38.machenici1

Молитва во немири

Но, како можеме да се молиме во состојба на вознемиреност? Би сакал да дадам неколку примери и да покажам дека е можно. Оваа вознемиреност скоро би можел да ја наречам предност, бидејќи како груба карпа, ни помага да се искачиме по неа, кога веќе не сме во можност да летаме.
Првата случка е преземена од Житието на светителите. Некој безимен подвижник се среќава со друг подвижник, молитвеник, на планината. Тие започнуваат разговор во кој едниот, кој е воодушевен од молитвениот дух на неговиот придружник, прашува: „Оче, кој те научи да се молиш без прекин?’’ А тој сфаќајќи дека човекот е духовно искусен, одговара: „Не би рекол никому, но тебе ќе ти ја кажам вистината - тоа беа демоните“. Тогаш првиот рече: „Мислам дека те разбирам, оче, но дали можеш да ми објасниш подетално, за да не те разберам погрешно“. Тој му  раскажа:
„Кога бев млад, бев неписмен и живеев во мало село во рамнините. Еден ден влегов во црква и слушнав ѓакон како го чита посланието на апостол Павле, кој ни заповеда да се молиме без престан. Кога ги слушнав тие зборови, некоја радост ме стопли и на крајот на службата, со голема радост го напуштив моето село и заминав во планините, за да го поминам животот исклучиво во молитва.
Таа состојба траеше во мене неколку часа. Тогаш ноќта почна да паѓа, стана постудено и почнаа до мене да допираат чудни шумови, чекори и завивања. Неколку страшни очи блескаа околу мене. Ѕверовите излегоа од своите дувла за да го ловат пленот што Бог им го дал како храна. Бев преплашен и додека сенките стануваа сè подлабоки, мојот страв стануваше сè поголем и поголем. Целата ноќ ја поминав во ужас од стапки, удари, сенки, блескави очи, свесен за мојата беспомошност, знаејќи дека немам каде да се обратам за помош. Тогаш почнав да Му викам на Бога само со оние зборови што ми паднаа на ум: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме, иако сум грешник!“
Така помина првата вечер. Утрото стравовите исчезнаа, но бев гладен. Барав храна по грмушките и ливадите, но одвај го задоволував мојот глад. И кога сонцето повторно зајде, почувствував дека се враќаат ужасите на ноќта ... Почнав да повикувам по Бога, го изразував мојот страв и мојата надеж ... Па така, минуваа деновите, а потоа и месеците. Се навикнав на морничавоста на природата, но како што се молев, од момент во момент ќе се појавеа нови искушенија и неволји. Демоните и страстите почнаа да ме напаѓаат од сите страни, и откако ноќните ѕверови престанаа да ме плашат, силите на темнината беснееја против мојата душа.
Тогаш дури и повеќе од порано, извикав кон Господа со зборовите: „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“ Оваа борба траеше со години. Еден ден изнемоштев. Во мојата агонија и беда, почнав без престан да повикувам по Бога, но немаше одговор. Бог ми се чинеше неизмоллив, и бидејќи веќе беше скршена последната нишка надеж во мојата душа, Му се предадов на Господ, велејќи Му: „Ти молчиш, не се грижиш за ова што ми се случува, но ти си сепак мој Бог и мој Господар, и јас повеќе би сакал да умрам на ова место отколку да се откажам од молитвата! “
И тогаш, одеднаш, Господ ми се појави и сè околу мене се смири. Дотогаш ми се чинеше дека целиот свет е во темнина, а сега го гледав како се капе во Божествената светлина, сјае со благодатта на присуството на Бога, кое одржува се’ што е создадено. Потоа, со многу љубов и благодарност, Му ја кажав на Бог единствената молитва што изразува сè во мене: „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот! И оттогаш, во радост и страдање, искушение и борба, или во часот кога ми доаѓа мирот, овие зборови секогаш избиваат од моето срце. Тие се песна на мојата радост, мојот повик кон Бога, мојата молитва и моето покајание “.
Овој пример на непознатиот подвижник ни покажува како страдањето, очајот и немирот ги извлекуваат овие молитвени зборови од нас. Тој очаен крик, роден во надеж посилен од очај, се храни од очајот и го надминува.


~ Митрополит Антониј (Блум) „ХРАБРОСТ ЗА МОЛИТВА’’

 

 Подготви: Снежана Корнет

 Мај 2021 лето Господово