ЗА РОЖДЕНСТВОТО ХРИСТОВО
- Преподобен Пајсиј Светогорец

Hristos.za.Rozdestvo1

(Обновено)
            Христос со големата Си љубов и со големата Си радост што ја разлева во душите на верните со сите Свои свети празници, вистински нѐ воскреснува и духовно нѐ издигнува високо. Доволно е да соучествуваме и да имаме духовен апетит да ги празнуваме духовно. Тогаш јадеме духовно и се опиваме духовно од рајското вино што ни го носат Светиите и нѐ почестуваат.
  За да ги доживееме празниците, треба да го имаме својот ум во светите денови, а не во тоа – задолженијата што ги имаме да ги извршуваме во светите денови. Да размислуваме за настаните на секој свет ден и да ја кажуваме молитвата, славословејќи Го Бога. Така ќе го празнуваме со голема побожност секој празник. Кога некој ги истражува настаните на секој празник, природно ќе биде трогнат и ќе се моли со особено благочестие. Потоа, на богослужбите умот да ни биде во настаните што ги празнуваме и со побожност да ги следиме песнопенијата што се пеат. Кога умот е во божествените значења, човекот ги живее настаните, и така не се расипува.
        – Старче, по бдението на Божик да не спиеме?
            – Божик е и да спиеме ли?! Мајка ми велеше: „Вечерва само Евреите спијат“. Гледаш, ноќта кога се роди Христос началниците спиеја длабоко, а пастирите ноќеваа на отворено. Ги чуваа овците през ноќта, свирејќи на кавал. Разбра ли? Пастирите коишто бдееја Го видоа Христос.
– Каква била, Старче, пештерата?
Била една пештера во карпа и имала јасли, ништо друго немало. Таму одел некој сиромав човек и ги оставал своите животни. Пресвета Богородица со Јосиф, бидејќи сите анови биле полни и немало каде да останат, завршиле во оваа пештера. Таму биле ослето и теленцето, коишто со своето дишење Го топлеле Христа! Го позна волот стопанот свој, и оселот – јаслите на господарот свој – не вели ли така пророк Исаија?
– Во еден тропар, Старче, се вели дека Пресвета Богородица, гледајќи Го новородениот Христос, „радувајќи се, воедно и солзејќи“ се прашувала: „Да Ти дадам гради Тебе, Кој вселената ја храниш, или да Те воспеам, Сине и Боже мој? Со кое име Тебе да Ти се обратам?“
– Тие се тајните Божји, преголемото Божјо снисходење, коешто ние не можеме да го разбереме.
– Старче, како би можеле да го доживееме настанот на Рождеството, оти, нели, се вели Христос „денес се раѓа од Дева?“
– За да ги доживееме тие божествени настани, умот треба да ни биде во божествената смисла. Тогаш човекот се променува. „Голема и необична глетка настана денес“, пееме. Кога нашиот ум е таму, во „необичното“, тогаш ќе ја доживееме и големата тајна на Рождеството Христово. Јас ќе се молам срцето ваше да постане светите Јасли и Сесветиот Витлеемски Младенец да ви ги даде сите Свои благослови.

 

Женски Манастир Рајчица Св. Георги Победоносец