НЕ ВЕРУВАЈТЕ НИТУ ВО СЕБЕ, НИТУ НА ЛУЃЕТО, ТУКУ ВЕРУВАЈТЕ МУ НА ЕВАНГЕЛИЕТО

1962 г.

Вие како да жалите што годините изминуваат, а не сте подготвени. Сето тоа ви доаѓа од овој свет и од кнезот што царува во него. Тој ве плаши. Ги поматува вашите мисли, влева во вас различни стравувања и лаги, Ве лаже бесконечно, а тоа може да се види на повеќе полиња.
Во што е суштината на Христијанството? Во тоа што Семоќниот и Сезнајниот Творец на вселената толку многу го љуби и жали човекот, толку многу     се грижи за него и за неговото спасение, што дури Го даде Својот Единироден Син да биде посрамотен со Крстот и смртта. Господ не се грижи само за човештвото во целина, туку и за секој човек поединечно, во секој момент го држи во Својата рака и го чува од непријателите видливи и невидливи, и го вразумува – со помош на други луѓе, книги и преку животните случки. Ако треба да се казни човекот поради вразумување и заштита од големи неволји, Господ го казнува милостиво, а потоа – ако човекот без штета (на себе) т.е. постепено го прима тоа – Господ двојно го наградува, како да жали зашто го казнил. Оној на кој донекаде му се отворил внатрешениот вид, го разбира со големо задоволство, дека Бог се грижи за човекот и во многу и во малку. Всушност: ако Бог го принесол како жртва она најдрагоценото – Својот Син, колку повеќе може да му даде на човекот што било друго, па дури и целата вселена е премала за таа Жртва. Не Му е жал на Господа што и да подаде, особено на оние кои се стремат кон Него и се трудат да Го исполнат Неговиот збор, оние кои се каат во срцата свои за секој сторен грев, како и поради нарушување на Неговата волја, непредпазливост, неблагодарност и неискажување на љубов кон Него.
„Оној кој ми приоѓа, нема да го исфрлам надвор“. Господ му се радува на секој кој тежнее кон Него, неизмерно повеќе одошто мајката го љуби своето дете.
Ете зошто не треба да се плашите од иднината. „Со нас е Бог“, денес и утре и во вековите.
Плашете се само да не го навредите Господ со некој грев. Ако од немоќ паднеме во нешто лошо, да се покаеме и Господ ќе ни прости, но не треба свесно да се избира злото (гревот), да се оправдуваме себеси и да негодуваме на Бога. Не плашете се од ништо. Бидете решителни, оставете ги на Господа сите жалости, недоумици, стравови, навреди од злите духови и од луѓето и Тој знае како да ве ослободи од нив, кога ќе биде за вас тоа корисно.
Не верувајте во себе, ниту во луѓето. Верувајте на Божјите зборови, на Евангелието. Со своето животно и лично искуство изучувајте го Евангелието. Животот во Христа ќе ви даде таква полнота, такво разбирање на сè, духовна радост и цврстина, што животите на луѓето ќе ви се покажат (какви што во суштина се) ништожни, неинтересни, бедни, жалосни, суетни, полни со ситни непријатности, а често и со големи неволји. Вие сте среќни. Чувајте ја таа среќа. Благодарете Му на Бога за тоа и Тој ќе ја удвои својата милост кон вас, колку што можете да поднесете. Нека се случи ова! Господ нека ве чува и благослови!

 

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга


Друго: