ПРЕТПРАЗНЕНСТВО НА ПРОСВЕШТЕНИЕ (БОГОЈАВЛЕНИЕ)

УТРЕНА

Тропар, глас 4ː

Кога се вознесе Илија, реката Јордан се врати назад (удрена) со кожувот на Елисеја, и водите се разделија на две страни, па тој помина како по суво, како вистинска праслика на крштението, со чија помош текот на овој живот го минуваме. Христос се јави на Јордан за да ги освети водите.


Седален, глас 1ː

Весели се, реко Јордане, зашто Создателот на вселената, како милосрден, доаѓа во тебе доброволно, за да прими крштение од слуга. Радувај се и ликувај, Адаме, и прамајко Евоː дојде преблагиот Бог, Избавителот на сите.


Слава, и сега, глас 1ː

Потокот на сладоста, Господ, доаѓа во речните води да се крсти, сакајќи да ме напои со водите на очистувањето. Гледајќи Го Него, Јован викашеː Како ќе ја положам раката моја врз Твојата глава, од Кого трепери сето создание?


Седален, глас 3ː

Облекувајќи ја голотијата Адамова во одежда на славата, Милостиве, сакаш да се соголиш во Јордан телесно. О чудо преславно! Како ќе Те прими водата Тебе, Владико Господи, Кој со води ги покриваш небесата, како што пишува (Светото писмо)? Сите ние го воспеваме Твоето јавување, Исусе Добротвору!

Слава, и сегаː


Великото Сонце, Христос нашиот Бог, Кое засветли од Облакот – Дева, доаѓа во Јордан да засветли, изгонувајќи го гревовниот мрак и просветлувајќи ги краиштата на вселената. Набожно да се помолиме да ја примиме Неговата светлина, просејќи да примиме милост голема.

Канон на претпразненство, глас 1.


Песна 1.

Ирмосː Кога Израилот се ослободи од горчливото ропство, непроодното море го мина како по суво. Гледајќи го непријателот потопуван, Му пее песни на Бога како Добротвор, Кој прави чуда со својата моќ, зашто се прослави.


Христос доаѓа за крштавање, Христос кон Јордан приоѓа, Христос, како добар, ги погребува сега нашите гревови; весело да Му запееме сега, зашто се прослави.

Облаците нека росат вечна радост веселејќи се, зашто Христос доаѓа на јорданските води, за да ги потопи гревовните потоци, дарувајќи им на сите просвештение.


Ете, Светлината се јавува; ете, очистувањето се покажува; ете, Спасителот доаѓа да ги озари со божествените зраци оние што се во темнина! Него, со чисти помисли, радосно да Го примиме.


Богородиченː Христос, останувајќи тоа што беше и по воплотувањето од твојата утроба, ни го дарува она што бевме порано, нам кои бевме од прав создадени, и нѐ избави од гревовите, Богородице!

Песна 3.


Ирмосː Смртниот да не се фали со мудроста своја и со богатството, туку со верата во Господа, православно викајќи Му на Христа Бога, и пеејќи постојаноː Утврди ме, Владико на каменот на Твоите заповеди.


Христос, Кој пред вековите седи со Отецот и со Духот, откако во последно време се воплоти од Дева, како што Самиот Он знае, сега доаѓа за крштавање, давајќи им на сите бесмртност со бањата божествена.


Сакајќи да ги погребе нашите гревови со вода во јорданските струи, од милосрдие, Христос доаѓа да нѐ обнови со крштението, нас распаднатите.

Христе, покривајќи ја срамната голотија на прататкото Адама, се соголуваш доброволно, и Себе Самиот се покриваш со јорданските води, Ти Кој со води ги покриваш небесата, единствен Многумилостиве!


Богородиченː Словото Кое се воплоти од тебе, Сечиста, сакајќи да ја измие нечистотијата на телото, и да ни даде пример за очистување, се крсти во реката.

Кондак, глас 2ː


Христе, Кој милостиво го земаш мноштвото гревови на сите, поради милоста Твоја неизмерна, како човек доаѓаш да се крстиш во јорданските води, облекувајќи ме во одеждата на древната слава, од која бев лишен.

