Во денешното прочитано свето Евангелие (Јован, 1, 43-51Ч Зач.5) слушнавме како Христос ги повикал Своите први ученици. Први по Христа тргнале апостолите Андреј и Јован. По нив, другиот ден за негови следбеници тргнале Филип и Натанаил. Овие први апостоли ја основаа првата христијанска Црква. Тогаш тие сигурно не можеле да претпостават дека Црквата Христова со текот на времето ќе се рашири и во земјите за кои тие и не слушнале и дека нивните имиња ќе бидат запишани во книги што ќе ги читаат сите народи на светот. Овие први Христови последователи не барале слава, ниту власт и богатство, туку ја барале само вистина што ќе ги ослободи и ќе ги спаси нивните души. А, вистината е најсилната ослободителна сила и спасение за сите луѓе.

38.machenici1
Христос ги повикува Свв. Петар и Андреј за први ученици. – Мозаик: Св. Аполинариј, Равена, Италија. Шести век.

Ја бараа таа моќна сила и ја најдоа. Тие се интересирале за личноста на свети Јован Крстител, ги слушале неговите проповеди и поверувале во неговите зборови: дека очекуваниот Спасител на светот дојде наскоро, Го побараа. Го најдоа и тргнаа по Него. Со ова им дадоа пример на сите кои после нив, во подоцнежните времиња, ќе Го побараат и ќе го најдат Господа Христа. Тој духовен извор, којшто тие го најдоа, до денес не е исцрпен и нема да се исцрпи довека. И просветителите на нашиот народ, нашите први учители Кирил и Методиј и нивните ученици го нашле и му го ветиле на народот најценетото што тој сега го има – нашата непроценлива православна вера.

Нашиот народ преживувал како ретко кој народ во светот, времиња на голем напредок и на длабоки падови. Некогаш имал цареви кои владееле и со соседните земји, а некогаш бил поробуван и бил заборавен од светот. Имало и времиња кога се слевале богатства во нашата земја и од далечни држави, а понекогаш потпаѓал под тешко ропство и живеел многу мизерно. Нашиот народ доживеал златен век на цивилизација и наука и бил центар на култура и писменост за соседните и за далечните народи. Но имало и време кога требало да бара книги и учители од оние народи кои порано ги просветувал. Во текот на сите тие времиња на величина и на пад, секогаш останувало во неговата своина една работа – светата православна вера.

Дури и да не ја познаваме историјата и животот на другите народи, само тој пример со нашата вера, која се зачувала во текот на вековите, доволно нè убедува дека православието е животворна вера и таа секогаш ќе остане како најголема тврдина во народното опстојување.

38.machenici1
Извор:Wikimedia, Последната молитва на христијанските маченици – детал на мачениците, Jean-Léon Gérôme (1663/83)

Уште од првите векови на христијанството Црквата морала да издржи и издржала многу жестоки прогонувања. Во текот на првите три столетија Црквата дала не илјадници, туку стотици илјади маченици, кои ѝ обезбедија победа над многубоштвото. Подоцна, за наредните речиси пет века, православието морало да се бори против внатрешните непријатели, еретиците, секташите, кои сакаа чистотата на божествена наука да ја заменат со човечки измами и измислици.

Таа тешка борба била завршена победоносно во IX век. Тогаш најсвечено била прославена победата на православието над сите свои непријатели. Таа победа не била постигната со насилство туку само со жртви и затоа е толку скапоцена. За првпат била прославена во првата недела од Великиот пост и оттогаш наваму секоја година Православната црква ја празнува таа победа на денешен ден, кој заради тоа е наречен Недела на православието.

Знаеме дека сите друштва и организации што ги поврзуваат луѓето со земните интереси си имаат свој патронен празник и свечено го прославуваат. Светата Православна црква што ги осветува луѓето и за земниот и за небесниот живот, исто така, си има свој празник. Тоа е денешниот ден. Од стари времиња останало обичај на денешен ден сите, кои себеси се нарекуваат православни христијани да доаѓаат во црквата за да ја посведочат својата преданост кон православната вера. Тоа сведоштво се изразува преку подготвителниот пост и причестувањето со Телото и Крвта на Христа Спасителот, та на тој начин стануваат едно тело со Самиот Христос Бог.

38.machenici1

И денес Православната црква има непријатели по целиот свет. И денес постојат прогони на православните христијани. И денес православието испишува црни страници во одделни, таканаречени автокефални цркви, каде честопати е заборавена христијанската љубов, христијанското милосрдие, христијанската обврска кон луѓето и кон Бога. Наместо љубов се шири омраза, наместо помирување – кавги, наместо химна на мирот – воени маршеви, познати од најзлогласните времиња на Првата и Втората светска војна. Тоа што најповеќе денес христијанството го загрижува, посебно вистинското православие, тоа е дека на чело на најпогубните идеи за уништување и самоуништување стојат токму личности дури и од највисокиот степен на хиерархијата во црквата, а тоа се архијереите и патријарсите. Нивната денешна националистичка заблуда ги одведе многу далеку од Христовиот пат, Христовите аманети и Христовите идеали. За нив е важно, пред сè и над сè, да се остане во служба на националните интереси до таа мера да не се почитуваат ни најосновните човечки права на луѓето, признаени со меѓународните прописи и норми. За нив ништо не значи ако си доследен православец. Нивната православна совест веќе со тоа е избришана. Нивното срце, потопено во националистичките страсти, заборава на братска милост и во него, во тоа срце, е вгнездено демонското осило, отстапувајќи и сè поголем простор на сатанската власт. Но православието мора да најде сили. Тоа секогаш има сили да ја надмине сета денешна несреќа на православните народи, на христијанството пошироко и на светот во целост. Вистинските припадници на православието цврсто веруваат дека, и покрај големите предавства во Црквата, сепак православието ќе остане неуништлива тврдина, оти, според зборовите на Христа Бога, Црквата ….ни вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мат, 16, 18). Ќе мора еднаш засекогаш, во сите структури од животот, почнувајќи од највисоката хиерархија, да се ослободи од сите лоши напластувања и погрешни ориентации, со кои сè повеќе и повеќе се оддалечуваат луѓето од евангелската светлина. Пред сè, лошо ориентираните водачи ќе мораат еднаш засекогаш да му се вратат на единствениот евангелски пат, ако веќе претендираат за титулата духовни водачи. Во спротивно тие се веќе построени во редовите на најжестоките противници на евангелскиот дух на сегашнината и иднината.

