SV.Serafim.Rouz

Кога епископот Теофан Затворник (+1895) ги цитирал и преведувал светите отци, намерно ги пропуштал местата, во кои се зборува за физичките аспекти на молитвата. Тој така постапувал, бидејќи знаел, дека дури и во негово време  – XIX век – многумина би ги прифатиле тие физички аспекти како крајна цел и да имитираат, без да ја разберат суштината. Затоа епископот Теофан ги исклучува тие нешта од своите преводи. Сега веќе многу од делата на светите отци се преведени на современ јазик и секој може да прочита каква поза да заземе, како да седне на столчето, да ја наведне главата итн.

И луѓето почнуваат да имитираат. Започнуваат да мислат: „Ете, тоа е!“ И неизбежно, ако некој долго пости и прави определени вежби, кај него ќе почне да „дејствува“. Но тоа не е духовен живот. Напротив, можеме да бидеме сигурни, дека имаме работа со демонска активност.

Вистинскиот духовен живот е поврзан со реалноста и не може да се постигне со површна имитација. Обично не е тешко да се распознаат оние, кои се обидуваат да имитираат духовен живот. Во историјата на нашето братство имаме ваков пример: Во Сан Франциско живееше еден човек, кој се загреа по Исусовата молитва. Постепено тој сигна до 5000 молитви на ден. Живеејќи во светот, среде градската врева, тој секое утро, пред да почне било што друго, кажуваше на терасата до 5000 Исусови молитви и се чувствуваше чудесно освежен и издигнат. Но еднаш, кога стигнал до последната илјадарка, под терасата дошол некој човек и започнал да се занимава со некоја своја работа. Тогаш нашиот молитвеник се јадосал до тој степен, што бил надвор од умот и почнал да фрла по него со што ќе му дојде при рака… Што можеме да помислиме за човекот, зафатен со духовен живот, кој ја практикува Исусовата молитва, ако одеднаш за време на молитвата започне да фрла садови по некого?

Тоа значи дека во него страстите биле слободни, бидејќи имал погрешна претстава за духовниот живот. Тој дејствувал, поаѓајќи од таа идеја – од знаење, и при првата можност страстите се појавиле. Многу подобро е да не се изговорат 5000 молитви, туку да се врши нешто друго, што навистина е духовно. Треба внимателно да го избереме нашето бојно поле. Неопходно е да ја започнеме борбата со трезвен однос кон нештата, без заслепување, штом ќе осознаеме, дека сме опкружени од силите на овој свет.

Со нив треба да се бориме, така што постојано да го насочуваме вниманието нагоре, а не надолу, т.е. да го гледаме небесното, а не да се заглавуваме во земните нешта. Од световна гледна точна ќе бидеме малку особени, т.е. различни од мнозинството членови на Црквата. Ќе нѐ сметаат најмалку за чудни, дури и за ненормални. Но тоа е неопходен и централен услов, и јас повторно ќе се задржам на него понатаму.

Превод: Свештеник Јани Мулев

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2018/12/16/imitacija-na-duh-ziv/?fbclid=IwAR0Jjm2PA2QNic_RgvL4OBj5751bJJCMqK4i2O0k6ASlzQ0oMW0BeAWd2ys