38.machenici1

Книгата на Јов (7, 1-21)


Не ли е испит земниот живот за човекот? Неговите дни, зарем не се како дни на наемник? Како слуга што копнее за сенка и како наемникот што го чека крајот на својата работа, така и јас добив наследство од суетни месеци; тажните ноќи ми се избројани.
Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А кога станувам, се прашувам: како ќе ја дочекам вечерта? Се измачувам од вечерта до утрото.
Моето тело е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми распукува и гнои; дните ми летаат побрзо од совалка и исчезнуваат пред мене без надеж.
Спомни си, дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да гледа.
Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се врз мене – а мене ме нема,
како облак што се проретчува и исчезнува, така и спуштениот во гроб нема да излезе;
нема повеќе да се врати во куќата своја; ниту местото свое веќе ќе го познае.
Затоа нема да ја воздржам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во својот дух, во горчината на мојата душа ќе си поплачам.
Зарем јас сум море или морско чудовиште, та си поставил стража над мене?
Кога ќе си помислам: „Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја“,
тогаш ти со соништа ме плашиш и со привиденија ме ужаснуваш;
Затоа душата моја посакува да прекине дишењето; подобра е смртта, смртта ми е помила од моите маки.
Ми омрзна животот: Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета.
Што е човекот, та толку си го воздигнал и такво внимание му обраќаш?
Зошто го посетуваш во секое утро? Зошто го искушуваш во секој миг?
Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја да си ја голтнам?
О, Чувару над луѓето! Ако сум згрешил, како да постапам? Зошто го врежа Својот знак врз мене, па да сум Ти на товар?
Зарем мојот престап не можеш да го поднесеш? Зарем не можеш да го презреш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку и во правот ќе легнам; утре ќе ме побараш, а веќе нема да ме има.


Превземено од Тивериопол.мк

 

Избор од фб профил на

Симеон Стефковски

 

Мај 2021 лето Господово