nikon svetogorec_huligan hristov

Подобро Христов „хулиган“, отколку „добро дете“ на ѓаволот

Старец Никон Светогорец

Нема да отидеме во рајот, бидејќи не грешиме. Внимавајте, единствениот безгрешен е Христос и никој друг. Нема да отидеме во рајот, бидејќи не правиме гревови. Доколку умреме, додека ги затвориме очите, ќе згрешиме. Ќе отидеме во рајот, бидејќи се бориме за да станеме такви, какви што Христос нè сака, и таа борба ќе нè спаси. Дали ќе успееме да го победиме искушението на некој грев, не зависи од нас, туку од Божјата благодат…

Треба да се запрашаме дали Бог ќе ја испрати Својата благодат? Тогаш ќе успееме да не се гневиме, да не блудствуваме, да не крадеме и др. Ако Бог не ја испрати благодатта, нема да успееме да се бориме сами. Тоа не означува, дека не сме такви, какви што Христос нè сака. Водиме битка, се бориме. Ние си ги гледаме гревовите и мислите, ако престанеме да ги правиме, нема ли да грешиме… со умот ли? Со очите? Со ушите?…
Не треба да нè обземе очајание и да велиме: „Секогаш паѓам во замката на еден грев, значи ништо не постигнувам, значи… не правам ништо!“ Правиме многу, се исповедаме, се смируваме, се каеме… Тоа ќе нè спаси, не добродетелта, којашто сме ја постигнале. Добродетели има и ѓаволот. Еднаш постигнав нешто добро и отидов да му кажам на старецот. Кога ме виде… бев почетник… веднаш ме осети и уште пред да успеам да кажам и еден збор, ми рече:
- Зошто ние да се фалиме, момче, зошто да се гордееме? Бидејќи постиме? Никогаш нема да постиме повеќе од ѓаволот, бидејќи тој никогаш не јаде. Тој е поголем испосник од нас. Бидејќи бдееме и спиеме малку? Повеќе од него не можеме да бдееме, бидејќи тој никогаш не спие. Се воздржуваме, остануваме девствени заради Христовата љубов? Ја имаме таа добродетел? Но подевствени од ѓаволот никогаш нема да станеме, бидејќи тој и да сака телесно задоволување, не може, нема тело.

Не можев да поверувам! Колку добродетели и да имаме, добродетелите, коишто ѓаволот ги има, никогаш нема да ги придобијам. Го спасија ли неговите добродетели? Не. Толку ќе нè спасат и нас. Што сакам да кажам со тоа? Дека не треба да бидеме добродетелни? Не. Ќе се бориме да добиеме добродетели. Христијанинот е добродетелен, но добродетелниот не е неопходно да е христијанин. Луѓе со добродетели се наоѓаат и помеѓу будистите, и помеѓу хиндуистите, и кај јудеите, и кај протестантите. Но тие добродетели сами по себе не се спасителни. Не спасува покајанието и тоа да бидеме смирени. Во умот да имаме смирение. Не само да кажуваме некакви празни зборови: „Што сум јас, ништо не сум!“ и да се правиме тажни, за да ни велат: „Не, не, ти си добродетелен, ја имаш и таа добродетел, и таа…“. И правејќи се смирен, да ги принудуваме другите да нè фалат. Вистинската состојба на смирение е не само да зборуваме смирени зборови, а да имаме смиреномудрие, да имаме смирен дух и да не се сметаме за поголеми од другите, бидејќи во умот настанува секое зло.
Ако паѓаме постојано, не треба да очајуваме. Има свештеник, има епитрахил, постои покајание… Тоа ќе нè спаси, ништо друго. Ќе нè спаси покајанието и смирението. Од нив трепери ѓаволот. Тој има толку добродетели, но една добродетел му недостасува – смирението, поради тоа настанал целиот ад, тоа донело разор.

