Panorama.Ljuboten.jpg


Христос воскресе!
 Го добив Вашето потиштено писмо. Го знаете духовниот закон: „Низ многу маки треба да минеме, за да влеземе во Божјото Царство... Во светот ќе имате непријатности... Со трпение спасувајте ги душите свои!...“ итн. Секој верник треба да го знае ова. Богочовекот претрпи плукање, тепање, шлаканици и останати навреди, страшниот Крст и на крајот смрт. За цело време на страдањето на Спасителот, нож како да ја прободувал душата и влегувал во срцето на Мајката Божја. А што претрпеа апостолите, мачениците, исповедниците, преподобните и останатите вистински следбеници Христови?
„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене!...“
 Ако искрено сакате да го следите Исуса Христа, тогаш и за вас нема друг пат, освен оној кој Тој ни го покажа, а тоа е патот со надворешни непријатности и телесни болести и постојана борба со сите страсти, кои се појавуваат на најразлични начини. Постојат и очигледни страсти: стомакоугодие, тага, лага, униние, гнев, суета, гордост, неверие, завист, осудување на ближниот итн. Со сите нив Христовиот ученик треба доследно да се бори, мора да се победи себеси и нив, а тоа бара напрегање на сите човечки сили и трпение. Ова често е пропратено со мачење, со крст од кој никаде не може да се побегне. Постојат две можности: или да им се предаде човек без борба и да го предаде Христа, или да се бори и да страда и низ таа борба и страдање духовно да расте.
 Вашата состојба, за која „завиткано“ пишувате, исто така е – страст, својство на стариот човек, која е според лукавството на непријателот (ѓаволот), кој секогаш се прикрива, маскирано и комплексно со секакви примеси. Бесовите (злите духови), иако затемнети од падот, сепак – во извесна мера – го зачувале ангелскиот ум и другите способности. Тие извонредно ги научиле човечките особености, физичките и психичките, имаат пристап до неговото тело, нервите и мозокот човечки и влијаат на неговите духовни квалитети и неговото однесување, дејствувајќи секогаш на зло и негова пропаст. Гледајќи дека човекот ги чувствува страстите и штетата од нив, злите духови се трудат да измешаат сè, да ги ублажат страстите за да го наведат во заблуда, додавајќи особено длабоко значење, надворешна привлечност и останато. Неизбежни се нивнити подмолности, лукавства, лаги и секој начин на соблазнување и упропастување на човекот.
 Ние, почетниците без искуство и духовни раководители, треба да знаеме едно: сами не можеме да дадеме отпор на страстите и злите духови ниту да ги победиме, но треба да се бориме со нив според силите и непрестано, за време на нападите, да Го повикуваме Господ напомош. „Ме опколија, ме нападнаа (непријателите и страстите), и со Името Господово им се спротивставив...“ Ниту вие самите со своите сили не можете да успеете да им се спротивставите, а уште помалку може друг човек да ви помогне, само Господ може. Значи, треба да се молите со трепетно почитување и понизно срце, исповедувајќи Му ги на Господа своите гревови, страсти и својата немоќ и молејќи Го за прошка и за помош. Ако така постапувате, набрзо ќе почувствувате спокојство и душевен мир, ќе почувствувате некое смирение и решеност да трпите сè поради Господ и поради своето спасение.
 Ќе кажам неколку зборови за Вашата состојба, за којашто Вие сметате дека  е својствена исклучиво за Вас, поточно за Вашето чувство на осаменост, напуштеност и др.
 Јас досега немам сретнато ниедна девојка, ниту друга жена која не страда од истото. Тоа е нешто што се крие во женската природа. Господ и рекол на Ева по падот „...твојата наклоност ќе те трга кон твојот маж..“ Таа наклоност која не е само телесна, туку многу повеќе – духовна, а понекогаш исклучиво душевна, очигледно дејствува на сите кои се осамени, прекршувајќи сè и разубувајќи се несвесно на најразлични начини. Земена од реброто Адамово, жената тежнее кон своето првобитно место за да образува цел човек. Немојте да се навредувате за ова што Ви го пишувам, туку поучете се за своето расположение. Во секој случај страста е особина на стариот човек и не треба да страдате околу тоа, но треба да се борите со пост, со молитва, умерено читање на светите отци и Новиот Завет, со физичка работа, понекогаш со замор... Господ нека Ве вразуми за секое добро, Нека Ве благослови и нека Ви помогне да го најдете правиот пат. А со тој пат, да влезете во Божјото Царство!

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга


Друго: