3.angeli.so.truba

 

Личниот однос кон болката

Позитивната или штетната улога на болката зависи од личниот однос на човекот кон неа. Кога човекот не е способен во болката да види некаква смисла или цел, природно е да падне и да се разочара. Тој ја сфаќа како мачно патување кон небитието. Кога, напротив, човекот ја гледа болката како педагошко средство на Божјата промисла, тој може да ја искористи на позитивен начин и да ја вклучи во перспективата на своето духовно усовршување. Поврзувајќи ја болката со покајанието и скрушеноста заради своите гревови, тој уште повеќе го олеснува и забрзува умирањето на стариот човек кој е претпоставка за неговото духовно обновување. Гледа на болката како своевиден откуп што го плаќа за да го обрати својот пат од небитието кон битието.


Воспитание од Господ

Светото Писмо учи дека Бог го казнува оној кого го љуби и „го камшикува секој син кого го прима“ (Мудрост Сол. 3,12; Евр. 12,6). Во одречна форма, тоа тврдење може да се претстави на следниот начин: Бог не го казнува оној кого не го љуби, ниту го камшикува оној кого не го познава.

На парадоксален начин, човекољубивиот Бог се претставува како жесток и рамнодушен кон човечката болка. Тоа може да предизвика негодување и бунт на човекот против Бога. Жената на Јов му предложила нешто слично после долгогодишното негово страдање, но тој го отфрлил тоа како чин на безумство (сп. Јов 2,10). И Христос, кој во највисок степен искусил болка, во краен случај, не ја отфрлил горчливата чаша, туку ја испил до крај (сп. Матеј 26,39). Примерот на Христа се открива како образец и поткрепа за верникот и како пројава на безусловна доверба кон Отецот. Тоа е примерот на послушанието, кое не се соблазнува од вкусување на дрвото на познанието, туку очекува да го вкуси дрвото на животот (сп. Битие 2,9).

Посетата на болката е, всушност, посета на воспитание од Бога. Сите светии минуваат низ болката која честопати е маченичка. Тоа е нивниот крст, тоа е предизвикот што тие го примаат од Бога, за да ја покажат својата љубов и доверба кон Него. Освен тоа, добродетелта, исто така, е и крст, бидејќи и таа се постигнува преку труд и испитание. Се разбира, по својата природа, болката не е искупителна сила. Христијанинот не ја следи, ниту ја прима со мазохистичка склоност. Тој сепак ја поднесува, признавајќи ѝ го значењето во неговиот духовен живот. Според Св. Јован Златоуст, болката, како и смртта се знак на Божјата добрина кон паднатиот човек.


Предизвик за храброст

Болката го воспитува човекот и го поттикнува кон храброст. Без нејзиното вкоренување, тој лесно се опушта и паѓа во духовна рамнодушност. Преку болката, се крши оклопот на егоизмот и се покажува вистината за личноста; се ограничува егоцентричната самодоволност и се олеснува општењето со Бога. Затоа, верникот гледа во болката дар од Бога и Му благодари за неа. Тој ја сфаќа како средство за подвизување во смирението и љубовта. На тој начин, во човекот дејствува „преобразувачкиот фактор“, кој предизвикот на болката го претвора во можност за подготовка за вечноста.

 (Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/katehizis/paradoksot-na-bolkata-part-2/

Георгиј Манѕаридис: Парадоксот на болката – I дел ...