Животот на сегашните и идните генерации треба да биде таков што неверниците и предавниците, кои мнозина ги нарекуваат волци во овчи кожи, треба да ги видат благодатните плодови што ги даваат вистинските христијани. Ако се нарекуваме православни христијани, а живееме полошо од многубошците, без евангелска љубов и милосрдие, неверниците и отпадниците, предавници на православието, ќе имаат од кого да земат пример, со што правиме уште повеќе тежок грев пред Бога – а тоа е соблазната.

38.machenici1
Има и луѓе кои се оддалечиле од православната вера и се придружиле кон разни секти. Такви луѓе има два вида. Едните себеси се сметаат за многу образовани и мислат дека православието и воопшто христијанската вера е само за простите и неучените. Тие на православната вера гледаат скоро како на суеверие. Секташите пак, се фалат со тоа дека го знаат Светото Писмо и сакаат да спорат по разни религиозни прашања. Меѓутоа, тие не знаат една работа, а тоа е најважното. Тие не ја познаваат Православната црква и за неа расудуваат како што ги учат нивните учители – туѓинци, кои немаат најосновни познавања за нашата вера и историјата на Црквата. Добро ќе биде на таквите луѓе да им го покажеме за пример Натанаил, кој, како што слушнавме од денешното прочитано свето Евангелие, прашал: Може ли од Назарет да произлезе нешто добро? Апостол Филип не почнал да му докажува со сложени расудувања за божественоста на Христа, туку само рекол: Дојди и види! Да поканиме такви луѓе да дојдат во Црквата, да ја изучат православната вера, да го разберат православното богослужение. Ако тие искрено и без предрасуди се запознаат со православната вера, јасно ќе разберат дека таа ја содржи целосната вистина и дека сè што е добро во светот се должи на христијанството.

Браќа и сестри, нашиот живот треба да биде таков што, кога нè гледаат неверниците, да можат да ги видат благодатните плодови што му ги носи христијанството. Ако ние се нарекуваме православни христијани, а живееме полошо од незнабошците, безверниците ќе имаат повод да хулат и да ја одрекуваат, не само нашата вера, туку дури и Бога.

Кога Натанаил го послушал апостолот Филип и отишол да Го види Христа, Спасителот Кој сè знае, му кажал каде бил па дури и што мислел. Натанаил веднаш поверувал во Христа и тргнал по Него затоа што дошол и видел, се убедил дека Христос е вистинскиот Бог. Оние наши заблудени браќа кои ќе го послушаат гласот на Црквата и кои ќе се повратат кон неа, ќе видат дека Бог, преку Својата света Црква, прави многу чуда меѓу народите. Најглавното чудо, кое никој не може да го одрече е дека Црквата Божја успеала да воскресне цели народи, во кои и денес, и покрај многуте прогони и терори, доживува духовен прогрес и незапирлив од кон евангелизација на народите.


Да искажеме повеќе љубов спрема нашата света Црква, да се поучуваме во својата вера и редовно да ги посетуваме богослужбите во светите храмови. А најважно е во својот живот да покажеме дека нашата православна Црква не облагородила и нè направила посвети, та да живееме со поголема верба дека нашите заблудени браќа ќе ѝ се вратат на Црквата. Да го следиме примерот на апостолот Филип, кој не се задоволил само од тоа што го пронашол вистинскиот пат и Бога лично за себеси, туку ги повикал и своите пријатели да го следат.

Секако, треба да ја сакаме светата православна црква. Таа нè благословува во деновите кога сме радосни. Таа нè поткрепува во деновите на тешкотии и жалост. Таа е коработ на нашиот дух и нашето постоење. Таа е Ноевиот ковчег – коработ на нашето спасение. Таа е што неповредени ќе нè пренесе низ тешките животни бури и безбедно ќе нè доведе до мирното пристаниште – Царството Божјо. Надвор од Црквата е живот приземен и необмислен.

Затоа уште еднаш да повториме: да бидеме сите во Црквата Божја, ама во вистинската Црква, и во неа да останеме, доследни во сите животни чекорења. Амин.



Извадок од: Неделник = Недѣлникъ (проповеди за сите неделни евангелски четива во годината) – второ издание, епископ Никодим и протоереј Цв. П. Христов : [Пловдив], 1943

 Извор: https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/silata-na-pravoslavieto/