Седален, глас 1ː


Големиот Дожд доаѓа во јорданските води,  сакајќи да се крсти по тело. Но божествениот Претеча, чудејќи се, Му говорешеː Како ќе Те крстам Тебе, кога немаш никаква нечистотија? Како ќе ја положам мојата рака на главата од која трепери вселената?

Песна 4.

Ирмосː Во она време Авакум ја слушна Твојата чудна вест, Христе, и со страв викашеː Бог ќе дојде од Теман и Светецот од гората Фаран, за да ги спаси помазаните. Слава на Твојата сила, Господи!


Нацрпете вода на животот! Ете, сега дојде навистина Реката на мирот, за да ги исуши матните води на безверието, и да им наточи просвештение на оние што Му пеатː Слава на Твојата сила, Господи!


Се весели пустината која порано беше жедна, и целата човечка природа. Денес се јави Потокот на сладоста, Кој со јорданските води ослободува од горештината на гревот. Нему верно Му пеемеː Слава на Твојата сила, Господи!


Гласот на пророкот одекнува во пустите помисли, велејќиː Исправете ги патеките пред Христа Кој доаѓа, со крштение да нѐ очисти нас – во гревот закоравените, ставајќи ѝ крај на првобитната осуда.


Богородиченː Твоето раѓање го избави Адама од распадливоста, овој производ на човекот од кој беше иземено твоето зачнување. Затоа, Отроковице, избави ме од распадливоста и маките.

Песна 5.


Ирмосː Твојата незаодна светлина, Христе, Кој ни го даваш мирот надумно, нека ги огрее срцата на оние што Ти пеат со вера, та,  од ноќта на незнаењето, трчајќи кон светлината на денот, да Те славиме Тебе, Човекољупче!


Христе, Кој си вистинскиот Цар на мирот, Ти си ја разурнал преградата на непријателството, откако на оние на земјата им се јави во подобие на тело. Затоа Јован, кога Те виде како му приоѓаш, со страв и чудење ја прими заповедта да ги положи рацете врз Тебе.


Брзајќи, Христос доаѓа сега со водите да ја скрши главата на змиите, и на Крстителот, кој трепереше, му викаː Подај ја твојата рака, и допри се до Мојата глава, и стравот отстрани го, извршувајќи го тоа што ти е наредено.


Пророкот во она време, преку Божествениот Дух, ја предвиде благодатта на крштението, кога со кожувот удри по јорданските води, кои се разделија, и ни го отворија патот кон повторното раѓање во Бога, кога во нив Христос се појави.


Богородиченː Главата на сите верници, Сечиста, Која навистина се роди бессемено од твојата утроба, сега ги скрши главите на змиите кои се гнездат во водите.

Песна 6.


Ирмосː Целиот сум плен на неизмерни страсти, и китот на злото ме проголта. Но, избави ме, Боже, од распадливоста, како порано Јона, и дарувај ми бестрастие, за да Ти принесам во Духот жртва на пофалба и спасение.


Покажувајќи ја милоста на Своите добрини, неизменливиот Христос во облик на слуга доаѓа при слугата, барајќи крштение, за да го ослободи од ропство човештвото. Но Неговото доаѓање го восхити, но и со страв го исполни.


Како ќе Те примат речните води Тебе, неподносливиот Оган, Кој сега доаѓа? Како небесните ангели ќе го созерцаваат Твоето соблекување? Како Јован ќе ја положи раката врз Тебе, беспочетно Слово Божјо, кого што си го создал од земја?


Морето се раздели на две страни, и на новиот народ му го покажа преминот кон Бога, што го изврши кога дојде на реката во тело, Оној што направи од каменот на чудесен начин да потече вода. Него да Го прославиме како Бог, Кој ја обнови нашата скршена природа.


Богородиченː За да се исполниме со слава, Господ на славата дојде во беславното човештво. Миен како човек, Твојот Син ги прослави луѓето.

