TViTer70

А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот блесок.

И извика силно, зборувајќи со висок глас: „Падна, падна Вавилон великиот, кој стана ѓаволско живеалиште и на секаков нечист дух засолниште. Стана тој збиралиште на сите нечисти и гадни птици, оти со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи.

И земните цареви блудствуваа со него, а трговците се збогатија од неговата голема раскошност!“

И чув друг глас од небото како вели: „Излезете од него, луѓе Мои, за да не учествувате во неговите гревови, и да не се заразите од неговите рани;

бидејќи гревовите му стигнаа до небото, и Бог си спомна за неговите неправди.

Наплатете му како што и тој ви плати вам, и дајте му двојно за децата негови; со чашата, со која што ве служеше, двапати послужете го.

Колку што се прославуваше и живееше раскошно, толку мака и јад вратете му. Оти тој во срцето свое вели: „Седам како цар, вдовец не сум и јас мака нема да видам.“

Затоа, во еден ден ќе го спотераат поразите: смрт, тага и глад, ќе биде изгорен во оган, зашто силен е Господ, Кој му суди.

И кога ќе го видат димот од горењето негово, ќе заплачат и ќе заридаат по него царевите земни, кои што со него блудствуваа и живееја раскошно,

па стоејќи од далеку, од страв пред неговите маки ќе велат: „Тешко, тешко, граду голем Вавилоне, граду силен, оти во еден час настапи твојата пресуда!“

И трговците земни ќе плачат и ридаат по него, бидејќи нивните стоки нема веќе никој да ги купува:

стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви нешта од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо, мермер;

и цимет и темјан, миро и ливан, вино и елеј, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки.

И овошјата, за кои душата ти копнееше, се отстранија од тебе, и сѐ што е масно и светло исчезна од тебе, и веќе нема да го најдеш.

Трговците, кои со тие стоки се збогатија од него, ќе стојат од далеку заради страв пред маките негови, и плачејќи, и ридајќи

ќе зборуваат: „Тешко, тешко тебе, граду голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,

зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!“ И сите сопственици на лаѓи, и сите патници во лаѓите, и морнарите, и оние, што тргуваат по море, застанаа од далеку

и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: „Кој беше велик како овој голем град?“

И ги посипаа главите свои со пепел, и со плачење викаа и велеа: „Тешко, тешко тебе, граду голем, со чии драгоцености се збогатија сите оние што имаа лаѓи по морето; оти за еден миг сѐ се запусти!“

Весели се поради тоа, небо, и вие свети апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!

Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: „Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема него повеќе!“

И глас на гуслари, пејачи, свирачи и трубачи, нема веќе да се чуе во тебе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденички камен повеќе нема да се слушне во твојата внатрешност.

И светлина од светила повеќе нема да засветлат, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи твоите трговци беа големи луѓе на земјата, и преку твоите магии се заблудија сите народи.

И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите оние што беа избиени на земјата.

Откровение на светиот апостол Јован Богослов (гл. 18, 1-24)

 

Извор:

https://www.tiveriopol.mk/od-tvoite-magii-se-zabludija-site-narodi/?fbclid=IwAR2vjf-ou2Bdtm-OZ3ioPzaWr9yx7JSzXKDTlTJvX2Jp_tZS3dB-Ng3VjuI