Венци за трпение

Во длабочините на Египет постои една негостољубива пустина. Нејзиниот песок и карпестите планини преку ден горат, а ноќе замрзнуваат. Во таа пустина, во Тиваида, живееја, се подвизуваа и се осветија десетици светители на нашата Црква. По целата таа пуста земја се простираа скитови, но и манастири, во кои со молитва и подвизи отшелниците ú го даваа на таа земја вкусот на духовниот живот.

Во тоа овоземно, благословено, рајско место, живееше и еден Старец подвижник, заедно со својот смирен послушник. Ги соединуваше Христовата љубов и настојуваа заедно да донесат корист за своите души. Секоја вечер Старецот и послушникот служеа Повечерие во малата црква на својот скит. Имаа обичај после службата да се качат во старчевата ќелија, каде аввата со внимание ја слушал исповедта на послушникот и му даваше совети за продолжување на неговиот духовен напор. Завршувајќи го разговорот, Старецот го благословуваше послушникот и така младиот монах се повлекуваше на спиење.

Старецот беше прочуен по своите добродетели, па многу верници од Александрија и другите градови често доаѓаа во скитот да се исповедаат и да ги слушнат неговите утешителни зборови. Се случи еден ден да дојде толку многу народ, така што Старецот непрестајно беше со нив и дури доцна навечер, кога веќе заминаа сите посетители, успеа да се качи во својата ќелија. Неговиот замор беше очигледен, но Старецот ниту овој пат не го пропушти благословениот обичај. Го повика послушникот кај себе и тој веднаш почна да му се исповеда на својот Старец.

Додека послушникот зборуваше, Старецот, бидејќи бил исцрпен, заспа. Младиот монах не рече ништо. Го почитуваше Старчевиот напор и чекаше да се разбуди и да го благослови, па и тој да си оди во својата ќелија. Времето минуваше, а Старецот, кој заспа во длабок сон, не се будеше. Послушникот, неподвижен и нем, помисли да почека уште малку. Ја извади својата бројаница и прекрстувајќи ги рацете на градите, почна да се моли во себе.

Ноќта минуваше, но Старецот не се будеше. Монахот и самиот почна да чувствува замор и почна да му се спие. Помисли да си оди без благослов, па и самиот да се оптегне. Но, веднаш ја промени својата одлука.

„Како да одам?“, размислуваше, „а ако Старецот се разбуди и не ме најде овде? Ќе го загрижам. Не, сепак ќе останам. Покрај тоа, ќе се разбуди кога-тогаш“, се охрабри со тие мисли и продолжи да се моли.

Малку подоцна на послушникот повторно му се врати истата мисла. Но, кога помисли на трудот на Старецот, кој цел ден, не жалејќи се, остана со постителите на скитот да ги исповеда, се засрами од својата помисла и реши да не го напушта своето место.

До полноќ таа мисла да замине без благослов му дојде уште двапати, но тој ја надминуваше со силата на бројаницата. Веќе се будеше нов ден, а Старецот сеуште не беше се разбудил. Послушникот, меѓутоа, сеуште беше покрај него, буден. До тој момент, искушението да си замине успеа да го победи вкупно седум пати.

Тогаш Старецот се разбуди од својот длабок сон и здогледувајќи го младиот монах пред себе, сеуште буден и на истото место, зачуден му рече:

- Ти, дете мое, не отиде ли во својата ќелија да легнеш?

- Не, мој Старче. Како да одам? Не добив благослов, – одговори послушникот.

- Па зошто, дете мое, не ме разбуди порано за да добиеш благослов? – праша Старецот.

- Бевте заморен од исповедувањето, Старче, и ми беше жал да ве разбудам, – рече момчето и откако направи метанија пред Старецот, двајцата отидоа до црквата, па заедно ја пееја Утрената.

Потоа, Старецот му рече на послушникот да оди во својата ќелија за да се одмори, а самиот остана во црквичката да ја продолжи својата молитва. Но, додека Старецот се молеше, падна во свет занес.

Одеднаш, во блескава светлина пред себе здогледа ангел Божји како го зема за рака и го води на едно место со неопислива убавина. Таму имаше еден голем украсен престол, кој зрачеше со небесна светлина. На тронот се наоѓаа седум венци од чисто злато. Старецот се збуни пред величенственоста на тронот, па го запраша ангелот:

- Свет ангеле Божји, чиј е овој прекрасен престол?

- Ова е престолот на твојот ученик, Авво, – одговори ангелот и продолжи: – Ова место и овој престол одамна му ги подготви Владиката и Господ, заради неговата добра и совршена послушност. Но, овие седум венци од чисто злато сите заедно ги стекна минатата ноќ.

Со овие зборови, ангелот од видението исчезна и Старецот се поврати од занесот. Веднаш го повика послушникот кај него и го замоли да му ги открие помислите што ги имал претходната вечер, кога остана да бдее. Момчето, откако малку размисли, се сети и му откри на Старецот:

- Седум пати, Старче, додека вие спиевте, ми дојде помисла да одам во кревет без благослов, но со силата на молитвата успеав да се спротивставам.

Кога ги чу овие зборови, Старецот се восхити на трпението на својот послушник. Меѓутоа, не му го откри своето видение, за да не го опфати себичност и гордост, па затоа да ја загуби душата. Но, подоцна имаше обичај да ја раскажува оваа приказна и видението на другите послушници и посетители, за тие од тоа да извлечат корист и добар пример. А трпеливиот послушник не дозна ништо за ова видение, сé до денот кога Господ го повика во вечниот живот.

Извор: Венци стрпљења

Преземено од: Маран Ата