TVITer155

ДЕПРЕСИЈА - БОЖЈОТО ОТСУСТВО ОД ЧОВЕЧКАТА ДУША

Кој смета дека го победил чудовиштето наречено депресија без Христовата помош, е измамен. Ѕверот спие и повторно ќе се разбуди,и  повторно ќе донесе со себе лоши последици.
Ако го врзеш ѕверот со ланец, не значи дека си го победил. Проблемот се уште постои, само што си добил малку  време. Ѕверот рика и ќе се врати во првиот момент на немоќ и беспомошност. Депресијата е недостиг од Божјото присуство,време  кога тишината се исполнува со плач.
Православната психотерапија - преку покајанието и односот со Христос - го скротува ѕверот, те ослободува од него и ти повторно  можеш  да ги засадиш плодовите на доблестите во твојата душа.
Депресијата е страст од којa треба да се ослободиме. Оваа страст отците на црквата ја нарекуваат „униние“. Според митрополитот Јеротеј од Навпакт, „унинието - овој голем демон - ги парализира и телото и духовниот живот“.


Да видиме што вели Старец Порфириј: „Денес стана вообичаено да чувствуваме тага, очај, мрзеливост, и други слични демонски дејствија: да се биде тажен, да се плаче, да се биде меланхоличен, да не се обраќа внимание на семејството, да се трошат многу пари на психотерапија, да се користат лекови. Сите овие работи луѓето ги нарекуваат „несигурност“,а нашата православна вера вели дека тие доаѓаат од искушувачот.


Болката е онаа душевна сила која Бог ја всадил во нас за да нè поттикнува да правиме добро, и да ја преточиме во љубов, радост и молитва. Наместо тоа, демонот успева да ја одземе оваа сила од “батеријата“ на нашата душа и да ја искористи за зло - ја претвора во депресија и  нè води во летаргија и очај. Го мачи човекот, го прави негов заробеник и го прави ментално болен.
Тајната е во тоа  да го претвориме ова дејство на искушувачот во нешто добро. Ова не е така едноставно затоа што тоа бара одредена подготовка.
Подготовката подразбира стекнување на  смирение. Преку смирението ја добиваш Божјата благодат, се препушташ на Божјата љубов, на служењето на Бог, на молитвата. Но, дури и да го направиш сето ова, нема да постигнеш ништо ако не си стекнал смирение. Сите лоши чувства - несигурност, очај, разочарување, кои сакаат да ја освојат твојата душа, заминуваат кога настапува смирението. Оној кој нема смирение и кој е егоист, не сака  да ја прекинете неговата волја, да влијаете врз него, да го советувате. Тој е вознемирен, нервозен, се спротивставува и е депресивен. Овие состојби ги лекува благодатта.

Душата треба да се сврти кон Божјата љубов. И заздравувањето ќе се случи кога силно ќе го љубите Бог и кога силно ќе копнеете по Него.
Многу свети луѓе ја претворија депресијата во радост преку љубовта кон Христа. Кога се соединуваш со Бога и му се предаваш, сето тоа поминува. Постепено забораваш на сето зло и се спасуваш.


Големата уметност, големата тајна да се ослободиме од депресијата и сè што е негативно, е да се оддадеме  кон Христовата љубов. Во Црквата се се лекува преку љубовта и молитвата, но кога тие се бараат со жед и копнеж. Ова е тајната на заздравувањето. Ова е пристапот на Црквата.


Старец Паисиј велеше: „Себичноста и егоизмот доведуваат до тага; до онаа тага што не е од Бога. Тагата за Бог не  доведува до покајание. Тагата што не е од Бога не  доведува до очај. Себичноста секогаш носи тага и вознемиреност. Лукавиот „сака да нè види во тага за да се радува…Искушувачот не сака никој да се радува“.

Себичноста ја отвора вратата на искушувачот да влијае врз нас, нè фрла во депресија и во таканаречените „психолошки проблеми“.

Старец Порфириј исто така велеше: „Главната причина за депресијата и сите оние нешта што со својата примамливост ни го привлекуваат вниманието, сатански работи - како летаргија, очај, мрзеливост и други психолошки проблеми - е во тоа што поседувате голема себичност и егоизам“.


Старецот ги нарекува сите гореспоменати психолошки проблеми примамливи, односно демонски - демонски постапки и влијанија.
Себичноста т.е. гордоста е причина за напад и дејствување на злото во човекот. Влегувајќи во душата, злото ја исполнува душата со тага.
Го прочитав некаде и го  споделувам со вас: депресијата е незадоволство на душата од причина што и недостасува Христос.

Автор: о. Спиридон Скутис

Превод  на бугарски: Константин Константинов


Превод на македонски јазик: Симеон Стефковски

 

 24ти август 2020 лето Господово