19042009

Патот на подвижникот (За тмурните времиња)


Времето се менува – од облачно кон сончево, од ведро кон врнежливо. Така е и со човечката природа. Понекогаш мора да очекуваш дека темни облаци ќе го прикријат сонцето. Дури и светителите имале свои мрачни моменти, часови, денови, па дури и години. Тогаш говореле дека се „од Бога напуштени“, за во нивната совест да го врежат сознанието дека сами од себе, без Негова помош, се навистина бедни и мизерни. Ваквите тмурни времиња, кога ни се чини дека сè е бесмислено, глупо и залудно, кога сме нападнати од сомнежи и секакви искушенија, се неминовни и неизбежни. Но, дури и таквите моменти може да се искористат за добра жетва.


Следниов пример на света Марија Египетска може да ни помогне при надминувањето на тешките моменти на темнината. Таа, четириесет и осум години живеела во задјорданската пустина, и кога ја напаѓале искушенијата, кога ја мамеле сеќавањата од нејзиниот претходен грешен живот во Александрија да ја напушти пустината во која со своја волја отишла, легнувала на земја, во плач Го повикувала Бога за помош, и никако не се подигнувала сѐ додека срцето не би ѝ се смирило. Првите години ѝ биле особено тешки; понекогаш морала вака да лежи и по неколку дена; но по седумнаесет години таа се стекнала со мир.
Кога ќе настапат вакви денови, повлечи се во тишина. Не подлегнувај на искушението да излезеш со друштво, не барај забава. Не сожалувај се, не барај утеха во ништо, туку искрено помоли се на Господа на овој начин: „Боже, дојди ми на помош, побрзај Господи да ми помогнеш“ (Пс. 69, 1)! „Затворен сум и не можам да излезам“ (Пс. 87, 😎. Вистинска помош не можеш да очекуваш од некој друг извор. Не фрлај го во вода сето она што досега си го стекнал како случајна добивка. Сега е време кога се испитува твојата долготрпеливост и истрајност. Ако го издржиш овој испит, заблагодари Му на Бога што за тоа ти даде сила. Ако пак не можеш да издржиш, веднаш подигни се, помоли се за милост и помисли: го добив заслуженото. Самиот тој пад е твојата казна. Премногу си се потпирал на себе и сега имаш прилика да видиш до каде те има тоа доведено. Сега имаш искуство – не заборавај да заблагодариш за него.


Тит Колиандер
Извор: tiveriopol.mk

 

Избор од фб профил на

Simeon Stefkovski

 

Јуни 2021 лето Господово