27.09.2019 г.

УТРЕНА

✜✣✜

Тропар, глас 1.

Спаси ги, Господи, луѓето Твои и благослови го Твоето наследство, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој пазејќи го Твоето население.

✜✣✜

Седален, глас 6.

Штом дрвото на Твојот крст, Христе, се засади, темелите на смртта, Господи, се расклатија. Оној Кого адот брзаше да Го проголта, мораше да Го отпушти со треперење. Ти  ни го покажа Твоето спасение, Свети; затоа Те славиме, Сине Божји, помилуј нѐ.

Слава, и сега, глас 1.

На дрвото од Твојот крст се поклонуваме, Човекољупче, зашто на него се прикова Ти, Животу на вселената;

Седален, глас 6.

Денес се исполни зборот пророчкиː ете, се поклонуваме на местото каде што стоеја нозете Твои Господи и, откако го примивме дрвото на спасението, примивме слобода од страстите гревовни, по молитвите на Богородица, единствен Човекољупче.


Слава, и сега, глас 8ː

Исус  Навин таинствено го прасликуваше крсниот знак, во она време, кога рацете ги рашири крстовидно, Спасителу мој, и сонцето застана додека тој не ги победи оние што Ти се противеа Тебе, Боже; сега, пак, гледајќи Те на крстот, тоа се затемни и, кога силата на смртта ја разурна, целиот свет го подигна со Себе.

✜✣✜

Величаниеː

Те величаме, животодавче Христе, и Твојот свет Крст го почитуваме, со кого нѐ спаси од ропството на непријателот.

✜✣✜

Седален, глас 8.

Порано во рајот дрвото ме соголи, кога со вкусувањето непријателот ми принесе умртвување; крсното, пак, дрво на животот, на луѓето носејќи им облека, се забоде, и целиот свет со секаква радост се исполни, гледајќи го како се издигнуваː луѓе, согласно, со вера да Му запееме на Богаː Домот Твој со слава се исполни.

✜✣✜

Стихира, глас 6.

Крсту Христов, надеж на христијаните, наставнику на заблудените, пристаниште на брануваните, во борбата – победа, тврдина на вселената, лекару на болните, воскресение на мртвите, помилуј нѐ.

✜✣✜

Канон на крстот (чиј акростих еː Надевајќи се на крстот, песна изговарам).
Творба на монах Козма. Глас 8.


Песна 1.

Ирмосː Кога Мојсеј направи крсен знак со стапот свој, Црвеното Море се раздели, и народот израелски пеш помина; а кога колите фараонови минуваа, го направи обратното и морето се спои, кога го напиша непобедливото оружјеː затоа да Му пееме на Христа нашиот Бог, оти се прослави.

✜✣✜

Песна 3.

Ирмосː Жезолот беше праслика на тајната, зашто неговото расцутување одлучува за свештенството на Арона; а, на порано неплодната Црква, сега ѝ процвета крсното дрво, за нејзина моќ и поткрепа.

✜✣✜

Седален, глас 4.

Во тебе, Крсту најблажени и живоносни, луѓето се гостат и празнуваат заедно со ангелските хорови; архиерејските чинови пеат набожно, и ти се поклонува мноштвото монаси и испосници; сите, пак, ние, Христа Кој се распна, Го славиме.

✜✣✜

Песна 4.

Ирмосː Ја слушнав, Господи, тајната на Твојата промисла; ги разбрав делата Твои и го прославив Твоето божество.

✜✣✜

Песна 5.

О, најблажено дрво, на кое се распна Христос, Царот и Господ, со кое падна оној што нѐ заведе преку дрвото забрането, кога се прикова со тело Бог, Кој им дава мир на душите наши.

✜✣✜

Песна 6.

Ирмосː Кога Јона ги рашири рацете крстовидно, во утробата на водниот ѕвер, тогаш јасно го прасликуваше спасителното страдање; кога по три дена излзе од него, го наслика општото воскресение на прикованиот Христос Бог со тело, Кој со тридневното воскресение светот го просветлува.

✜✣✜

vozdvizenie.jpg

Кондак, глас 4.

Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош твоето оружје на мирот, непобедливата победа.

Икосː Оној што беше издигнат до третото небо, во Рајот, и слушна неискажливи и божествени зборови што нашиот јазик не може да ги искаже, им го пишува на Галатјаните тоа што и самите го знаете, како познавачи на Светото писмо, во кое читамеː „Што се однесува до мене, нема со што да се фалам, освен со Крстот на кој Господ, со своите страдања, ги уништи страстите“. Што се однесува до нас, цврсто да ја држиме нашата слава – Крстот на Господа, бидејќи ова дрво, кое носи спасение, за нас е оружје на мирот, непобедлива победа.

✜✣✜

Песна 7.

Ирмосː Безумната заповед на мачителот ги потресе луѓето; закани и богохулни зборови излегуваа од неговата уста, но гневот ѕверски не ги исплаши трите момчиња, ниту огнената печка, туку во пламенот, кој искреше при росоносниот ветар, тие пеејаː Највоспеан Боже на татковците, и наш, благословен си.
✜✣✜

Песна 8.

Млади момчиња, на број како Света Троица, благословете Го создателот – Бога Отецот, воспејте Го Словото, Кое слезе и огнот во роса го претвори, и превозносете Го Сесветиот Дух, Кој на сите живот им дава во вековите.

✜✣✜

Песна 9.
Припевː Величај го, душо моја, пречесниот Крст Господов.

Ирмосː Богородице Дево, ти си единствениот рај од кој необработено Го израсна Христа, од Кого на земјата беше насадено крсното и живоносно дрвоː затоа, кога сега тоа се издигнува, поклонувајќи се пред него, тебе те величаме.

Нека се зарадуваат сите шумски дрвја, чија природа се освети од Оној што во почетокот ги насади, кога Христос се распна на дрвотоː затоа, кога сега тоа се издигнува, поклонувајќи се пред него, тебе те величаме.

Крстот беше издигнат како сила која го издигнува достоинството на сите верни; со него се кршат роговите на грешните духови. Затоа сега, кога тој се издигнува, поклонувајќи се пред него, ние го величаме.

✜✣✜

Друг канон.

Припевː Величај го, душо моја, воздвижението на животворниот Крст Господов.

Ирмосː Смртта што човечкиот род  ја заработи, со јадење од  дрвото (забрането), денес со крстот се уништи, бидејќи клетвата на прамајката на целиот род се разруши, преку Плодот на чистата Богомајка, којашто сите небески сили ја величаат.


За да не ни ја оставиш убиствената горчливост на дрвото, со Крстот неа целосно ја истреби; така некогаш дрвото ја отстрани и горчливоста на водите на Маера, предобразувајќи ја силата на Крстот, што го величаат сите небесни сили.


Нас, кои бевме трајно потопени во мракот на прататкото, Господи, денес со Крстот нѐ издигна; и, бидејќи поради невоздржување нашата природа со лага беше фрлена во заблуда, сите нас пак нѐ избави светлината на Твојот крст, кого ние верните го величаме.


Господи, за да му го откриеш на светот знакот пред  кој тие ќе се поклонуваат, Ти го изобрази на небото знакот на Крстот пославен и посветол од сите, на царот непобедливо оружје. Затоа сите небесни сили Те величаат.

✜✣✜

Катавасијаː Богородице Дево, ти си единствениот рај од кој необработено Го израсна Христа, од Кого на земјата беше насадено крсното и живоносно дрвоː затоа, кога сега тоа се издигнува, поклонувајќи се пред него, тебе те величаме.
 

Вториотː Смртта што човечкиот род  ја заработи, со јадење од  дрвото (забрането), денес со крстот се уништи, бидејќи клетвата на прамајката на целиот род се разруши, преку Плодот на чистата Богомајка, којашто сите небески сили ја величаат.


✜✣✜

Светилен.

Крстот е чувар на сета вселена, Крстот е красота на Црквата, Крстот е сила на царевите, Крстот е поткрепа на верните, Крстот е слава на ангелите и рана за демоните.

 

 

Подготви: Светланка Трајчева