TVIT135.farisejot2

 

ПРАВЕДНОСТ И ПОКАЈАНИЕ

           Денешната недела на митарот и фарисејот е почеток на благословениот Триод, кој душевно и телесно не подготвува за празникот Пасха.
Ова е период на усилена  молитва и оваа молитвена атмосфера помага да се открие внатрешната состојба на личноста. Расположението на човечката душа се пројавува при молитвата, па не случајно Христос ни ги покажува митарот и фарисејот во моментот кога се молат, за да го разоткрие контрастот меѓу нив.
Начинот на кој фарисејот се моли говори за неговата нарушена духовна состојба, поради која тој останува неоправдан. Со молитвата „Боже, биди милостив кон мене, грешниот“ (Лука 18,13), митарот сведочеше за своето длабоко покајание и смирение, поради што „оправдан си отиде дома“ (Лука 18,14). Колку повеќе човекот се стреми кон самооправдување, толку повеќе се одвојува од Бога, и колку повеќе се смирува и не се смета за достоен за Божјата милост, толку повеќе ја стекнува Божествената благодат.

TVIT135.farisejot

          Фарисејската праведност секогаш останува надвор од границите на благодатта.
Пред сè, мора да нагласиме дека побожноста наоѓа израз не во нашето надворешно однесување, туку во нашето соединување со Христа и преку Него, со Света Троица. Апостол Павле ја поистоветува тајната на побожноста со Христовото воплотување. Тој напишал: „ А, несомнено, голема е тајната на побожноста. Бог, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ангелите, проповедан на народите, веруван во светот, вознесен во слава. “ (1. Тим. 3:16).
Затоа, побожноста не е човечко дејствие и пројавување, но  единство со Христа, додека лицемерието е разделена состојба. Добродетелите на лицемерот не се плодови на живот во Христа што зрее во атмосфера на покајание, туку човечки дела направени со цел да бидат изложени. Спротивно на тоа, доблестите и делата на побожниот човек се плодови на Светиот Дух и резултат на неговото соединување со Христа. Затоа, добродетелите имаат длабоко богословско значење, тие не се природна манифестација на животот, ниту навика, туку дарови и дејствија на Светиот Дух, кои му се даваат на оној човек кој преку Божјите заповеди го потчинува своето тело на својата душа,  а неговата душа  - на Бога.
          Несомнено, сами по себе, овие дела не го оправдуваат човекот, бидејќи „добри дела“ можат да вршат и еретици и следбеници на различни религиозни системи, но тоа не го гарантира нивното спасение. „Добрите дела“ кои не се извршени во дух на покајание, туку на самооправдување, дополнително го одвојуваат човекот од Бога. Свети Григориј Палама поучувал: „Секоја добродетел делува во нас преку Бога, а ако Бог не делува во нас, тогаш во нас се пројавува секаква гревовност“. Човекот може да дава милостина, да се воздржува итн., но ако не поседува дух на смирение и не е таинствено поврзан со Црквата, тој е одделен од Бога во сите негови дела, така што, иако е воздржан, животот му останува гревовен.
              Затоа, добрите дела не го оправдуваат, ниту го осудуваат човекот, а оправдувањето и осудата зависат од неговиот однос со Богочовекот Христос. Пример за ова се двајцата разбојници на Голгота. Едниот беше спасен не поради неговите добри дела, затоа што тој беше злосторник, туку затоа што го исповедаше Христа. Другиот беше осуден не поради неговите злосторства, затоа што не беше полош од првиот, туку затоа што хулеше на Христос. Затоа, нашето спасение зависи од нашиот однос со Христос и Неговото Тело, Црквата.
             Мораме да забележиме дека човекот кој се соединил со Христа и Го исповеда прави добри дела, но тие се плод на Светиот Дух и тој не чувствува потреба, како фарисејот, да ги истакнува. На тој начин покажува дека живее во духот на спасението и е свет. Затоа што светоста не е морален концепт, туку соединување на човекот со Христос во Црквата.
          Од мудроста на светите отци и од современата наука знаеме дека човекот кој паднал во грешна состојба е агресивен. Обично оние кои имаат внатрешни проблеми и внатрешни несигурности постојано ги напаѓаат другите. Ова е она што го гледаме со фарисејот во параболата. Бидејќи, како лицемер и себичен, тој не се ограничил само на фалење со своите „доблести“, туку го нападнал и цариникот велејќи: „ ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; разбојници, несправедливи, прељубници, или како овој цариник.  “ (Лука 18:11).

TVIT135.farisejot1
           Спротивно на тоа, оние кои имаат внатрешна слобода не ги оскрбуваат другите. Ја почитуваат нивната слобода. Такви се Божјите светители. Се доближуваш кон некој светител и ја чувствуваш неговата бескрајна љубов кон човештвото, поточно Божјата љубов кон човештвото, затоа што преку светителите се открива Самиот Христос, кој е архетип на првосоздадениот човек.
Она што му недостига на современиот човек не е „слободата“ туку Христос, Кој е вистинска слобода, вистина и живот. Оваа опиплива слобода ни ја откриваат Божјите светители кои постојат и денес.

Автор: Митрополит Јеротеј (Влахос) Навпактски
Извор: johnsanidopoulos.com / bogonosci.bg
За Преминпортал Симеон Стефковски

5ти февруари 2023 лето Господово