Видение на Схиархимандрит Гаврил Зирјанов(1844-1919)

3.angeli.so.truba


Ученик на преподобниот Амвросиј Оптински, еднаш на Светата Литургија, за време на претворањето на Светите Дарови, бил удостоен со благодатно видение. Старецот раскажува како на горното место во олтарот Го видел Христа Спасителот опкружен со мноштво архангели, херувими и серафими. Ангелите лебделе околу Христа одозгора и одоздола, лево и десно. Околу Господа се распоредил соборот на светите пророци, апостоли, преподобни, маченици, архиереи и сите светии.

Целото небо било исполнето со ангели и светители. Сите стоеле со приклонети глави завртени кон Господа. Рацете пак ги држеле прекрстени на градите.
Ангелите и светителите биле во голема побожност, страв и молк и како да се наситувале од бесѕелесната-розенкаста светлост, која излегувала од Спасителот и од Неговите рани. Таква светлост од Христовите рани паѓала врз Светите Тајни кои се наоѓале на престолот.


Друга пак светлост се простирала кон небесните височини. Според зборовите на старецот таа била нежно-сјајна, со неискажлива убавина. И кон неа бил завртен Спасителот Кој Самиот Себе Се принесувал на жртва.


Кога отецот Гаврил си дошол при себе забележал дека неговата уста ги изговара зборовите:
"И НАПРАВИ ГО ОВОЈ ЛЕБ ЧЕСНО ТЕЛО НА ТВОЈОТ ХРИСТОС. АМИН. А ТОА ШТО Е ВО ОВАА ЧАША  ЧЕСНА КРВ НА ТВОЈОТ ХРИСТОС. АМИН. ГИ ПРЕТВОРИ СО ТВОЈОТ СВЕТ ДУХ. АМИН. АМИН. АМИН.
Од страв  и трепет старецот заплакал.


Подоцна отец Гаврил не можел да служи Света Литургија без солзи толку големо влијание оставило на него видението на Жртва Христова принесена за сите луѓе.
Штом старецот ќе изговорел:
"ТВОИ ОД ТВОИТЕ, ТЕБЕ ТИ ПРИНЕСУВАМЕ ЗА СИТЕ И ЗА СЀ"
неговиот глас се прекинувал. Од очите почнувале да му течат солзи и тој потполно се одвојувал од земно, предавајќи се на духовно доживување и побожна молитва.

Понекогаш отец Гаврил не можел да го задржи својот плач и тогаш, мешајќи се со пеењето на народот, од олтарот се слушало неговото плачење кое ги потресувало душите на оние што се молеле на службата.

 

Извор:

МАНАСТИР СВ.ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

13ти декември 2020 лето Господово