ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, стихири подобни од Триод. На Јосиф. Глас 2:
Мене, помрачениот од прелести борец, просветли ме, Христе мој, Ти кој неогаш го помрачи сонцето, висејќи на крстот, и на верните јасно им ја даде вистинската Светлина на проштавањето, та одејќи во светлината на Твоите заповеди, чисто да го достигнам зракот на Твоето Воскресение.
Подобен:
Како лоза висејќи на крстот, Спасителу, со виното на бесмртноста си ги напоил краиштата на вселената, Христе; затоа Ти повикувам: Мене тешко помрачениот од гревовното пијанство, откако ќе ме напоиш со сладоста на вистинското смирение, укрепи ме да постам од насладите, Спасителу, како добар и Човекољубец.
Друг подобен на господин Теодор, глас исти.
О, сило на Твојот крст! Тој на Црквата ѝ процвета воздржување, откако порано од корен го истргна Адамовото во рајот невоздржување: она таму на луѓето смрт им донесе, но ова нетлено на светот бесмртност му точи, како од друг рајски извор, со излевањето на Твојата крв и вода, од кои сите живот добија. Преку нив и нам посната храна услади ни ја, Боже Израилев, Кој имаш милост голема.
И 3 во Минеј. Слава, и сега: крстбогородичен.
Прокимен, псалм 15, глас 4: Ќе Го благословувам Господа, Кој ме вразуми. Стих: Пази ме, Господи, зашто на Тебе се надевам.
Од книгата Битие, читање ( 1. Мој. 2, 4-19):


Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото. И секое растение полско, што уште не беше на земјата, и секоја тревка земна, што уште не беше никнала, зашто Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата, ниту, пак, имаше човек што ќе ја обработува земјата, но се креваше пара од земјата. И ја натопуваше површината на целата земја. А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа. И насади Господ Бог рај во Едем, на исток; и таму го смести човекот што го создаде. И направи Господ Бог да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење, и дрвото на животот среде рајот, и дрвото за познавање на доброто и злото. И вода течеше од Едем, за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше во четири реки. Името на едната е Фисон; таа тече околу целата земја Хевилска, а таму има злато. Златото на таа земја е добро; таму има и бделиум и камен оникс. А на втората река името ѝ е Геон; таа ја опкружува целата земја Куш. Името, пак, на третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија. Четвртата река е Ефрат. И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази. И му заповеда Господ Бог на човекот и рече: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавење на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.” И рече Господ Бог: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!” Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите птици небески, и ги доведе кај човекот за да види како која ќе ја нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името.

Втор прокимен, псалм 16, глас 4: Пази ме Господи, како зеница на окото. Стих: Услиши ја, Господи, правдата моја.

Од книгата Мудри Соломонови изреки, читање (3, 1-18):
Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир. Милостињата и верата да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, – па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето. Надевај се на Господа од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото: тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски. Давај му принос на Господа од имотот твој и од привините на плодовите од твоите придобивки, та твоите житници да се исполнат до врвот, твоите бочви да се прелеваат од вино. Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби. Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; таа е поскапа и од скапоцени камења; ни едно зло не може да ѝ се спротивстави; таа им е добро позната на сите, што се приближуваат кон неа, ништо, па и сè што ти е мило, не може да се спореди со неа. Во десницата нејзина е долгоденствието, а во левицата ѝ е – богатството и честа; од устата ѝ излегува правда; закон и милост носи на јазикот свој; патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се – спокојни. Таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат.

На стиховни самогласен на денот (2-пати), глас 4.
Сакајќи да се причестиме со Божествената Пасха, која не од Египет, а од Сион доаѓа, со покајание да го отфрлиме гревовниот квасец, со умртвување на страстите бедрата да ги препашме; нозете да ги украсиме со обувки, кои ќе нè бранат од секакво дело лукаво, и да се утврдиме со палката на верата; да не ги подражаваме непријателите на крстот Господов, кои му служат на стомакот, но со пост да Го следиме Спасителот на душите наши, Кој победата над ѓаволот ни ја покажа.
Маченичен: Прославуван во споменот на Твоите свети, Христе Боже, од нив замолен, испрати ни милост голема.
Слава, и сега: крстобогородичен, глас исти.
На крстот гледајќи Те прикован, Господи, Твојата пречиста Мајка се чудеше: Каква е оваа глетка, Сине мој возљубен? Ова ли Ти го нуди овој народ неверен и беззакон, кој со многу Твои чуда се наслади? Но слава му на Твоето неискажливо понижување, Владико.

 

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви: Т.С.