За да ја покажеме силата на смирението, како што се вели во Библијата, Христос ги симнал небесата, слегол и Се смирил, бил послушен до смрт. Се смирил до степен да прифати да го убијат. Тоа смирение ни е неопходно за да се спасиме. И многу пати внимаваме да не паднеме во некој грев, но Бог намерно нè остава да паднеме, за да се смириме. И додека ние плачеме за гревот, којшто сме го направиле, Бог нè увенчува со смирение, коешто сме го добиле и заради борбата што сме ја воделе. Затоа никогаш не треба да очајуваме. Ќе си поставите правило никогаш повеќе да не грешите: „Нема повеќе да се гневам, нема да го правам тоа и тоа…“, но од сега велите вака: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ И ја наведнуваш главата под епитрахилот на свештеникот. Што навистина сме избориле ќе разбереме, кога ќе дојде времето да застанеме пред Бога. Човекот има една, а Бог друга мерка.
Никогаш не треба да очајувате. Тоа, дека сте постигнале нешто, не означува дека сте успеале. Никој грев не е поголем од Божјата љубов, нема грев, којшто може да ја победи. Ќе се исповедате, ќе се причестите, само не се оддалечувајте од Црквата. Подобро да си грешен во Црквата, отколку добродетелен надвор од неа. Подобро Христос „хулиган“, отколку „добро дете“ на ѓаволот. Ќе нè спаси не нашата добродетел, туку тоа, каква љубов имаме за Христос и каква борба водиме за Него.

Еднаш еден отец заспал за време на службата. Манастирскиот живот е малку суров, душата може да се стреми кон висините, но понекогаш телото не може да ја следи. Отецот се занесол, и кога завршила службата, додека стоевме надвор и чекавме да нè повикаат за трпеза, еден друг отец, му кажа на шега: „Старче, заспавте внатре, видов дека спиете!“ А тој му одговори: „Подобро заспан во Ноевиот ковчег, отколку буден надвор од него!“
Подобро да те спаси Христос, макар и да си заспал во Црквата, отколку да си буден надвор, во потопот. Покајанието ќе нè спаси, не нешто друго. Затоа треба постојано да се каеме. Зошто? Бидејќи грешиме постојано и не треба да се приврзуваме за гревовите, коишто ги правиме. Авва Доротеј вели, дека може некого со поглед да го раниш и да згрешиш. Е што да правам, да се затворам во една дупка и да не мрдам, очајувајќи да умрам?
Штом ќе ги отворите очите изутрина кажувајте: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ и „Слава на Бога!“. И така ќе отидеме во рајот, бидете сигурни. Бидејќи човекот што вели: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ и покажува, дека сака да биде со Христос, нема да згреши со волјата, ќе згреши и покрај волјата. Како што вели апостол Павле: „…во членовите се гледа друг закон, којшто војува против законот на мојот ум и ме прави плен на грвовниот закон, кој е во членовите… Кој ќе ме избави од телото на таа смрт?“ (Рим. 7, 23-25). Кога гледаме како апостол Павле не може да го победи гревот – тој, којшто мртви воскреснал, ние ли ќе го победиме? Не. Тогаш како ќе се спасиме? Велејќи: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“, и преку смирението.

Многупати, кога сакаме нешто, Бог не ни го дава само за да продолжиме да се молиме, и кога не крајот ќе ни се даде тоа, за коешто сме се молеле, всушност сме добиле поголема полза од молитвата, којашто сме ја упатиле кон Бога, отколку од тоа што сме го добиле. Затоа Бог понекогаш бавно ни ги дава работите за коишто постојано се молиме. Честопати нè поставува во тешки ситуации или ни испраќа страдања, на пример, болести, со коишто сме спречени да грешиме. Ако тогаш се најдеме во друга ситуација, ќе бевме задоволни и ќе можевме да грешиме. Затоа никој не е задоволен таму, каде што се наоѓа…

Превод од бугарски јазик:
Звонко Алексов, студент на Теологија

Извор: Ортодоксија и отопраксија