Капитал анализа: И МПЦ дел од планот на Русија за влијание на Балканот?

Месец и половина по посетата на рускиот патријарх Кирил на Белград, во Скопје допатува своевидниот министер за надворешни работи на Руската православна црква, митрополиот Иларион, и успеа да издејствува четири клучни средби на највисоко ниво – со премиерот, со претседателот на државата, со поглаварот на МПЦ, и, што е многу важно, со архиепископот на ПОА, Јован Вранишковски. Ефектот на посетата не требаше долго да се чека – Синодот на МПЦ на вонредна седница даде зелено светло за ослободување на Јован како услов за продолжување на дијалогот со СПЦ, во случајов под руски гаранции. Одредени аналитичари веќе толкуваат дека потезите на Руската православна црква, како посетата на митрополитот Иларион, се во согласност со стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин за одржување на влијанието на Русија на Балканот

Многу индикации поврзани со решавањето на статусот на Македонската православна црква содржи посетата на Претседателот на одделот за надворешни црковни врски на Московскиот патријархат, митрополитот волоколамски, г. Иларион на Скопје. На овој, своевиден министер за надворешни работи на Руската православна црква, му успеа овде да поврзе четири клучни средби (на највиско ниво) од неговата агенда – со премиерот Никола Груевски, со претседателот Ѓорѓе Иванов, со архиеписокопот на Македонската православна црква, г. Стефан, и, особено, со неговиот колега од Православната охридска архиепископија, Јован Вранишковски.

Последниот неодамна испрати писмо (адресирано до директорот на Управата за извршување на санкции, но, кое излезе и во јавноста) во кое се жалеше дека не му било дозволено да прима посети од никој друг, освен од неговата мајка и сестра. Ова, очигледно, не било препрека за митрополитот волоколамски, чија ненајавена (барем за јавноста) посета на Македонија се случи за помалку од месец и половина по посетата на рускиот патријарх Кирил на Белград. Претставник на ПОА учествуваше во официјалните разговори во Српската партијаршија – на домаќините, со гостинот од Москва. Тема, секако, беше и прашањето за МПЦ.

Иларион допатува во Скопје за да ги охрабри оние кои имаат моќ да го овозможат пуштањето на Јован Вранишковски од затвор, како појдовна точка за да се придвижат работите во македонско-српскиот црковен спор. Одговорот веднаш го даде Синодот на МПЦ од кадешто по вонредната седница (по посетата на Иларион) соопштија дека

    „раководени од духот на човекољубието, а поради повисоки цели, ги повикуваме надежните власти на Република Македонија за милост во однос на затворениот поранешен митрополит Јован, кој, покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови не треба да биде лишен од надежта за милосрдие“.

Во вакви околности прилично лесно е да се наместат коцките – партијархот Кирил имајќи увид во расположението во Скопје (веројатно) побарал од српскиот колега Иринеј, Српската православна црква конструктивно да се постави во дијалогот со МПЦ, ако Руската православна црква издејствува ослободување на Јован. Мотивот на Русите е да им се брои (евентуалното) решавање на македонското црковно прашање, а ако тоа се случи преку нивниот предлог, тоа ќе значи дека црковна Москва во ривалството со грчкиот блок цркви (во кој доминираат Цариградската патријаршија и Атинската архиепископија) ќе има уште една помесна црква на своја страна.

Дел од влијателните структури во СПЦ, од таканареченото „грчко крило“, кои се сомничат дека одработуваат за Грците, а во контекст на спорот за името што Македонија го има со Грција, тешко дека би можеле да ѝ се спротистават на волјата на Русите за кои важи аргументот – да се ослободи Јован; но, не и – проблем е името Македонска православна црква. Одредени аналитичари веќе толкуваат дека потезите на Руската православна црква, како последниот со посетата на митрополитот Иларион, се во согласност со стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин за одржување на влијанието на Русија на Балканот.

Руската православна црква, поточно патријархот московски и на цела Русија, Кирил, веќе го најави курсот на идните преговори на МПЦ со СПЦ. Една од опциите е да се задржи името Македонска православна црква, со одредница за статусот на црквата која нема да содржи грчки термини – значи да се користат поими како самостојност, самоуправност … Конструктивноста на овој предлог е што МПЦ го задржува името без да го прифати статусот автономија, а при тоа може да биде задоволна и српската страна од која нема да се бара автокефалност за МПЦ.

 Извор: Капитал