Кондак, глас 4ː


Дојден во јорданските води, денес Господ му вика на Јованаː Не плаши се да Ме крстиш, оти дојдов да го спасам првосоздадениот Адама.


Икосː Не барам од тебе, Крстителу да ги обиколуваш пределите! Не ти веламː Што им зборуваш на беззакониците и како ги учиш грешниците, туку само крсти Ме молчејќи, и очекувајќи ги плодовите на крштението. Поради ова ќе примиш достоинство што го немаат ни ангелите, оти ќе те направам поголем од сите пророци. Од нив ниту еден не Ме виде јасно, туку во праслики и сенки, и загатки. А ти Ме виде како стојам пред тебе, зашто дојдов да го спасам првосоздадениот Адама.

Песна 7.

Ирмосː Некогаш младите момчиња влегоа во неподносливиот пламен како во брачна палата, каде што нивната светост се покажа јасно преку нивната вера, и каде што заедно пеејаː Боже на татковците(наши), благословен си.


Христос, нашето спасение, се јави, дарувајќи просвештение; Нека се радува небото, облаците нека росат правда за оние што вистински викаатː Боже на отците (наши), благословен си.


Руното што Гедеон го виде однапред како полни чаша со вода, јасно го претскажува Твоето крштение, Христе, кое, откако се крсти, им го даваш на оние што викаатː Боже на нашите отци, благословен си.


Исцелувајќи ги со сол водите што предизвикуваат бесплодност, Елисеј таинствено ги предобрази крштелните купели, кои ќе станат извор на плодност за оние што викаатː Боже на нашите отци, благословен си.


Богородиченː Природата на водата ме измива од гревот, примајќи ја надумно твојата Рожба, Дево Богоневесто, оти очистувањето на Бога, Создателот на светлината, го очистува осквернетиот од многу гревови.

Песна 8.

Ирмосː Печката во која огнот се претвори во роса, во она време се покажа како чудо натприродно, бидејќи огнот не ги изгоре младите момчиња, навестувајќи го Христовото бессемено божествено раѓање од Дева. Затоа да запеемеː Сета твар нека Го благослови Господа, и да Го превозноси во сите векови.


Велегласно да му упатиме пофалба на Господа, зашто Он дојде и се јави; необлечен влегува во водите, Оној што ги облекува облаците, и се крштева, очистувајќи нѐ нас кои пеемеː Сета твар нека Го благослови Господа, и да Го превозноси во сите векови.


Пријдете, со мислите на Јордан да одиме, чудесниот настан да го созерцаваме, зашто Исус, нашето просвештение, доаѓа да се приклони под раката на слуга кој со страв викаː Сета твар нека Го благослови Господа, и да Го превозноси во сите векови.


Јагленот што го предвиде Исаија, откако се разгоре во јорданските води, ја согоре сета природа на гревовите и на скршените им даде обновување. Затоа да запеемеː Сета твар нека Го благослови Господа, и да Го превозноси во сите векови.


Богородиченː Сакајќи да го обнови родот човечки, Твојот Син брза да дојде на Јордан како човек, Пречиста, поради љубовта Негова бескрајна, зашто таму Он го сотре оној што ги скрши сите и, со твоите молитви, ја обновува вселената.


Песна 9.


Неискажлива е тајната на Дева, зашто таа е небо и престол херувимски, и се покажа како светлоносна палата на Христа Бога Седржителот. Неа побожно, како Богородица, ја величаме.


Гледам необична и преславна тајнаː Исус доаѓа на реката Јордан доброволно, викајќи му на Јованаː Подај ми ја твојата десна рака, пријателе, кога ја извршувам оваа чудесна тајна заради спасение на мојот народ.


Нека процветаат пустините јорданскиː вам, кои лежевте во темнина, ви се јави Големата Светлина. Откако ќе Ја видите, заиграјте! Христос, Кој доаѓа од Галилеја, сака да се крсти од слуга.


