презвитер Горан Стојчевски
БЛАГАТА ВЕСТ

„И ете, Ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот... и Царството Негово нема да има крај.“

Меѓу толку вести и настани, коишто ги делиме на добри и лоши според наше расудување, секогаш ја испуштаме веста која никогаш не е, ниту можела да биде лоша вест, а секогаш е подобра од добрата вест, а тоа е благата вест. Благата вест е Евангелието, а Евангелието е Христос Богочовекот, Кој е Патот, Вистината и Живот (Јован 1, 6). Зарем благата вест можеме да ја споредуваме и мериме или заменуваме со „сензационалните“ вести од Турција за наоѓањето на Библијата во која Христос навестува друг пророк, поголем од Себе, или пак за онаа вест од Израел дека е откриен гробот на Христос и Неговото семејство. Вест си е вест. Човечки, и едната и другата вест за некого е добра, а за некого лоша. Оние кои стојат зад првата гореспомената вест, приличат на фарисеите и садукеите кои секојдневно Го молеле Спасителот да им покаже некое чудо, кое пак секојдневно и им се случувало пред очите кога Го гледале Христос, но не можеле да Го видат, па состојбата на завист, гордост и омраза толку ги измачувала, па дури им станала и неподнослив товар дури и во моментот кога веќе во „своите“ раце Го имале Христос за да Го осудат, и велат: „До кога ќе ги мачиш нашите души?“ (Јован 10, 24) „Кажи ни дали навистина Ти си Христос, Син Божји?“ (Матеј 26, 63). Христос постојано на сите ни одговара: „Ви реков, и не верувате“ (Јован 10, 24). Вториве, пак приличат на првосвештениците кои им даваат пари на војниците кои го чувале гробот Христов, за да кажат дека Христос не воскреснал, туку дека дошле учениците Негови и го украле Неговото Тело, и бидејќи тој глас го шират до ден денешен (Матеј 28, 11-15), со истите пари се служат да ја докажат како и првите, само човечката природа на Христос, Кој пак постојано ни одговара: „О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците!“ (Лука 24, 25).
  Две навидум различни вести, од две различни држави, од две различни култури итн., (ин)директно насочени против христијанството. Како што и погоре споменав, за некого овие вести се добри, за некого лоши, но тоа е според нашето субјективно човечко расудување. Но, ако со смиреност и покајание ги исповедаме нашите гревови, и ако со вода и Дух Свети во крштението го примиме восиновувањето во Христа, како деца Божји, чеда на Светотроичниот Бог, бивајќи во Христа синови Божји, а понатаму низ постојана молитва и солзи го чистиме нашето срце од гревот, и соборно на Литургијата во Црквата вкусиме колку е благ Господ, тогаш преку причестувањето со Телото и Крвта Христови сме во единство со Бог, и навистина ја примаме благата вест, Евангелието, Христос – Синот Божји, Вистината, во Кого живее телесно сета полнота на Божеството (Кол. 2, 9); по тоа вкусување на благата вест, кога ќе ги изговориме зборовите на послушанието, зборовите на Пресвета Богородица и секогаш Дева Марија, „Нека ми биде според зборовите твои“ (Лука 1, 38), секоја друга вест за нас нема важност, како што рекол и големиот Достоевски, дури и да „докажат“ дека Христос не постои, јас ќе бидам онаму каде што е Христос. Ова било и сè уште е практикување на верата Христова од светите Отци, кои ја достигнале и се трудат да ја достигнат светоста повторувајќи го она што го кажуваше светиот апостол Павле: „јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Затоа, ниту една вест не може да се спореди, менува, разменува или менаџира со благата вест, бидејќи останатите вести се од објективен карактер, информации кои го (пре)окупираат нашиот разум, а благата вест го ослободува умот (Јован 8, 32), и ако по слободна волја влезе во срцето, во таква состојба на обожување, во нас е Царството Божјо (Лука 17, 21), како што вели старец Силуан Атонски. И ако ја примиме благата вест во нашите срца, зарем би им замерувале на оние коишто шират или добри или лоши вести? Никако. Од преполнетото срце зборува устата (Матеј 12, 34), вели нашиот Спасител, па сè зависи од нашето срце: ако е чисто, ќе ја прими благата вест која ќе ја сведочи на сите и ќе го менува светот насочувајќи го кон Царството Божјо, кон вечниот живот; ако не е чисто, тогаш ќе манипулира (менаџира) со доброто или лошото, како што направија од непослушност нашите прародители, а тоа ќе биде само израз на нашата гордост, кога согласно нашите страсти судиме дали нешто е добро или лошо.
 Така и оние кои сакаат чудо, и оние кои сè уште го бараат гробот Христов, забораваат дека гробот Христов е онаму каде што Самиот Бог го посведочил Своето Воскресение, во светиот град Ерусалим, каде што секоја година слегува Божјиот благодатен оган за да го објави на светот Воскресението Христово. Со сѐ друго се лажат и себеси, и другите. Зарем веста, и зборовите на еден министер за култура ќе се измерат со Христовите зборови: „Јас сум Алфа и Омега, Почеток и Свршеток, Првиот и Последниот“ (Откр. 22, 13); или веста, или откритието на едни археолози желни за слава може да се измерат со зборовите на Спасителот: „Видете ги рацете Мои и нозете Мои, Јас сум Истиот, допрете се до Мене и гледајте... така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден, и да биде проповедано во Негово име покајание и простување на гревовите кај сите народи...“ (Лука 24, 36-53). Но, никој не е лишен од љубовта Христова и покрај сите навреди и понижувања, на секого му е соопштена благата вест, бидејќи Самиот Богочовек вели: „А, волјата на Отецот, Кој Ме прати е оваа: секој што ќе Го види Синот и поверува во Него, да има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6, 40).
Во последниве неколку седмици во нашата држава се случија немили настани како резултат на погрешно насочена адолесцентска енергија, и како резултат на тоа празнење на енергијата, во тоа цунами на човечкото зло настрадаа невини луѓе; во сите апели за мир и разбирање, многу е важно да нагласиме дека секуларниот пацифизам не треба да биде пасивизам, па затоа најдобро е да ги исполнуваме активно зборовите Христови: „Сето она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7, 12); или барем да ги послушаме апостолските зборови: „Да не му правиме на друг ништо што нам не ни е угодно“ (Дела 15, 20). Се надевам дека никој не сака да биде тепан, навредуван, омаловажуван, озборуван, клеветен, изневерен, омразен... бидејќи во секој човек е образот Божји, а преку Бог живееме, и се движиме, и постоиме... Негов сме род (Дела 17, 28), без разлика како се нарекуваме во светот, сите Нему Му припаѓаме.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Извор: Премин бр.78/80