Магистерски труд на Софија Грандаковска

 

2. Антропоцентричниот карактер на молитвата во хеленската книжевност

 

 2.1. Во првобитната примитивна молитва човекот својата врска со непознатото, со духот или со божеството ја открива како врска надвор од себе. Во свеста на хеленскиот човек се појавува антропоцентричната димензија на постоењето. Имено, кај хеленскиот човек се појавува само почетно сознание за своето страдање кое е поради сторено лошо дело (момент којшто не постоеше во претходното цивилизациско ниво), а Бог го казнува поради тоа. Затоа, и формата на молитвата во хеленската книжевност добива антропоцентричен карактер. Иако боговите се антропоморфни и секогаш се блиску до луѓето, сè уште не постои свест за трансцендентноста на божественото присуство, бидејќи центарот на пантеонот е сè уште празно, а боговите во тој пантеон не поседуваат морална совршеност. Ваквиот заклучок за карактеристиките на молитвениот дискурс во хеленската книжевност како најтранспарентен, е илустриран во делото на Хомер. 

2.2. Во Илијадата се упатува на постоењето разгневени богови кои треба (на некој начин) да се смилостиват. Од друга страна, нивната позиција, т.е страната која ја застапуваат (ахајска или тројанска) е од променлив карактер. Чинот на смилостување се одвива преку молитвениот говор. Односот меѓу човекот и боговите е рефлектиран низ хеленистичкиот политеизам кој упатува на натчовечката убавина на боговите, во извесна смисла како поетска креација, но од друга страна, боговите според своите страсти и потреба за кавги, како човечки одлики, стојат блиску до луѓето. Оттука, боговите кои живееле на Олимп припаѓале на малку поинаква заедница од онаа на луѓето. Хеленскиот човек бил зависен од олимписките херои и, затоа, морал да им упатува инвокации, да им принесува жртви и низ молитвени повици да ја придобива нивната наклонетост. Боговите не поседуваат морална совршеност. Нивниот антропоморфизам говори за тоа дека боговите, од една страна, ги носат човечките особини, но од друга страна ја користат својата моќ и во добро и во зло. Затоа, хеленскиот човек појавата на гневот како зло, ја врзува со самите богови, т.е. дека божјото учествува во сè, па и во злото. Тоа укажува на една тајна недоверба кон боговите и отсуство на предаденост во вистинската вера кон нив. Оттука следува и честата критика кон нив. Но сепак, хеленскиот човек верува во вишата инстанца која постои на Олимп, а доказ за тоа се бројните почести коишто ѝ ги оддава преку молитвата и принесувањето жртви од практични причини. (Ѓуриќ, 1990, 88) 

2.3. Сите наведени атрибути на олимписките богови и нивната врска со човекот кој негува песимистички поглед кон животот, се одразува врз молитвениот дискурс во хеленската книжевност. Имено, таа нема карактеристики на вистинска молитва која подразбира заедништво. Формата на молитвата во хеленската книжевност подразбира извесна слобода во изразот. Таа е повеќе инвокативна, повикувачка, отколку доверлива. На тоа укажува и моралната несовршеност на боговите и нивната променлива позиција, но и критиките кои им се упатувани ним.