Низ темнина доаѓа нашата светлина

Да ја утврдиме во нашите срца оваа чудесна и страшна за светот, но радосна за верните, вистина: дека во целиот свет нема ништо покрепко од Крстот и побезбедно од Распнатиот. Ужасите од Голготата затоа и се расеани по целиот свет, за ние, не воочувајќи никаде безбедност, да бегаме право на Голгота, и да се фрлиме пред нозете, да се сокриеме во раните и да се потопиме во страданијата на Распнатиот Спасител. О, сонце! Зошто од Него го криеш своето лице напладне, кога великото дело на темнината уште при твојата светлина ја достигна веќе својата полноќ, и кога за очите на Оној што гледа сè и темнините се посветли од твојата светлина, и во темнина толку јасно го гледаат призорот на Богоубиството! Така! Во твоето негодување запечатено беше нашето вразумување; ти побрза да го направиш видлив денот на непријателството и гневот, за нас да нè приведеш кон созерцателниот ден на љубовта и милосрдието, осветлен со незалезната светлина на Трисолнечното Божество.

Христијанину! Темнина нека ја покрие земјата! Нека има мрак над народите! Дигни се од стравот и недоумиците! Заблескај со вера и надеж! Низ темнина доаѓа твојата светлина! (Ис. 60, 1-3). Помини низ патот, преку кој раскинатата завеса ти ги открива таинствата; влези во внатрешното Светилиште на Исусовите страданија, оставајќи го зад себе надворешниот двор, предаден на народите за уништување. Што има таму? – Ништо, освен светата и блажена љубов на Отецот и Синот и Светиот Дух кон грешниот и беден човечки род:

Љубовта на Отецот која распнува.

Љубовта на Синот која е распната.

Љубовта на Духот која торжествува со силата на Крстот.

Бог толку го возљуби светот!

За оваа љубов, христијани, нека ми биде дозволено малку да помолчам пред вас, бидејќи е невозможно таа да биде изречена, така што и Самото Слово Божјо, за совршено да ја изобрази неа, замолкна на Крстот. Ова Слово и оваа љубов нека ни даруваат и нам безмолвие, како и внимание на тоа безмолвие, како што и децата на една иста мајка заеднички молчат и го разбираат молчењето во нејзиното срце и во нејзините зборови.

Свети Филарет Московски

 

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/niz-temnina-doagja-nasata-svetlina/?fbclid=IwAR0-QP_7fNqMg-0RnV0tP5vc7kmzGmwiTy_G52NuOc5tjRTgtmekYuEMuRY