Развесели се сега, Јордане, и ликувај! Јоване, заиграј! Цела вселено, раувај се! Ете, Христос се јави, и се соблекува, и се крштава, облекувајќи го човештвото во одежда на нераспадливоста.


Богородиченː Во тебе паднатиот прататко најде поткрепа, немајќи сила да оди понатаму; а со крштението на Твојот Син секое зло е потопено, затоа те славиме како причина за нашето очистување.


Светилен.


Кога Јордан Те виде соблечен, со треперење му рече на родениот од неплодната (жена)ː Остави, Јоване, нека се крсти Господ Кој со оган и Дух го очистува сето создание, зашто Он дојде да ги освети луѓето и природата на водата.


Слава, и сегаː Оној што од Дева засветли во Витлеем во тело, сега брза на Јордан да ја измие нечистотија на луѓето, приведувајќи ги кон светлината оние што беа во темнина, со божественото крштение.

Хвалитни стихири, глас 6ː


Зошто, Крстителу, не ја сфаќаш промислата што ја извршувам за спасение на сите? Остави го сека старото, и мисли на тоа што е полезно. Верувај Му на Бога Кој снисходи, пристапи кон Мене и послужи Му, оти Христос дојде од милосрдие, да го очисти од падот Адама.


Исусе, Кој ги земаш нашите гревови на Своите плеќи, си дошол на јорданските води; јас, пак, се исплашив од Твоето страшно пришествие. Како ми велиш да те крстам Тебе, кога си дошол да ме очистиш и самиот мене? И како бараш крштение од мене, Ти, Кој си очистување на сите?


Никој не може да ја разбере мојата природа! Откако примив облик на слуга, дојдов на Јордан. Затоа немој да ми се противиш; не бој се, приближи се до Мене; десната рака стави ја врз Мојата глава и повикај: Благословен си, Боже наш Кој се јави, слава Ти!


Твојата неизмерна сиромаштија, Слово Божјо, мојот ум го надминува! Во Тебе Го препознавам Оној што, заради паднатиот, од милосрдие се облече во Адама, и ги обновува оние што потекнуваат од Адама. Затоа се покорувам на Твојата наредба и верно Ти викам: Благословен си, Боже Кој се јави, слава Ти!


Слава, глас 6:


Јован, служејќи Му на Господа со треперење, со душата се радува и весело вика: Радувајте се со мене сите поколенија од прататкото, зашто Христос, нашето очекување, дојде на Јордан, како милостив, да ги очисти сите од гревот на Адама.


И сега, глас 6.


Да Му запееме, луѓе, на Родениот од Дева, Кој се крсти во реката Јордан, и кон Него да повикаме: Цару на секое создание, дај ни неосудено и со чиста совест, верно да стигнеме до Твоето свето тридневно воскресение од мртвите.

Стиховни стихири, глас 2:


Ете, дојде Царот, Кој е очекувањето Израилево! Луѓе, радувајте се, зашто се јавува Светлината.

Стих: Поради тоа ќе си спомнувам на Тебе од земјата Јорданска, од Ермон.

Бог дозволи да биде виден во тело од оние на земјата; Божјата Светлина сега се јави на оние што се во темнина, и на сите благодатта им засветли.

Стих: Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа.

Пророче, послужи како светилник на Светлината, како зрак на Сонцето, како претеча на Словото, како пријател на Младоженецот!


Слава, и сега, глас 8.


Јоване Крстителу, кој Ме позна како Јагне уште во утробата, послужи Ми на реката, принеси Ми служба со ангелите: подај ја твојата рака и допри ја Мојата пречиста глава и, кога ќе видиш како треперат горите и Јордан се враќа назад, со нив повикај: Господи, Кој се воплоти од Дева заради наше спасение, слава Ти.

 

 TVIT1068.Mesto.ksten.Hristos

 

 

Подготви:Светланка Арсовска Трајчева

18-ти јануари 2018 лето Господово

Извор: ИЗБОР НА МЕСЕЧНИ И ПРАЗНИЧНИ БОГОСЛУЖБИ – ПРВ ТОМ (Септември – јануари)