БОЖИЦАТА ГОРДА

 

(од книгата „Патување од Јас-Градот во Ти-Градот” од Мирисини Вигипулу)

 


Откога Пркос ја запозна Ведрана го изгуби мирот. Што се однесува до Ти-Градот, никој ништо не знаеше да му каже за него. Во почетокот неговите пријатели, поттикнати од љубопитност, покажуваа интересирање но, многу бргу се откажаа. Од друга страна, неговите родители, кои се многу зафатени и вработени луѓе, не можат постојано да се бават со неговите прашања. Така Пркос дојде до заклучок дека Ти-Градот е неважен, бидејќи никој ништо не знае за него. Затоа, по правило неговото истражување ќе требаше овде да заврши. Ниеден жител на Јас-Градот нема време за така прости и неважни нешта. 
 Сепак, Пркос многу често мисли на Ведрана. И не само тоа: идејата да стане истражувач на еден непознат град го возбудува. Но, прво мора да ги извести родителите. Запознавајќи ги со својата замисла, го предизвика нивното негодување.
 -Кажи ни конечно, во што тоа девојче е подобро од нас? Што  ли ти изнакажала, кога постојано ја спомнуваш?-прашува сестра му.
 Сега, кога подобро размисли за тоа Пркос сфаќа дека Ведрана не говореше многу. Повеќе зборуваше тој. Но, начинот на кој го слушаше и нејзината насмевка-беа нешто особено, нешто што неможе да се изрази со зборови.
 -Не се работи само за девојчето. Во глава ми се вовлече идејата да го откријам тој град. Татко, што мислиш ти за ова?
 -Јас ти советувам да не носиш одлука ако прво не ја прашаш и нашата кралица. Горда сигурно го знае Ти-Градот. Добро би било да го слушнеш и нејзиното мислење. Потоа, ќе видиш што ќе направиш.
 -И јас се сложувам-вели мајката.  –Прво прашај ја кралицата. Таа знае сѐ. Инаку, тоа е добра прилика да отидеш во нејзиниот дворец и да ѝ го искажеш нашето почитување. Дете мое, секако мораш да успееш! Можеш ли да замислиш дека сите ќе зборуваат за тебе? Ширум познат ќе станеш! Гледај да направиш да се гордееме со тебе!
 -Уште утре ќе отидам во дворецот.
 Пркос прв пат лично ќе ја сретне кралицата. Познато му е дека секој кој сака да ја види, прво мора написмено да ја запознае со својот проблем. Потоа таа, откак ќе ја прочита молбата, одлучува кого лично ќе го сослуша. Пркос цела ноќ не спиеше поради небројните обиди да го запише својот план.
 Рано наутро се облече во свечена облека и тргна. Се разбира ова не му е прв пат да доаѓа во дворецот. Два пати годишно сите жители на Јас-Градот доаѓаат ваму да честитаат на  кралицата.  Еднаш-на почетокот на годината, и втор пат на нејзиниот роденден, и тогаш се слави раскошно. Во сето останато време збрането е да се вознемирува, освен ако некој има сериозен проблем.
 Заедно со уште некои жители, Пркос чека во приемниот салон додека не го повикаат. Го посматра просторот околу себе. Големи резбани столбови го потпираат кровот. Целиот плафон е налсликан со сини бои и потсетува на небо. Подот е обложен со сјаен мермер, а столиците се преслечени со дебело црвено кадифе. Иако има малку луѓе, никој не зборува. Единствено што се слуша е силниот глас на дворјанинот кога повикува некого.
 -Пркос, од татко Злорад, жител на Јас-Градот!
 -Присутен!
 -Тргнете по мене!
 Пркос оди по дворјанинот низ еден ходник. Пред секоја врата стои по еден чувар. Пристигаат во главната сала. На влезот стојат два стражари, неми и ледени како кипови. Оној што го прати, му покажува сам да влезе во салата. Неговото срце силно чука. Штом ја помина вратата, се исправи и чекореше надуено, како на парада. Горда го посматра од висина, од нејзиниот златен престол. Косата и е расфрлена по рамената. Нејзината одежда е сјајна, црвена и навезена со злато. Покрај престолот стои нејзиниот секретар. Пркос знае дека од местото на кое сега се наоѓа, има точно триесет и три чекори до престолот. Сношти со мајка му вежбаше како да ја поздрави кралицата. Кога ќе стигне пред неа, треба да направи два длабоки наклони. Еден во чест на нејзината моќ, а вториот за незјината убавина. Таков е прописот.
 За среќа, Горда во еден момент малку ги помрдна усните и му се насмеа, инаку ќе помислеше дека не е вистинска, жива. Сега,  кога ја гледа одблизу, приметува дека нејзиниот нос е поиспрчен отколку кај останатите жители на Јас-Градот.
 -Значи, ти си Пркос, кој сака да патува за да го пронајде Ти-Градот?
 Да, јас сум, величество!
 Таа го посматра со подигната брада, полуспуштени трепки.
 -Зар, не ти е познато дека не постои поубав и поголем град од нашиот?
 -Познато ми е величество. Но, сакам да станам истражувач на тој град.
 -Се радувам на твојата смелост. Такви треба да бидат сите мои поданици. Во секој случај би ти го дала своето одобрување, кога тоа патување би вредело на трудот. Би подготвила прекрасна прослава за твоето враќање. Но, за жал Ти-Градот е најбезначајниот град кој постои. Неговите жители се ништожни, Дознав дека некои од нив биле овде и дека си ги запознал.
 -Така е, величество!
 -Се дрзнале да дојдат до тука и да не се поклонат на твојата кралица!. Веќе самата таа постапка предизвикува гадење. Јас, дете мое, сакам да те поштедам од голема и непотребна мака. Но, ако си упорен, можеш да одиш. Сепак, внимавај! Никогаш немој да прифатиш, некој да завладее со тебе. Каде  било да одиш и со кого било да се сретнеш, секогаш во себе кажи: „Прво ЈАС, прво ЈАС!” Тие два мали збора се волшебни. Ќе ти помогнат да ги премостиш тешкотиите. Секогаш ќе бидеш победник.  Дали разбра?
 -Да, величество!
 -Ајде, да те чујам како ги изговараш!
Пркос се протегна и извикува:
 -Прво ЈАС! Прво ЈАС!
 -Погласно дете мое, погласно! Изговарај ги и чувствувај ги!
 -Прво ЈАС! Прво ЈАС!
 -Така треба, така треба! Сега можеш да одиш.
 -Благодарам, величество. Моето семејство Ви изразува почит.
 -Пренеси им ги моите поздрави!
 Му дава знак со раката дека може да замине. Тој повторно направи два наклони и се оддалечи.

 -(продложува)


Извор: Из Ја Града у Ти Град (издание на Беседа-Нови Сад 2007)

 

 Подготви: М. Б.
 
 2012 Лето Господово