%BA%D1%83%D1%80%D0%B1%D0%B8%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%BE-%D0%B8-%D0%BF%D0%B0%D0%BD%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D1%98%D0%BC%D0%BE/