Проф. д-р Венко Андоновски:
ИСКЛУЧИТЕЛНА И МАРКАНТНА СТУДИЈА СО ИСЦРПНИ ИНТЕРПРЕТАЦИИ

Книгата со наслов „Александар III Македонски во македонската книжевност“ (адаптирана верзија за објавување од докторската дисертација „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“) од Ранко Младеноски претставува студија поделена во четири раздели: „Историја“, „Теорија“, „Македонска книжевност“ (со заклучок за целата студија) и „Прилози“ („Преглед на книжевните дела за Александар Македонски“ и „Библиографија“ – список на користената стручна литература).
Станува збор за капитална, екстензивна но и теориски одлично фундирана студија која го расветлува ликот на Александар Македонски од историски, теориски (наратолошки и културолошки) аспект, но дава и детален преглед на појавата на овој лик во македонската книжевност во дијахрониска смисла од македонската народна, преку македонската средновековна книжевност, македонскиот деветнаесетти книжевен век, сè до најновите литературни дела од дваесеттиот (дури и од дваесет и првиот!) книжевен век кај Македонците. Студијата е среќен спој на синхронијата и дијахронијата, на теоријата и историјата во најопшта смисла на зборот.
Во првиот, историски дел на студијата авторот Ранко Младеноски дава исклучителен историски увид во фигурата на Александар Македонски во историјата, низ цела палета историски интерпретации, мистификации и дури метаинтерпретации на историските податоци. Се цитираат светски историчари кои се изјасниле за оваа фигура, но и наши историчари, писатели и културни дејци. До сега во македонската наука ова е уникатен обид на едно место да се соберат „фрагментите“ на историјата како дискурс посветен на оваа референтна точка (Александар) и тие да се поврзат во целина. Тие обиди за поврзување на фрагментите на историскиот дискурс во една кохерентна целина ги покажуваат мистификациите, „шевовите“ на историските мистификации и сите видови на „белетризирање“ на историјата. Авторот секогаш од предострожност го подразбира дискурсот на историјата во духот на најновите интерпретации (на пример, ставовите на А. Хелер во прочуената книга Теорија на историјата), според кои историјата е во висок степен белетризиран и „фокализиран“ дискурс, веќе субјективно обоен, затоа што е упатен на самоконституција преку записи, сведоштва и материјални траги кои се веќе самите по себе херменевтички чинови, па според тоа – субјективни дискурси (оваа теориска тавтологија е неопходна во хоризонтот на овие теории). Дури и самиот избор на еден „објективен историчар“ – на кој настан од животот на една историска личност ќе му даде предимство (пред некој друг), веќе претпоставува субјективизација на историјата. Самиот автор на оваа книга тоа јасно го кажува: „Она што во овој труд го определуваме како ’интерактивен код на културите‘, а што се однесува на историската личност и книжевниот лик Александар Македонски, не задира во некакви лични определби, погледи или пак, намери (цели) на самиот македонски крал, зашто историјата нема и никогаш нема да има сигурни, автентични податоци за тоа“.
Оттука, во првиот дел се цитираат Херодот, Демостен, Аријан, Плутарх, Куртиј Руф, Јустин, Диодор, Артур Вајгал, Џ. Р. Елис, Јуџин Борза, Блаже Ристовски, Христо Андоновски, Наде Проева, Бранко Панов, Мит¬ко Б. Панов, Ана Шукарова, Елеонора Петрова, Фанула Папазоглу, Васил Тупурковски, Џон Шеј, Улрих Вилкен..., но секогаш со нужната идеја дека историјата е голема нарација: таму каде што има нарација, има и наратор и се разбира – фокализација или гледна точка што го исклучува поимот на „објективноста“.
Во таа палета на историски откршоци и нивни интерпретации, се појавува една можна слика на целината: кога станува збор за историската претстава за Александар Македонски, станува збор за културна единица „знак“ која била конвертибилна во интеракцијата на различните култури и нивните семиотики; станува збор за палимпсестна единица од која некои „истории“ бришеле, а други „натпишувале“ свои значења, така што е невозможно да се утврди нејзин постојан идентитет. Во духот на најновите резултати на хуманистичката теорија, се зборува за „привремени“ идентитети, за интеракција на културните кодови во чиј пресек треба да се бара она што се означува денес со етикетата „Александар Македонски“. Младеноски се држи главно до постколонијалните ставови на Едвард Саид, но и на оној отсек на постколонијалната критика која се именува како „интеркултурна херменевтика“. Сепак, на авторот му се чини недостатно да се служи со вокабуларот на таа критика (колонизатор/ колонизиран; јас/ Другиот), па не се откажува ниту од вокабуларот на класичната наратологија/ семиотика, за кој смета дека е нужен при осветлувањето на ликот на Александар Македонски не само во книжевните дела, туку и во „историските“ нарации – ако историјата е „приказна“, тогаш не е можен влез во неа без овие „класични“ методи.
Така, во вториот дел од својата студија, насловен како „Теорија“, Ранко Младеноски го утврдува својот минимален теориски вокабулар кој ќе му овозможи да се позанимава (во третиот) дел со КНИЖЕВНИОТ лик на Александар Македонски, во фондот на македонската книжевност, од фолклорот до постмодерната. „Во елаборацијата на книжевно-теориските прашања го следиме насловот на темата од кој експлицитно и импли¬цитно произлегуваат неколку суштински поими – ликот како знак, интеракција, код, култура, постколонијална критика, Другиот – Другоста, ориентализам, европоцентризам, дијалог – дијалогизам, мултикултурализам“, вели авторот, наведувајќи ги практично клучните зборови за неговото натамошно истражување. Во овој дел тој се повикува на основните теориски премиси (за културата сфатена како текст) на Зигмунд Фројд, Едвард Саид, Јуриј Лотман, Ролан Барт, Цветан Тодоров, Михаил Бахтин, Жак Дерида, Јулија Кристева... Тука се, се разбира, во позадина, како „наратолошка“ логистика и класиците на наратологијата на ликот – Тодоров, Женет, Грејмас, Барт, Амон... Така „опремен“, авторот му пристапува на најобемниот дел од неговата студија – приказот и толкувањата на ликот на Александар Македонски во македонската книжевност од фолклорот, преку средновековието до постмодерната.
Во тие свои исцрпни и коректни анотации и интерпретации, авторот е упатен не само на делата кои како референција го земаат или само го споменуваат Александар Македонски, туку и на богатата критичко-историска граѓа од видни македонски авторитети, со кои кандидатот влегува во плодотворно противставување на ставовите. На пример, тој во македонската фолклористика забележува „скептичност на одредени автори по однос на автентичноста и изворноста на македонските народни умотворби во кои, директно или индиректно се појавува ликот на Александар Македонски, при што многу често фокусот на интерес излегува надвор од фолклорот и се преселува во историската наука“, вели со полемичен тон на едно место авторот на студијата. Изводите на сите овие критички осврнувања на нашата фолкористика се дека е можно и нужно повторно исчитување на делата со етикета „Александар Македонски“, но со понови, комбинирани научни методи: не само од историски, туку и од културолошки аспекти. Сите тие критички објекции (дури и кон извори со кои кандидатот се согласува макар и привремено), всушност, укажуваат на заклучокот од првиот дел – историјата е премногу „несигурна“ дискурсивна формација за да може на неа да се повикуваме кога ги рангираме мотивите за Александар на „наши“ и „туѓи“ (што нашата фолклористика често го практикувала). „Историска вистина е дека постојат македонски народни умотворби за Александар Македонски. Ако пак, синтагмата ’историска вистина‘ се однесува на тоа дали Македонците кои ги зачувале преданијата за Александар Македонски се негови потомци, тогаш ќе треба да се потенцира дека историјата сè уште не расчистила со ’историската вистина‘ во врска со тоа!“, вели претпазливо авторот.
Така, Младеноски ги избегнува стапиците на „чистиот идентитет“ во својата студија затоа што на тоа го обврзуваат теориите за другоста, идентитетот како привремена самопроекција во Другиот и мултикултурализмот, што претходно ги усвоил. Симпатично во сето тоа е што авторот, сепак, не се согласува со безусловно „предавање“ на знакот „Александар Македонски“ во рацете на Другиот, без претходно да провери што тој значи во создавањето на сопствениот (денешен македонски) национално-културен идентитет. Оттаму, во текстот на студијата и една драгоцена реткост, невообичаена за нашите докторски дисертации: активната (академска) запрашана интонација/ дијалог со сите гледишта со кои кандидатот не се согласува, а може да понуди спротивни аргументи!
Прегледот на сите споменувања на етикетата/ ликот/ културниот знак Александар Македонски и во средновековната, и во деветнаесеттовековната и во дваесеттовековната книжевност е – исрцпен и компетентно коментиран од книжевно-теориски и книжевно-историски аспект. Тоа важи и за најновата продукција, од тековниов век, во која се забележани дури 78 дела (од кои 6 романи) за Александар, само за едно десетлетие. Вкупно, кандидатот наброил (идентификувал) 176 дела од сите жанрови, во дијахрониски дијапазон од фолклорот до македонската постмодерна! Пред ваков резултат, рамен на истражување на цел еден институт, мора да се покаже научен респект.
Во заклучокот, авторот, во духот на теориите кои ги усвоил уште во воведните делови на својот труд, наведува дека речиси во сите наведени дела се открива „симбиоза меѓу историската факција и книжевната фикција“. Интеракцијата на овој палимпсестен знак со културите на Другиот е јасно покажана: „На пример, што го мотивирало анонимниот автор на преданието со наслов ’Александар Македонски‘ (...) да го поврзе Александар Македонски со турскиот султан Мурат и со тоа да го постави античко-македонскиот крал во улога на линк меѓу две култури коишто и просторно и временски се мошне оддалечени?“, се прашува кандидатот, премолчено усвојувајќи ја општата методолошка теза на еден Луис Јелмслев, според кој во науката – добро поставено прашање значи многу повеќе од предвидлив одговор. Сепак, авторот, покрај прашања, нуди и интересни одговори – тези: „Со ликот на Александар Македонски во македонската литература се поврзани двата вида на интеркултурна комуникација што ги изделивме во книжевно-теорискиот дел од трудов, а коишто ги детерминиравме како а) расистичка интеркултурна комуникација и б) толерантна интеркултурна комуникација“. На планот на книжевната постапка, ликот на Александар е подложен или на мистификација/ митологизација или на десакрализација/ демитологизација.
Кон сите овие анализи, придодадени се и табели, графикони и дија¬гра¬ми кои ги поткрепуваат тезите изнесени во текстовниот дел на студијата. На крајот е понуден и целосен преглед на сите дела во кои е споменат или тематизиран Александар Македонски, од фолклорот до постмодерната, како и обемна историска, критичко-теориска и белетристичка библиографија (229 единици) – сето она што било користено за изработка на овој исклучителен, маркантен докторски труд.
Од сето што до сега се кажа, може да се заклучи дека книгата „Александар III Македонски во македонската книжевност“ од авторот Ранко Младеноски ја заслужува оцената – исклучително. Тоа е редок, екстензивен, методолошки поткрепен труд, труд со огромна интелектуална енергија насочена кон преиспитување на „стабилните вистини“.
https://www.makedonikalitera.mk/.../399-aleksandar-vo
!9.07.2026